Еве како изгледал животот на Лиса Монтгомери, жената што била погубена вчера: На поротата ѝ требале 5 часа за да ја осуди на смрт!

Верувале или не

Ова е првиот случај на погубување жена уште од 1953 година

Вчера во Индијана била погубена Лиса Монтгомери, единствената жена која ја чекала својата смртна казна во сојузниот затвор. Нејзиното погубување е првото спроведено на жена уште од 1953 година.

Монтгомери (52) во 2007 година била осудена во Мисури поради киднапирање и убиство на Боби Џо Стинет, жената која била во осмиот месец од бременоста и чие бебе го извадила од матката. Детето преживеало.

Погубувањето на Монтгомери било повеќе пати одлагано, бидејќи одбраната тврдела дека таа не е психички способна да ја сфати причината за казната, меѓутоа Врховниот суд ги отстранил последните препреки, отфрлајќи ја одлуката на нижиот суд за одлагање.

Била злоупотребувана уште во најраното детство

Лиса Монтгомери цел живот ја следеле трагедии, а сето тоа започнало и пред да биде родена. Според изјавите на нејзиниот татко, мајката на Лиса, Џуди Саугнеси, се опивала во текот на целата бременост, поради што нивната ќерка била родена со фетален алкохолен синдром.

Првото сексуално злоупотребување го доживеала на само три години. Нејзината осумгодишна сестра Дијана тогаш ја силувал мажот кој требало да ги чува. Лиса цело време лежела во истиот кревет.

На 11 години го искусила тоа и на своја кожа. Нејзиниот очув Џек Клајнер, алкохоличар кој редовно ги тепал Лиса и нејзината мајка, ја силувал еднаш или два пати неделно. Во наредните години силувањето станало толку вообичаено што Клајнер изградил посебна соба покрај нивната камп-куќичка, во која можел да ги злоупотребува без никој да чуе и да им помогне.

Додека ја силувал и злоупотребувал, очувот ја гушел Лиса со перница. Кога се спротивставувала, ѝ ја удирал главата во бетонски под, поради што претрпела повреди на мозокот, кои подоцна биле видливи и на магнетна резонанца.

Кога нејзината мајка во една пригода влегла во собата за време на силување, била толку бесна што земала пиштол и го ставила на глава на ќерка ѝ. Викала: „Како можеше да ми го направиш тоа?“

Со текот на времето, злоупотребувањето станувало сè полошо. Таткото на Лиса ги викал своите пријатели за со часови заеднички да ја силуваат и да уринираат по нејзиното тело. Во злоупотребувањето учествувала и мајка ѝ која во замена за домашни обврски го продавала телото на Лиса на електричари и водоинсталатер.

Кога била тинејџерка, Лиса му се доверила на нејзин роднина кој во тоа време бил заменик шериф. Му кажала дека мажите ја врзуваат, тепаат и уринираат по неа. Наместо да ѝ помогне, роднината ја одвезол со автомобил и ја оставил во куќата на нејзиниот очув.

Кога мајка ѝ се развела од својот втор сопруг, таа и Лиса сведочеле на суд за сексуалното злоупотребување. Судијата ѝ пререкол на мајката дека требала да го пријави злоупотребувањето, но ни тој самиот не го направил тоа.

Во бракот побарала спас, но и сопругот ја силувал

На 18 години, Лиса Монтгомери се омажила за синот на нејзиниот очув. За само пет години брак, родила четири деца, но бракот сепак не ѝ овозможил бегство од злоупотребувањето. Братот на Лиса случајно нашол снимка на која се гледало како сопругот ја тепа и силува Лиса.

„Беше насилно како сцена од хорор филм. Ми беше мачно додека гледав. Не знаев што да ѝ кажам на сестра ми“, изјавил тој подоцна.

Пријателите и семејството почнале да забележуваат како Лиса сè повеќе се губи во својот свет. Нејзините адвокати тврдат дека тоа биле првите знаци на ментална болест, покрај биполарното нарушување, комплексното посттрауматично стресно нарушување, дисоцијативното нарушување и повредите на мозокот.

Лиса Монтгомери по некое време се развела од својот прв маж и се омажила за Кевин Монтгомери. Во тој период почнала да тврди дека е бремена, иако тоа не било возможно. Имено, по раѓањето на четвртото дете, Лиса подлегнала на постапка за трајна стерилизација.

Како што тврдат нејзините адвокати, Лиса се плашела дека поранешниот сопруг ќе ја фати во лага и ќе го искористи тоа за да добие старателство над нивните деца. Токму тој страв на крајот ќе ја доведе до злосторството поради кое Лиса Монтгомери ќе биде осудена на смртна казна.

Убиството на Боби Џо Стинет

На 16 декември, 2004 година, кога имала 36 години, Лиса Монтгомери од својата куќа во Канзас отпатувала во гратчето Скидмор во Мисури. Таму требала да се сретне со Боби Џо Стинет, жена во осмиот месец од бременоста, која ја запознала на форум за љубители на кучиња.

Претходно се договорила со Стинет дека ќе купи едно од нејзините кучиња, но штом Лиса влегла во нејзиниот дом, ја нападнала трудницата и ја задавила со јаже. Веднаш по убиството, со кујнски нож го извадила фетусот од матката. Детето преживеало и Лиса Монтгомери го однела во својот дом во Канзас. Тврдела дека тоа е нејзино дете, кое го родила ден претходно.

Полицијата многу брзо ѝ влегла во трага, ѝ го одзела детето и му го вратила на таткото.

По апсењето, адвокатите одбраната ја темелеле на теоријата дека Боби Џо Стинет ја убил братот на Лиса, иако тој имал цврсто алиби во тоа време. Тимот на адвокати што подоцна ја презел одбраната на Лиса Монтгомери тврди дека тој потег го уништил нејзиниот кредибилитет, поради што на крајот пропаднала одбраната заснована на непресметливост.

На поротата ѝ требале пет часа за да ја прогласат за виновна, а веќе следниот ден Лиса Монтгомери била осудена на смртна казна.

Вознемирувачко: Објавено видеото од убиството на актерката (ВИДЕО)
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.