Со иновативност до успех: Приказната на Елеонора Згоњанин Петровиќ, управителка на Штедилница ФУЛМ

Успешни жени

Веќе две децении Елеонора Згоњанин Петровиќ, управителка на Штедилница ФУЛМ, е една од клучните личности во нејзиниот развој, од оформувањето до интернационалните успеси и континуираниот растеж

Не е лесно да се напише накратко приказната за Елеонора Згоњанин Петровиќ, која неодамна одбележа 20 години успешна работа како управителка на Штедилница ФУЛМ, зашто таа е вистински вулкан од оптимизам, креативност и иновативни идеи!

Особено е горда што Штедилница ФУЛМ е прва и единствена финансиска институција во РС Македонија што доби Сертификат за усогласеност со европскиот кодекс на добро однесување при одобрување микрокредити, издаден од Европската комисија, од директоратот Вработување, социјални односи и инклузија.

За Елеонора, мотивацијата е клуч за секој успех. Отсекогаш ја фасцинирал моделот на кредитни унии, кој функционира во 118 земји во светот со единствена цел: „Луѓе им помагаат на луѓе“. Кога зборуваме што е пресудно за успех, таа смета дека ако ти е цел да бидеш директор со интегритет и почитување од вработените, органите на управување, деловните соработници и интернационалните партнери, секогаш мора да се водиш по принципот на праведност и правилност.

Секогаш со јасна цел и целосна визија за секој проект уште на неговиот почеток
За да бидеш успешен, мора постојано да учиш

За да бидеш успешен директор, мора константно да учиш, зашто знаењето „застарува“ по пет години. По завршувањето на Економскиот факултет во Скопје, Елеонора продолжува со учење на Универзитетот во Висконсин, па во Единбург, потоа магистрира на Шефилд, а сега е на ИКТ-докторски студии во Словенија. Во меѓувреме помина над 100 обуки за градење компетенции за управување со финансиска институција.

Интересно е што таа стана директорка на само 29 години. Во 2000 г., повеќето што не ја познаваа доволно мислеа дека прави голема грешка што се нафаќа да раководи со нешто толку непознато и различно од традиционалниот банкарски систем. Но тие што ја познаваа, знаеја дека таа секогаш е пред времето и дека за неа е предизвик да направи нешто неочекувано и ново.

Во 2009 г. магистрира на темата Телекомпјутинг (работа надвор од канцеларии) и ја подготвуваше ФУЛМ за овој модел. Благодарение на предвременото имплементирање, минатата година сите вработени можеа да работат од дома.

Откако започна кризата со ковид-19, уште еднаш се покажа дека преку користењето на дигиталните технологии нивните продукти се уште подобри и попристапни за секого.

Рушење на стереотипите

Во многу ситуации Елеонора ги руши стереотипите за директор и прави сѐ за квалитетно претставување на Штедилница ФУЛМ, чиј успех е многу повеќе признаен интернационално. Во 2009 г., во Калгари, Канада, аплицираше во Програмата за млади извршни директори на кредитните унии, заедно со млади од повеќе од 100 земји. Во своето знаење и компетенции воопшто не се сомневаше, но земајќи предвид дека доаѓа од земја што е непозната за повеќето учесници, реши да се појави во преубава македонска народна носија, која си го направи своето, сите сакаа да ја видат одблизу, да се сликаат, а на крајот, Елеонора беше избрана за еден од петте најдобри млади извршни директори во светот.

Вработување според знаењето и квалитетот

ФУЛМ е една од малкуте компании што ја враќаат вербата дека дури и без работно искуство, можете самостојно да се вработите со квалитетно работење и знаење. Тие воведоа практика да понудат стажирање, а потоа и работно место. Елеонора цврсто верува дека мора да се смениме и да почнеме да вработуваме според интегритетот, знаењето и компетенциите.

Идеите и креативноста се најважни

Елеонора е позната по креативните идеи, кои се голем поттик за вработените. Еден од најдобрите примери е желботеката во чест на јубилејот, 20 години работа на ФУЛМ, кога на вработените им беа исполнувани нивните желби, од велосипед и влезници за концерт до патување во Вашингтон и Лас Вегас.
Таа по убедување е постојан патник (constant traveller). Смета дека луѓето се среќни само кога им е полна душата со добри мисли и убави слики, а патувањата со најмилите се најдобра „алатка“ за остварување на среќата.

Подготвила: Миланка Рашиќ

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.