Овие 5 раси кучиња се однесуваат речиси како луѓе: Ги разбираат вашите чувства и веднаш забележуваат кога нешто не е во ред (ФОТО)

Научните истражувања го потврдуваат она што сопствениците на кучиња одамна го знаат – нивните миленици умеат да ги „читаат“ луѓето, препознавајќи ги емоциите преку говорот на телото, изразите на лицето, па дури и преку мирисот. Но некои раси се издвојуваат по својата способност да воспостават длабока емоционална врска со човекот, до степен што нивното однесување често наликува на човечко.

За американскиот магазин Newsweek, ветеринарот д-р Нејтаниел Рејкстроу откри кои пет раси кучиња најмногу ги отсликуваат човечките особини. Интересно е што сите тие се наоѓаат и меѓу најинтелигентните раси во светот.

Бордер коли

Познат по своите исклучителни овчарски способности, бордер коли важи за најинтелигентна раса на кучиња. Според д-р Рејкстроу, овие кучиња често ги разбираат човечките навики и рутини подобро отколку што би очекувале.

Тие ги забележуваат и најсуптилните сигнали, брзо го приспособуваат своето однесување и сакаат да бидат вклучени во секоја активност. Нивната комбинација од интелигенција и внимателност понекогаш остава впечаток дека размислуваат како луѓе“, објаснува ветеринарот.

Пудла

Пудлата, која според многу рангирања е втора најинтелигентна раса, не се издвојува само по својата памет, туку и по исклучителната чувствителност.

Пудлите брзо учат и размислуваат, но истовремено одлично се приспособуваат на расположението на своите сопственици. Тие веднаш забележуваат кога нешто не е во ред и често остануваат во ваша близина, дури и кога не кажувате ниту збор“, нагласува д-р Рејкстроу.

Златен ретривер

Златниот ретривер е една од најомилените раси во светот, препознатлива по својата дружељубивост, топол карактер и реакции што многумина ги споредуваат со човечките.

Овие кучиња често користат необични гестови или значајни погледи за да го привлечат вниманието на своите луѓе.

Златните ретривери извонредно добро ги разбираат луѓето. Тие реагираат на тонот на гласот, говорот на телото и на емоционалните промени со нежност што многумина ја споредуваат со човечка емпатија. Покрај тоа, сакаат активно да учествуваат во секојдневните активности и друштвени ситуации“, вели ветеринарот.

Лабрадор ретривер

Според податоците на Американскиот кинолошки клуб (AKC), лабрадор ретриверот со децении е една од најпопуларните раси кучиња во светот.

Д-р Рејкстроу ги опишува како опуштени, пријателски настроени кучиња кои секогаш се насочени кон луѓето.

Внимателно ги набљудуваат членовите на своето семејство и многу брзо се приспособуваат на околностите, без разлика дали домот е исполнет со динамика или владее мирна атмосфера. Тие секогаш сакаат да бидат дел од случувањата и да останат поврзани со своите луѓе“, објаснува тој.

Германски овчар

Германскиот овчар е раса која со години ужива репутација на исклучително лојално, храбро и самоуверено куче. Благодарение на способноста брзо да совладува сложени команди и на својот природен заштитнички инстинкт, тој е одличен семеен чувар, но и незаменлив партнер во полицијата, армијата и спасувачките служби.

Многу сопственици ги опишуваат како вистински партнери, бидејќи сакаат да бидат дел од сè што прави нивното семејство. Германските овчари создаваат длабоки емоционални врски со луѓето, разбираат сложени наредби и внимателно ги следат сигналите што го откриваат расположението на нивните сопственици“, истакнува д-р Рејкстроу.

Повеќе од домашни миленици

Иако секое куче има свој карактер, овие пет раси особено се издвојуваат по интелигенцијата, емпатијата и способноста да воспостават силна врска со човекот. Токму затоа многу сопственици не ги доживуваат само како домашни миленици, туку како вистински членови на семејството кои разбираат многу повеќе отколку што можеме да претпоставиме.

Фото: Pexels

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе