Бидете рационален потрошувач: Совети како да заштедите пари

Корисни совети

Веќе некое време носите ручек на работа, сами ја бојадисувате косата, ги намаливте разговорите на фиксен и на мобилен телефон… Еве уште неколку совети како да заштедите пари…

Во паричникот имајте банкноти со поголеми апоени!

Многу се поголеми шансите дека ќе потрошите пари ако во паричникот имате ситни пари, кои изгледаат помалку вредни од крупните, заклучуваат многу истражувања.

Позајмувате – но не пари!

Ако сакате да прочитате нешто добро, да слушате музика или да одгледате филм, доволно е да позајмите книга, цеде или ДВД. Интернетот дава шанса за симнување различен материјал, што е голема заштеда, дури и покрај редовното плаќање на интернет-приклучокот.

Заборавете на кредитните картички

Луѓето трошат дупло повеќе ако купуваат со кредитни картички. Тоа е нормално, бидејќи не постои реално чувство за трошење. Од друга страна, „разделбата“ од книжните пари често е придружено со чувство за голема загуба.

Одлучете: потреба или желба

Анкетите покажуваат дека речиси 80% жени купуваат импулсивно водејќи се исклучиво од желбата нешто да поседуваат, а голем број од нив подоцна се покајуваат поради тој шопинг.

За да го прекинете овој маѓепсан круг, пробајте го овој трик: залепете на паричникот налепница со прашањето: „Дали навистина ми треба ова?“

Понекогаш само една мисла може да нè спречи да направиме нешто.

Спроведете мини-истражување на цените

Пред купувањето проверете ги цените на неколку места. Се разбира, изберете ја продавницата во која за одредена сума ќе добиете најмногу.

Купувајте на распродажба

Исто така, собирајте ги купоните во големите супермаркети. Овој начин на купување несомнено е добра основа за значителна заштеда и зачувување на домашниот буџет.

Согледајте ја комплетната ситуација

Целта заради која штедите – летување или реновирање – ви дава поголема мотивација за редукција во купувањето. Сепак одредете само една цел, бидејќи премногу од нив создаваат голем притисок и може да го осуетат успехот.

Немојте да должите

Без разлика дали се работи за позајмица од пријател, за кредит од банка или за дозволен минус, долговите се големо оптоварување и најчесто условуваат ново задолжување.

Што се однесува на дозволениот минус, побарајте од банката да ви испраќа СМС кога вашиот износ ќе се спушти под однапред договорената сума.

Исто така, немојте да склучите договор со банката за услугата што автоматски дозволува задолжување и покрај тоа што вашите примања тоа не можат да го покријат.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.