Марина Анчевска: Животот е процес, а развојот е опција

Ве инспирираме!

Запознајте се со Марина Анчевска и дознајте нешто повеќе за НЛП-програмите и свесното лидерство

Позната е како НЛП-тренер, коуч и тренер за личен развој, но ова се само дел од занимањата што ја красат нејзината биографија. Марина Анчевска го живее она што го работи и е вистинска инспирација за нејзините клиенти, а ние ја прашавме кои се придобивките од НЛП-програмите, што е свесно лидерство и како може да се поттикне личниот развој…

Твојата кариера започнува во Холандија. Со какви знаења се стекна таму? Како успеваш да ги пренесеш тие знаења во Македонија и како тие се прифатени?

Во Холандија, каде што живеев и работев 17 години, ми започна најзначајниот период од мојот личен развој. Моето херојско патување започна со програмата за НЛП-практичар, продолжив со НЛП-коучинг, НЛП-мастер и секако НЛП-тренер. Истовремено посетував две реномирани академии, холистичка академија и академија за јога –учители кои на сета моја неформална едукација ѝ дадоа една друга димензија. Кога решив да се вратам од Холандија и да го пренесам моето знаење во Македонија, не очекував дека процесот ќе оди бавно и со многу препреки. На почетокот, во 2007 година, малкумина знаеја што е НЛП, коучинг, и малкумина инвестираа во својот личен развој. Бев упорна и верував во мојата мисија. Надеж ми даваа, тогаш малиот број луѓе и организации што веруваа во тоа што го работев и полека се приклучуваа во програмите што ги нудеше центарот. Имав огромна поддршка од моите најблиски и од медиумите, кои од почеток беа заинтересирани за тоа што го работам.

Сега си извршен директор на Центарот за Бизнис Психологија – Системски и НЛП – ЈИЕ. Како изгледа еден твој работен ден?

Во 2007 година ја основав Агенцијата за комуникација „Ксантика“, којашто во 2011 година ја ребрендирав во Центар за Бизнис психологија. Мојата работа е и мој стил на живот. Јас тоа што го предавам вистински и го живеам. Љубопитна сум и ги сакам луѓето. Денот секогаш ми започнува со јога, техники на дишење и медитација. Во зависност од обврските, некогаш сум активна буквално цел ден со тренинзи, коучинзи, состаноци и слично, а некогаш уживам на Водно или возам велосипед. Но и кога сум на планина или кога спортувам, јас креирам. Класичен работен ден од 9 до 5, за мене, не постои.

Кои услуги ги нуди твојот центар?

Центарот е специјализиран за НЛП програми. Истиот е акредитиран од најреномираната НЛП асоцијација и воедно е единствен центар на Балканот кој што сертифицира според стандардите на American Board of NLP (ABNLP). Сертификатите се валидни и признаени во цел свет. Покрај меѓународната НЛП сертификација организираме и корпоративни тренинзи. Најбарани тренинзи се Corporate Coaching, Conflict Management, Energy management, како и  уникатната програма Управување со организациски системи.  Организирам и разни работилници и настани на различни теми. Често сум ангажирана како мотивациски и конференциски говорник на различни настани во Македонија и интернационално. Покрај групните тренинзи, индивидуалните коучинзи имаат сè поголема посетеност.

НЛП, односно Невро-Лингвистичкото Програмирање, ги поврзува неврологијата, јазикот и програмирањето. Кои се придобивките од следењето на НЛП-програмите?

Во многу професии НЛП е задолжителен тренинг. Има примена насекаде, а кај нас најголем број од учесниците се на менаџерски позиции, сопственици на свои бизниси, психолози, како и многу поединци што се на некаква животна раскрсница и сакаат промена на лично и/или професионално поле. Некои доаѓаат за сертификатот, а некои од љубопитност, бидејќи инвестирањето во себе и кај нас станува тренд. Оние што ја поминале НЛП програмата имаат одлични комуникациски и лидерски способности, лесно се справуваат со стресни ситуации, знаат да бараат ефикасни решенија и да мотивираат, имаат поширока животна перспектива, размислуваат и дејствуваат системски.

Како изгледаат твоите тренинзи? Кои алатки ги користиш за да го пренесеш твоето знаење на најефективен начин?

