Предизвикот од 250.000 чекори за една недела на Џеки Маси Велш му донел не само физички промени, туку и нови сознанија за здравјето и кондицијата
Колку чекори дневно треба да правиме за да бидеме поздрави? Додека повеќето препораки зборуваат за 7.500 до 10.000 чекори дневно, британскиот јутјубер Џек Маси Велш одлучил да отиде неколку чекори подалеку – поточно да направи 250.000 чекори за само седум дена – тоа се 210 километри за 35 часа одење.
Познат по тоа што на својот јутјуб-канал редовно тестира необични предизвици и ги поместува сопствените граници, Велш си поставил цел секој ден да прави по 35.000 чекори.
Тоа се речиси три и пол пати повеќе од вообичаените дневни препораки, а подразбирало часови поминати во пешачење, без оглед на временските услови или заморот.
Шетал и до 5 часа дневно
Како што објаснил во своето видео, предизвикот не бил воопшто едноставен. Секое утро одел на долга прошетка, а потоа, истата рутина ја повторувал навечер за да ја постигне дневната цел. Некои денови одел повеќе од пет часа, планирајќи ги оброците, работата и слободното време исклучиво околу пешачењето.
За време на предизвикот, шетал по градски паркови, населби и природни патеки, често ја менувал рутата за да ја разбие монотонијата. И покрај тоа, признал дека последните денови биле многу понапорни психички од првите, бидејќи телото станувало сѐ поуморно.
На крајот од седумдневниот предизвик, Велш споредил фотографии и телесни мерки направени пред почетокот на експериментот.
„Интересно, всушност постои визуелна разлика. Изгледам потенко отколку на почетокот, што не го очекував“, рекол тој покажувајќи фотографии „пред и потоа“.
Физичките промени настанале за кратко време
Покрај видливите промени во изгледот, тој симнал околу еден и пол килограм телесна маса. Обемот на струкот му се намалил, а забележал и помалку масни наслаги во долниот дел од стомакот.
Единствено, обемот на бутовите му бил малку поголем – за околу половина сантиметар, што му го припишува на зголеменото оптоварување на мускулите за време на секојдневното одење.
Особено го изненадила промената на листовите, кои станале видливо поизразена по една недела речиси непрекинато движење.
„Не очекував дека ќе има видливи промени, така што ова навистина ме изненади“, рекол тој.
Сепак, овој интензитет на физичка активност оставил последици. Уште за време на предизвикот му се појавиле бројни плускавци, едниот нокот на ногата му поцрнел, а зглобот му бил отечен. По крајот на експериментот, болките во стапалата и зглобовите продолжиле уште неколку дена.
И покрај сѐ, Велш смета дека предизвикот вредел за трудот, пред сѐ поради чувството на лично достигнување.
„Најголемата награда беше неверојатното чувство дека успеав да завршам нешто што на почетокот ми се чинеше речиси невозможно“, рекол тој.
Во продолжение погледнете како изгледал целиот негов експеримент…
ФОТО: ЈУТЈУБ