#ПРЕТПРИЕМАЧ: Како да ја финансирате својата бизнис-идеја

Дали сте слушнале за crowdfunding?

Без разлика дали имате идеја за оригинален проект, проектирање на приватен бизнис или за негово унапредување, crowdfunding (групно финансирање) e идеален начин сето тоа да го забрзувате и истовремено да добиете повратна информација дали вашата идеја му се допаѓа на поширок аудиториум

Дали сте слушнале за crowdfunding? Се работи за собирање помали суми на пари од голем број донатори. Станува збор за систем кој им помогна на илјадници уметници, филмски работници и креативни луѓе да ги претворат своите сништа во реалност. Денес ваквото финансирање на деловните идеи е реалност која им е достапна на сите.

Развојот на новите ИТ-технологии имаше големо влијание врз финансискиот сектор, така што денес постои цела низа на веб-сајтови за crowdfunding, кои нудат секакви решенија, од финансиски планови, преку апликативни решенија до советодавна помош од експерти и тренери. Вие треба да им ја пренесете својата оригинална идеја на потенцијалните микродонатори, кои ќе ја препознаат вашата страст и ќе ви го олеснат патот кон успехот.

Како да почнете?

Самиот процес на подготовка треба да почне два месеца пред почетокот на кампањата. Во овој период, потребно е да најдете соодветна crowdfunding-платформа и да ја дефинирате целната група на потенцијални донатори. Ова се два клучни фактори на вашиот иден успех.

Луѓето што ги посетуваат сајтовите за crowdfunding се многу повеќе заинтересирани за вашата животна приказна одошто за самиот производ или за услугата со која сакате да се занимавате. Затоа е клучен емоционалниот аспект на вашата приказна за да одлучи некој да донира одредени средства. Искористете го тоа за да можете на соодветен начин да ѝ пријдете на целната група.

Во рамките на подготовките, потребно е да креирате профили на социјалните мрежи (Фејсбук, Инстаграм, Твитер…), да направите креативни решенија, како што се лого, мото на кампањата, хаштагови, посебна имејл-адреса и сето она за кое сметате дека на вашата компанија ќе ѝ обезбеди поголема сериозност и уникатност.

Создадете тим од советници од вашиот круг на пријатели, кои ќе придонесат со своите идеи проектот да добие на автентичност. Имајте на ум дека целите на кампањата треба да бидат реални и во секој случај мора да го содржат точниот износ на средства потребни за реализирање на идејата, бројот на луѓето што ќе бидат вклучени во проектот, деловните проекции и сите трошоци.

Зошто некој да вложи во вашиот проект?

Во зависност од идејата за која стартувате со кампања, можете да сметате на голем број ентузијасти подготвени да донираат без надомест, само ако проектот им е интересен и ако им се вклопува во системот вредности. Некои донатори се раководат од личниот интерес, па постои опција да им се одреди нивото на заработката која ќе им се врати поради вложените средства, слично како банкарски кредит. Од вас зависи на која целна група ќе ѝ се обратите.

Која платформа да ја изберете?

Crowdfunding-платформите имаат сопствени правила дали ќе ја прифатат или ќе ја отфрлат вашата идеја. Процесот на одобрување трае неколку дена, а неизвесноста може да ја отстраните така што детално ќе се информирате за деловната политика на платформата за која се определивте, како и за кампањите што се реализирани на неа.

Некои од најзначајни crowdfunding-платформи се:  

(www.indiegogo.com) Оваа платформа поддржува разни видови креативни и општествено одговорни идеи.

(www.fundanything.com) На оваа платформа не постојат ограничувања во поглед на вашата креативност.

(www.fundable.com) Платформата е наменета исклучиво за претприемачи и за мали бизниси.

Текст: Љубомир Петруљесков

Фото: Pexel, Unsplash

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.