Мојот пристап е холистички. Во моите тренинзи комбинирам сè: НЛП, коучинг, техники на дишење, семејни системи, танцување, како и јога-вежби за намалување на стресот и креирање поголема свесност. Ја запазувам хармонијата помеѓу сите полиња: менталното поле, полето на телото, на енергијата и на душата. Не користам класични презентации, туку моите тренинзи се интерактивни и практични и за секоја група креирам нешто различно. Многу успешно менаџирам конфликти и сметам дека најзначајната способност на еден тренер е да може да жонглира со различни емоции и животни погледи. Сакам забава и едноставност, така што во многу тренинзи, колку и да е комплексна темата, знам да ја пренесам пораката на суптилен начин и со мала доза на хумор. Понекогаш, поради сериозноста и заглавеноста во својата реалност, луѓето не можат да го видат решението.

Го покренуваш и движењето за свесно лидерство. Која е филозофијата што се крие зад овој поим?

Потребни се лидери што најпрво ќе бидат свесни за самите себе и за резултатите што произлегуваат од нивното дејствување во околината каде што живеат и работат. Свесното лидерство е нешто што веќе одамна живее во светот. Со сите политички, економски и еколошки промени, се наметна потребата од друг вид лидерство. Од ЕГО кон ЕКО лидерство. Свесниот лидер го работи тоа што го живее и обратно. За да се издигнеме на уште повисоко ниво на свесност, треба да разбереме дека начинот на којшто дејствуваме нема да нè одведе таму каде што сакаме да бидеме. Не се работи за цели, туку за стандарди. Свесното лидерство бара посветеност, грижа и почит кон колективното. Најзначајната одлика на еден свесен лидер е неговата развиена системска перцепција – умешноста секогаш да ја гледа поголемата слика. Целта на ова движење е преку разни настани, тренинзи и разговори да ги поттикнеме луѓето да ја разбудат страста во себе и свесно да преземат одговорност за личната среќа и задоволство, независно каде се и со кого работат и живеат.

Ја имаш напишано и книгата „Едноставно јас“, во која објаснуваш зошто сè зависи од нашата перцепција и личен избор…

Книгата е поттик за сите оние што се бараат себеси и сакаат да излезат од удобната зона. Насловот „Едноставно јас” се однесува на тоа како секој од нас може да биде едноставно свој. Треба да го живеете својот живот и да го правите тоа што ве усреќува. Притоа, никогаш да не заборавите дека среќата нема никакво значење доколку немате со кого да ја споделите. Отсекогаш сум сакала да бидам поразлична и да истражувам. Никогаш не сакам да го изгубам сонувачот во мене затоа што токму тој и невозможното го прави возможно. Проблемот е во тоа што повеќето луѓе сакаат да бидат некој друг. Доколку почнете навистина да се слушате, чувствувате, разбирате и прифаќате себеси, полесно ќе ги разберете и прифатите другите.

Препознатлива си по тоа што го живееш она што го работиш. Како го поминуваш слободното време?

Секој слободен момент го користам да спортувам или да пешачам. Сакам мотори и до пред некоја година имав свој мотор. Сакам да готвам и постојано креирам некои нови рецепти. Се хранам многу едноставно и ги следам потребите на моето тело. Читам книги и знам дома да си пуштам музика и да танцувам. Сакам патувања и ретко кога одам организирано. Сакам спонтаност и можност да го менувам правецот во кој што се движам.

Кои се твоите идни амбиции, на професионален, но и личен план?

Редовно учествувам на многу настани и конференции надвор од Македонија, но секогаш може повеќе. По мојата едукација минатата година во Флорида, лично кај Тони Робинс, веќе не постојат граници за тоа каде можам да бидам и да работам. Наскоро ќе се здобијам со највисокиот сертификат од областа на тренинзите, а тоа е НЛП Мастер тренер, која ќе ја добијам од најреномираниот НЛП Мастер тренер во светот, Роберт Дилтс. Со тоа ќе бидам и првиот балкански акредитиран НЛП Мастер тренер. Верувам дека овој сертификат ќе ми отвори уште повеќе врати. Промените се суштината на животот. Развојот е опција. Чувствувам љубопитност и возбуда за моето ново херојско патување!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.