КАТАРИНА ИВАНОВСКА – „Најголемата победа е да се сакаш себеси“

Ретка, моќна исповед на македонската икона на светската мода

Катарина Ивановска – икона на модата, мајка, жена со јасен став и инспиративна приказна за вистинска самодоверба.

Во светот на висока мода, каде што совршенството често се меша со притисокот, и каде што сјајот на насловните страни често ја кријат најдлабоката борба со самодовербата, Катарина Ивановска блеска како ретка и искрена ѕвезда.

Во далечната 2014 година таа изјави дека „ужива во секој дел од својата професија“, а денес – 12 години подоцна – таа е посвесна, помудра и посвртена кон вистинските вредности на среќата, љубовта и себе‑прифаќањето.

Познатата македонска манекенка со светска кариера започна на модните писти уште како тинејџерка – во 2004 година ја освои модната сцена по победата на Look Models International и првата појава на Milan Fashion Week што ѝ отвори врати кон интернационални елитни соработки.

2014 vs 2026 — од уживање во модата до вистинско себесакaње

2014: „Уживам во секој дел од мојата професија.“
2026: Со текот на годините, љубовта кон професијата само се продлабочи. Денес уште повеќе уживам, затоа што научив да одбирам проекти што ме инспирираат и ме исполнуваат. Најдраг ми е креативниот момент, кога идејата оживува пред камерата. Кога би можела нешто да избегнам — тоа би биле долготрајните снимања.

Катарина има соработувано со врвни модни списанија како Elle, Citizen K, Stiletto, како и со италијанското и руското Vogue.

Патување, инспирација и вистински моменти

2021: „Жал ми е што не можам повеќе да патувам.“
2026: Слободата да патувам за мене значи простор да дишам и да се инспирирам. Во последните години посетив неколку европски дестинации, но најубавите спомени секогаш се врзани со морето, сонцето и моментите кога сум целосно присутна, без брзање.

Во 2025 година Катарина уживаше во романтично патување во Атина со својот партнер Стефан Ханџиски, споделувајќи фотографии полни со стил и атмосферски детали од престојот.

Најголемата победа: Да се сакаш себеси

2021: „Најголемата лекција што ја имам научено е да се сакам и почитувам себеси, наместо да се стремам да бидам најдобра во туѓите очи, а несреќна.“
2026: И денес верувам дека најголемата победа е да се сакаш себеси. Со искуството дојде разбирањето дека не мораш да бидеш совршен за да бидеш доволен. Самопочитта ја научив преку прифаќање — на сопствените граници, но и на сопствената сила. Кога престанав да се гледам низ туѓите очи, почнав вистински да блескам.

Оваа промена од идеалистички стремеж кон вистинска зрелост е најважниот дел од нејзиниот пат — и инспирација за многу жени денес.

Баланс: Кариера, мајчинство и мир во срцето

2021: „Си посакувам повторно да почнам со работа.“
2026: Денес си посакувам баланс и смисла во секој проект што го работам. Најсреќна ме прават едноставните моменти со Вања и Кира и чувството на благодарност за сегашноста. Во иднина, би сакала уште повеќе креативни предизвици, но со истата леснотија и внатрешен мир што ги имам сега.

Катарина е посветена мајка и релативно ретко се појавува во медиумите, но отсекогаш ја истакнува среќата што ѝ ја носат децата и семејните моменти.

За нејзината кариера на светските писти

Родена на 18 август 1988 година во Скопје, Катарина ја започна меѓународната кариера уште во 2004 година и отсекогаш беше една од најуспешните манекенки од регионот. Има настапувано на Milan Fashion Week, работела со брендовите Dolce & Gabbana, се појавувала на насловни страни и реклами и подолго време соработувала со Victoria’s Secret.

Катарина Ивановска денес не е само модел на светските писти — таа е симбол на самопочит, баланс, мајчинство и креативно женско живеење.

Најголемата победа — да се сакаш себеси — не е само фраза, туку животна вистина што ја претставува со секој свој чекор“, вели таа.

Разговарала: Марија Лукаревска

Фото: Инстаграм, Убавина и здравје

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе