Доцна синоќа на официјалната страна на Скопје ЗОО беше објавено дека ненадејно починала жирафата Тобого. Според првичните резултати од обдукцијата не биле констатирани физички повреди, а во текот на наредните денови подетално ќе се утврдува причината за смрт за која не се исклучува да е поради срцев напад. Тобого заедно со другите две жирафи Каспер и Флопи беше меѓу омилените за најмладите посетители.

Директорот Галетановски вели дека смртта ги изненадила вработените бидејќи претходно не покажувала никакви знаци дека нешто не е во ред.

-Прегледано е целото тело како што е најдено, изненадно почината. Останува уште обдукција на крвта да се види дали имала некаква болест. Вработените не приметиле никакви нус појави кај неа. Хранета нормално, немала реакции никакви,вели директорот Ѓорѓи Галетановски.

Тој воедно додаде и дека нејзината смрт е голема загуба за вработените но и за посетителите на зоолошката.

-За зоолошката значи голема загуба, посебно за вработените кои ги исчувале од нивна 3,4 годишна возраст од кога е донесена тука. Посебно за децата не правам муабет, што секојдневно ја гледаа сепак не е некое обично животно,вели директорот Ѓорѓи Галетановски.

Животниот век на овие животни во заробеништво е подолг од оние на слобода па оттаму и големата неочекуваност за ваков епилог. Жирафата Тобого беше стара 11 години Родена Е во Франкфурт,Германија во 2010год, а жител на скопската зоолошка стана во 2013.