(ФОТОГАЛЕРИЈА) СВЕТСКО ШОУ НА ЈОВАН ЈОВАНОВ И ЕЛВИР МЕКИЌ ВО СКОПЈЕ: Полна сала облечена во бело!

Со концерт кој по продукција, енергија и сценски ефекти наликуваше на настапите на светските музички ѕвезди, Јован Јованов и Елвир Мекиќ приредија вистински спектакл во арената „Борис Трајковски“. Настанот, симболично наречен „Сензација во бело“, претставуваше големо враќање на сцената на дуото кое остави длабока трага на македонската музичка сцена во 2000-тите години.

Вечерта беше исполнета со безвременски хитови кои и денес подеднакво ги сакаат различни генерации. Додека повозрасните со носталгија се потсетуваа на деновите кога танцуваа на „Магија“ и „Некаде после два“.

Познати по тоа што отсекогаш ги следеле светските музички трендови, Јованов и Мекиќ и овојпат понудија врвно сценско доживување. Импресивната продукција, модерните светлосни ефекти, танчерите и внимателно осмислената кореографија создадоа атмосфера каква ретко се гледа на домашната сцена. Дополнителен впечаток оставија светлечките алки кои ги доби секој посетител на влезот, а кои во текот на концертот се вклопуваа со сценската визуелизација и создаваа магична слика во арената.

На сцената им се придружија бројни музички соработници и пријатели, меѓу кои Адријан Гаџа, Врчак, Тони Зен и Маја Саздановска. Особени емоции предизвика настапот на Гаџа и Врчак, кои по подолго време повторно се појавија на голема сцена. Публиката во еден глас ја пееше легендарната „Магија“, победничката песна на Макфест од 1998 година.

Тони Зен уште еднаш покажа зошто е еден од најпрепознатливите рапери кај нас, изведувајќи ги своите хитови „Скандал“ и „Интелект“, како и дуетот „Итно ми требаш“. Силни реакции од публиката предизвика и настапот на Маја Саздановска, чии дуети дополнително ја раздвижија атмосферата во салата.

Посебно внимание привлече и настапот на Пајак, еден од најпопуларните претставници на новата музичка генерација. Како долгогодишен пријател и соработник на Елвир Мекиќ, Јован Јованов и продуцентот Иван Јованов – Ивајо, тој беше дел од тимот кој ја развил идејата за овој концерт. За време на својот настап тој ја искористи приликата за да го најави својот нов албум, кој ќе биде објавен на 17 јуни.

Специјални гости на концертот беа и српските музичари Џус и Слаѓа Делибашиќ, кои дополнително придонесоа за атмосферата и регионалниот карактер на настанот.

Еден од најемотивните моменти на вечерта беше обраќањето на Елвир Мекиќ до публиката, кога зборуваше за децата на двајцата музичари. Тој откри дека неговиот син Дарис допатувал од Сараево, додека ќерката на Јованов, Малеа, пристигнала од Канада за да присуствува на концертот.

Иако денес живеат на различни страни од светот – Мекиќ во Сараево, а Јованов во канадската покраина Онтарио – нивната музичка приказна и пријателство остануваат подеднакво силни.

Во духот на насловот „Сензација во бело“, белата боја доминираше и на сцената и меѓу посетителите, кои го испочитуваа дрес-кодот и создадоа впечатлива глетка во преполната арена.

Во текот на речиси двочасовниот концерт, публиката беше сведок на уникатен спој на модерна продукција и носталгија за музиката што го одбележа крајот на 90-тите и почетокот на новиот милениум. Дополнителна оригиналност внесе употребата на вештачка интелигенција во воведниот дел од шоуто, додека бисот беше побаран на несекојдневен начин – преку гласовната асистентка Алекса, што предизвика воодушевување кај присутните.

Концертот уште еднаш потврди дека музиката на Јован Јованов и Елвир Мекиќ останува дел од колективната меморија на публиката и дека нивните хитови успешно ги поврзуваат генерациите. Со многу емоции, безвременски песни и продукција на светско ниво, „Сензација во бело“ ќе остане запаметена како една од највпечатливите музички вечери годинава.

 

Текст: Татјана Пуленџовска

Фото: Горан Десковски

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе