Македонскиот композитор и пијанист Никола Мицевски испиша нова страница во домашната музичка историја, пласирајќи се во финалето на престижните светски музички награди InterContinental Music Awards (ICMA) во Лос Анџелес. Со тоа, тој стана првиот македонски музичар што успеал да обезбеди место меѓу финалистите на ова реномирано меѓународно натпреварување.
Мицевски во финалето влезе со својата инструментална композиција „TIME“, која е дел од албумот „New Era“ („Нова ера“). Делото е номинирано во категоријата „World Music“, благодарение на впечатливиот спој на автентичниот македонски народен мелос и современите симфониски аранжмани.
„Навистина сум среќен што мојата композиција се најде меѓу најдобрите дела од целиот свет. „TIME“ е универзална музика, но со препознатлив македонски дух и карактер, а токму тоа ме прави особено горд. Овој натпревар е вистинска можност музиката на секој артист да допре до публика насекаде во светот. На сите финалисти им посакувам многу среќа и успех“, напиша Мицевски.
Квалитетот на композицијата беше препознаен и високо оценет од стручно жири составено од врвни холивудски продуценти, што претставува уште една потврда за нејзината уметничка вредност.
Во ова комплексно музичко дело со виртуозни гитарски делници гостува и познатиот македонски гитарист Дамјан Пејчиноски, додека режијата на видеоспотот ја потпишува Даниел Јовески.
Со овој успех, Македонија за првпат се најде на официјалната листа на финалисти на InterContinental Music Awards, рамо до рамо со музички уметници од повеќе од 100 земји. Воедно, Мицевски е првиот македонски автор што го претставува автентичниот македонски народен ритам и инструментален израз пред комисија составена од еминентни холивудски музички професионалци.
Победниците од финалниот круг на InterContinental Music Awards ќе бидат објавени на онлајн церемонија што ќе се одржи на 23 август 2026 година.