Што треба, а што не треба да правите доколку посакувате унапредување на работното место

Совети од професионалци

Ако навистина уживате во она што го работите, барем во одредени сегменти од работата, полесно ќе напредувате.

Освен со искрено залагање, ефикасност и подготвеност за исполнување на сите работни задачи, во деловното опкружување се важни уште многу други нешта – особено ако сакате да напредувате. Еве што (не)треба да правите на работното место…

 ЗАДОЛЖИТЕЛНО:

Посветете им внимание на другите

Некои луѓе се толку насочени кон остварување на сопствената цел што се однесуваат како никој друг да не постои во нивно опкружување. Саможивоста не е посакувана особина. Дури и ако се перфектни во работата, во фирма во која се работи тимски сепак не им припаѓаат сите заслуги.

Покажете заинтересираност на состаноците

Испраќање СМС-пораки, употреба на лап-топ или разговор со колегата за време на работен состанок е непрофесионално однесување, кое нема да ви донесе унапредување, без разлика колку и да сте добар работник. Затоа барем глумете заинтересираност.

Бидете информирани за работата со која се занимавате

Проширете ги своите извори на информации за својата професија надвор од канцеларијата. Тоа ќе ви донесе нови идеи за работата, како и дополнителни бодови кај претпоставените.

Трагајте по нови соработници

Пофалбите на сметка на колегите и изнесување предлози за нивно вклучување во некој проект е доказ дека мислите за доброто на фирмата, а не само на личната корист.

Сакајте си ја работата

Ако навистина уживате во она што го работите, барем во одредени делови од работата, полесно ќе напредувате. Од друга страна, ако со мака одите на работа и отворено го покажувате незадоволството, ќе предизвикате антипатии кај колегите и кај надредените.

НИКАКО:

Немојте да грицкате нокти и да ја вртите косата

Сите имаме некој тик, било да е свесен или несвесен. Меѓутоа таквите дејства укажуваат на недостиг на самодоверба, што секако не е за пофалба во работно опкружување.

Не обидувајте се сè да завршите сами

Поделете ги работните задачи со некого – вработените на високи позиции редовно го прават тоа. Размислете во кои сегменти ви е потреба туѓа асистенција, која ќе ви го олесни остварувањето на конечната цел. А потоа замолете ги колегите да ви помогнат.

На колегите не им ги откривајте своите амбиции и планови

Некои жени грешат и на сите колеги, освен на претпоставените, им зборуваат за својата тенденција да заземат одредена положба во фирмата. Немојте да го правите тоа. Секогаш прво поразговарајте со својот шеф.

Немојте недолично да се облекувате

Опкружувањето не секогаш забележува кога сте убаво облечени, но СЕКОГАШ забележува кога не сте. Се подразбира дека на работа нема да дојдете облечени како за вечерно облекување, но внимавајте на деталите – не претерувајте со шминка или со предолги нокти, длабоки деколтеа или со чевли на многу висока потпетица.

Немојте да живеете во канцеларијата

Резултатите се секогаш поважни од бројот работни часови. Повеќето работодавачи не водат сметка кога сте дошле на работа и колку долго сте се задржале, ниту пак, колку паузи сте направиле – се разбира, доколку успешно и на време ги завршувате работните задачи.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay, Getty Images

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.