Пред времето на мобилните телефони и интернетот, летниот распуст имаше поинаква магија – улиците беа полни со деца, а најголемата среќа се криеше во едноставните игри и дружењето до доцна навечер.
Кој ќе го заборави звукот на старото нинтендо, борбата кој прв ќе стигне до контролерот и моментот кога касетата „не фаќаше“, па сите ја дувавме за да проработи? Кој последен пат седнал пред телевизорот со тетрис во рака и се обидувал да го собори сопствениот рекорд? Тоа беа малите радости што правеа големи спомени.
Летата некогаш имаа поинаков ритам. Деновите поминуваа надвор – со ластик пред зграда, играње „Не лути се човече“ на маса со семејството, криенка во маало, фудбал на улица и собирање со другарите штом ќе паднеше сенка. Немаше паметни телефони, немаше социјални мрежи, а најважното нешто беше кој ќе биде последен што ќе си оди дома.
Сите имавме омилена игра, омилен другар за натпреварување и некоја мала „детска“ расправија која денес ни изгледа смешна. Се паметат турнирите со конзоли, долгите попладниња поминати во играње карти, плочките, џамлиите, скокањето ластик и моментите кога маалото живееше како едно големо семејство.
Денес технологијата го промени начинот на кој децата се забавуваат, но спомените од тие безгрижни денови остануваат посебни. Можеби игрите биле едноставни, но радоста била огромна. Неколку копчиња на нинтендо, неколку фигури на табла или едно парче ластик беа доволни за цел ден исполнет со смеа.
Која игра ве враќа во најубавите летни денови од детството? Дали сте биле тим за нинтендо, тетрис, „Не лути се човече“, ластик или некоја друга игра што денес со насмевка ја паметите? Споделете во коментар – да видиме која генерација со што растеше.
фото: приватна архива