Најважната работа во животот на Кристина Мекгинис, според нејзините зборови, е грижата за нејзините деца. Иако е разведена, таа сè уште живее со поранешниот сопруг поради нивните деца.
Манекенката Кристина Мекгинис (38) има три деца со поранешниот сопруг Пади Мекгинис – единаесетгодишните близначки Пенелопи и Лео и осумгодишната Фелисити. Кај сите три деца е дијагностициран аутизам.
Родителите почнале да се сомневаат дека нешто не е во ред кога сите нивни деца ја добиле истата дијагноза, а тоа ја поттикнало и Кристина на 33 години да направи тестирање.
Иако Кристина и Пади повеќе не се во брак, тие сè уште живеат заедно во семејниот дом поради децата.
Во петочната епизода на емисијата „Parent Unplugged“, Кристина призна дека најтешкиот дел од родителството за неа е да ги подготви децата за живот без неа, иако таа не може да замисли живот без нив.
Покрај тоа, секојдневието носи низа предизвици со кои таа се соочува.
Подготовка за самостоен живот
Воздржувајќи ги солзите, таа ѝ рекла на водителката Шерис Халсал:
„Ова е навистина длабока тема за почеток. Тоа е сознанието дека ги подготвувам моите три деца да живеат без мене, кога јас не можам да живеам без нив.“
„А зошто чувствувате дека треба да ги подготвите за тоа?“, ја прашала водителката.
„Тоа е, секако, работа на секој родител или негувател. Нормално е дека сакаме нашите деца да бидат среќни, успешни и сето останато. Но, всушност, сакаме да знаеме дека кога еден ден повеќе нема да бидам тука, тие ќе можат да се справат со тоа.“
„Мислам дека тоа беше најголемото сознание – јас не можам да живеам без овие три деца, а еден ден тие ќе мораат да живеат без мене. Затоа морам да ги подготвам да бидат што е можно посамостојни, особено поради нивните дополнителни потреби.“
Кристина претходно зборуваше за аутизмот на своите деца и за предизвиците со кои често се соочуваат родителите на невродивергентни деца, во емисијата „Woman’s Hour“ на Би-би-си.
Зборувајќи за своите деца и начинот на кој кај нив се манифестира аутизмот, таа рече:
„Различно е кај сите три деца, исто како што е различно кај сите деца со аутизам. Секогаш велам: ако сте запознале една аутистична личност, сте запознале само една. Не сме сите исти. Моите три деца се доказ за тоа.“
„Нивните карактери, начинот на кој играат, начинот на кој се дружат, начинот на кој комуницираат – сè е целосно различно.“
Заеднички предизвик за децата со аутизам
Во емисијата, Кристина разговара и за тоа дека голем дел од игралиштата во Велика Британија не се приспособени за деца со попреченост.
„Една работа што ја имаме заедничка со многу семејства е наоѓањето места за игра, особено на отворено, кои се соодветни за нив. Тоа е вистински предизвик. Бројот на места каде што можеме да одиме е многу ограничен, а не станува полесно како што растат.“
Објаснувајќи ги предизвиците, таа вели:
„Тешко е да се најдат места приспособени за нив, каде што ќе се чувствуваат вклучени заедно со другите деца. Нема многу паркови или игралишта на отворено што имаат сензорна опрема.“
„Или места што имаат тивка зона, или се оградени за да бидат безбедни. Тоа е особено важно за децата со дополнителни потреби, особено за невродивергентните деца, кои понекогаш немаат целосна свесност за опасностите околу нив.“
„Многу е важно да има игралиште со ограда каде што можам да ја затворам капијата. Ако се преоптоварат, или дури и ако се многу возбудени, можат да почнат да трчаат, да се качуваат или да бидат престимулирани.“
Таа додала дека истражувањата покажуваат оти нема доволно вакви места и дека некои семејства патуваат и до 13 километри или повеќе за да најдат соодветна локација за своите деца.
„Играта на отворено треба да биде достапна за сите. Тоа е право на секое дете и не треба да биде толку ограничено како што е сега.“
Децата ја поттикнале да го открие сопствениот аутизам
Кристина зборувала и за својата дијагноза на аутизам и АДХД, која ја добила на 33-годишна возраст.
Таа открила дека почнала да се сомнева дека и самата е аутистична откако на нејзините деца им бил дијагностициран аутизам.
„Откако на моите деца им беше поставена дијагноза, не разбрав зошто се сметаат за различни, бидејќи тие се токму како мене.“
„Кога ја добија дијагнозата, морав да си кажам: имаме сличности, тоа е нешто што ни е заедничко.“
„Мислев дека е така само затоа што се мои деца. Нормално е да бидат како мене. Но, имаше области со кои многу се боревме – како дружењето, проблемите со сензорната исхрана и самото излегување надвор, особено на побучни и пофреквентни места, со што и јас отсекогаш сум имала тешкотии.“
„Едноставно мислев дека тоа сум јас и дека е дел од мојот карактер. Во некои аспекти можеби е така, но тоа не нè дефинира целосно. Да, јас сум аутистична и имам АДХД, но јас сум и понатаму јас. Тоа е само дел од мене, а тоа го прифатив и кај себе и кај моите деца.“
„Кога сфатив дека тоа се должи на аутизмот и АДХД, многу прашања добија одговор, но се отворија и многу нови. Тоа многу ми помогна. Секогаш ги разбирав моите деца, но ова ми помогна да ја зачувам силната врска што отсекогаш сме ја имале.“
Кристина заклучува:
„Ми помогна да им покажам дека сè ќе биде во ред, дека мама може да прави работи и дека и тие ќе можат да прават работи.“
Фото: Printscreen
Децата ја поттикнале да го открие сопствениот аутизам