Александар Генчов – директор на „Хелиос медикал“ : Главен центар на моето дејствување е бизнисот

Успешните луѓе го прават она што на другите им е тешко

Успешните луѓе го прават она што на другите им е тешко. Без проблем освојуваат нови хоризонти, а главни двигатели во нивниот пат до успехот се натпреварувачкиот дух, борбеноста и желбата. Полна со креативност, амбиција и компетитивност е и професионалната приказна на Александар Генчов, кој од 2013 година се наоѓа на кормилото на „Хелиос медикал“, која е главен дистрибутер на двата големи германски брендови во светот на медицината и фармакологијата „Гелита“ и „Допелхерц“ во регионот, кој исто така е и почитуван политички аналитичар, но и еден од основачите на НАТО-движењето во Македонија.

Гелита ГМБХ е светски лидер во производството на желатински материјал, а во тие рамки има примена во многу индустриски области – една од нив е и медицината, односно фармакологијата. Од 2013 година, благодарение на Вас, компанијата под името „Хелиос медикал“ е застапена и во нашиот регион, а седиштето е сместено во Скопје. Кажете ми нешто повеќе за компанијата и производите што ги нудите на пазарот.

Приказната за „Хелиос медикал“ е тесно поврзана со два големи германски гиганти – „Гелита“ и „Допелхерц“. Значи се работи за две исклучителни компании, кои не се водечки фигуративно туку реално се навистина лидери во својата област. Сите научни медицински и фармацевтски кругови, далеку од лажна скромност, знаат дека „Гелита“ е лидер во производството на „фортигел“ и „верисол“, кои се вградени во производите CH Alpha и Qyra, но, што е многу позначајно, и во речиси сите колагенски производи. Фактот е дека креаторот на овие производи е токму „Гелита“. Од друга страна, „Допелхерц“ е познат бренд и е број еден во Германија. Ние сме горди што нашата компанија е центар на неколку претставништва низ Балканот. Имаме компании во Србија и во Бугарија, во Косово работиме преку партнер, сега се прошири компанијата и во Грција, а тоа го сметаме за деловен успех, и од аспект на нашите компании што ги застапуваме, но и Скопје станува одреден центар на бизнис-активности. Покрај „Гелита“ и „Допелхерц“, како главни стожери, застапуваме и уште неколку други компании, а сето тоа нѐ прави една од најбрзорастечките компании во регионот. Тоа нѐ радува. Не е важна состојбата туку трендот и тоа нѐ прави среќни, но и со многу големи мотиви.

По што се разликуваат производите што ги нудите вие?

Се разликуваат по оригиналноста. Јасно и гласно, се разликуваат по тоа што се верифицирани како производители на активна состојка што ја преземаат и многу други компании и претставуваат основа, база и на многу други производи. Втора причина се бројките. „Допелхерц“ е водечки германски бренд од областа на додатоците во исхраната и во фармацијата. Тоа зборува само за себе.

Да се биде на кормилото на една ваква компанија сигурно е голем предизвик. Која е вашата формула за успех и истрајност?

Ова прашање е комплексно. Зборот успех во мојата лична перцепција е многу, исклучително релативна категорија. Јас по природа сум исклучително амбициозен човек, но истовремено и човек што својата филозофија на живот сум ја изградил далеку од менталната и социјалната перцепција на зборот успех виден низ призмата на општоприфатената терминологија. Имам огромна волја, не губам време на работи што не ги сакам и внесувам многу внатрешна енергија и сила во сѐ што правам. Суштината на бизнисот ја гледам во освојување нови хоризонти и по максимата дека успешните луѓе го прават тоа што на другите им паѓа тешко. Новите хоризонти, новите континенти, како што кажал Андре Андес, не можете да ги откриете и да ги допрете ако не се оддалечите од брегот. Продажбата е емоција што треба да ја вложите во производот и таа емоција да допре до купувачот. Се разбира, заедно со квалитетот. Да не се лажеме, Германија е земја извозник на квалитет, тоа го знае целиот свет, и неоспорно е дека и тоа, покрај овие мотивациски моменти, е клучот на нашиот успех. Тој спој заедно со многу работа, несебичност, ама во вистинска смисла на зборот, несуетност, без его-успеси и со многу почит и кон себе и кон конкуренцијата. Без натпреварувачки дух, без борбеност, без огнена желба и компетитивност нема успех, барем не во општоприфатената перцепција на зборот успех.

https://www.youtube.com/watch?v=dncKmLZidRQ

Освен што сте успешен во светот на фармакологијата, исто така сте и познат политички аналитичар, бевте и еден од основачите на НАТО-движењето во Македонија, но сте и поранешен партиципиент во безбедносните структури во земјата. Како се вклопува политиката во она што го работите во моментов?

Главен центар на моето дејствување е бизнисот.Тука сум јас, тука се натпреварувам, тука се трудам да го достигнам врвот. Но Сартр рекол дека секој интелект треба да има активен однос кон сите општествени појави. Отсекогаш се интересирав и за општествени состојби, и во еден дел од животот тоа ме однесе и во политичките води. И покрај многуте сериозни теми што ги обработувам во моите анализи, без лажна скромност, моите анализи се покажале како доста валидни, за жал повеќе надвор отколку овде. Како дел од политиката, без разлика што дури и еден период во животот се школував кратко на престижниот универзитет на Харвард, на ЏФК во САД, во Бостон, што бев основач на НАТО и ЕУ-движењата во земјава уште кога многу наши политичари не ни сонуваа за НАТО и ЕУ, без разлика што водев значајни сектори во државната администрација поврзани со НАТО и ЕУ, класичен политичар никогаш не бев. Не поради успехот и неуспехот во внатрепартиските борби, туку поради состојбата на свеста. Политиката е состојба на свеста, на умот, психата и душата. Не е поврзана со успех и неуспех на општественото скалило. Може да имате човек што ќе стане претседател на влезот и ќе се чувствува како политичар, а имате и претседатели на држави што никогаш во својата ментална свест не биле политичари. Политиката не знае за солза, а солзата не знае за политика. Тоа е една од причините што досега не се димензионирав низ таа област.

Фото: Драган Митрески

Како изгледа еден ваш слободен ден, доста сте активен на повеќе професионални полиња. Како полните батерии, што ве релаксира и полни со позитивна енергија?

Некој паметен рекол, постојат само три бои, десет цифри и седум ноти и многу е важно што ќе направите со нив. Јас слободно време всушност и немам и всушност целото време ми е слободно. Но одговорот на ова прашање е во три области. Првата е духовност. Многу сум посветен на религијата и на патот кон Бога. Многу читам. Ошо, Шри Чинмој, Бруно Гренинг, Грабавој се само дел од духовните учители што сум ги истражувал. Но базично сум посветен на мојата основна православна религија. За оние што се занимаваат со духовност, ќе најдат овде контрадикција, но тоа сум јас. Второто е истражувањата за антропологијата, за нациите, и тука некогаш допирам дел и од општествените и политичките анализи. Лоринг Данфорт, Андерсон, Јуџин Борза, Гелнер се дел од авторите што сум ги истражил и длабоко анализирал. Тие што ја следат оваа област ја знаат тежината на овие имиња. И трето, многу ме интересира спортот, неколку врвни спортски македонски имиња спонзорираме и им помагаме во кариерите, а лично сум и голем зависник од вежбање и фитнес-сала и сакам да спортувам и да сум физички активен.

Фото: Приватна архива
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.