Јована Трајковска: „Понекогаш е подобро работите сами да се поклопат и да си го пронајдат своето место“

Што ја прави среќна?

„Сѐ што е поврзано со шопинг, мене ме прави среќна, но најмногу од сѐ сакам да инвестирам во козметика, долна облека и уникатни чизми.“

Деновите се сѐ потопли, а ние сѐ подинамични. Доброто време секогаш придонесува и за подобро расположение, а токму за тоа разговаравме со Јована Трајковска. Таа со нас ги сподели своите практики што ги користи како извор на среќа, а започна зборувајќи за тоа како претпочита да го започнува секој нов ден.

Секој нареден ден секогаш ми се одвива различно од претходниот и не сакам кога ми се слични еден на друг. Сакам кога правам нешто ново, тоа ме исполнува, така немам монотон живот. Но секако дека секојдневно практикувам ритуали и навики што ми го подобруваат расположението: секојдневно вежбам дома или во вежбалница, сакам да се придржувам до здрав начин на живот, па прекуден знам да поминам време и во кујна. Наутро денот обично ми започнува со музика, а повеќе од сѐ сакам кога трошам дел од времето на креирање содржина за Инстаграм. Секако, тука е и времето поминато со најблиските, а и средувањето на домот, што најмногу ме релаксира.“

Јована зборуваше и за својата работа и својот пристап кон неа.

Секој успех мене ми носи среќа, дури и секој чекор што ме носи до успехот го бележам со среќа. Неуспехот го гледам како дел од животот и ја пронаоѓам грешката во него, која, пак, всушност ме учи како не треба и како да работам подобро. Во моментот можеби ќе ми го расипе или влијае на расположението, но никако не сакам да дозволам да ми ја наруши целокупната среќа. Сепак претставува широк поим, кој го чинат многу работи на кои треба да се фокусирам, а ова е само еден дел од него.

Таа исто така ни ги кажа своите планови и аспирации за оваа година.

Најпрво од сѐ посакувам најблиските да останат живи и здрави, да тежнееме сите кон подобро утре, но во ниту еден момент да не се нарушат мирот и хармонијата во светот. Да се зачуваат моралните вредности и што е во наш дострел да се обидеме да придонесеме за поубав живот. Секако дека секој жив човек има свои планови и цели што сака да си ги оствари, па така и јас. Но можеби понекогаш е подобро работите сами да се поклопат и да си го пронајдат своето место. Не сакам да се оптоварувам и не очекувам премногу од самата себе, туку само се трудам максимално онолку колку што е во мои раце да го постигнам тоа. Не мора успехот и целите да ми се случат оваа година, нека се остварат наредната, за две или пет години, единствено нека биде онака како што замислувам.

Ќе се потрудиме да ги следиме зборовите на Јована и да го тргнеме фокусот од исполнување на нашите цели во одредени временски рамки, обрнувајќи внимание на вистинските и најважни вредности и верувајќи во себе.

Текст: Љупка Ѓошева

Фото: Инстаграм, приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.