Мали а големи: Дознајте нешто повеќе за кучињата од расата јоркшир териер

Домашни миленици

Вероника Царчева ни откри нешто повеќе за Боно и Лара – нејзините преслатки миленици

Вероника Царчева (@vcarcheva) е сопственичка на миленици од расата јоркшир териер – мали кучиња со голем карактер! Дознајте нешто повеќе за нив!

Татко и ќерка

„Боно ни е верен другар 8 години, а Лара му е ќерка и со нас е 3 години. Како раса, познати се по тоа што се приврзуваат со семејството. Ги носиме секаде со нас, на одмор, на планина, па дури и на велосипед.“

Целосни спротивности

„На почетокот, кога ја зедовме Лара, Боно се плашеше од неа, не сакаше ни да ја погледне. Тогаш многу внимававме да не се почувствува занемарено. Постепено ја прифати и сега не можат еден без друг. Двајцата се целосна спротивност. Лара често му додева на Боно за да си играат, а тој повеќе сака да си лежи. Кога сме надвор, не се одделува од неа, ја чува и не дозволува никој да ѝ се доближи.“

Дај бацка!

„Јоркширите се многу интелигентни и способни. Некогаш процесот на дресирање може да се пролонгира, затоа што знаат да бидат тврдоглави и независни. Од трикови, омилено ни е ‘дај бацка’ и тие ме бакнуваат, а ги знаат и основните седни/стани. Не се тешки за дресирање доколку навистина им се посветите, ги фалите, наградувате и им зборувате!“

 

Лесни за чување

„Во принцип, многу се лесни за чување во стан, бидејќи се мали. Речиси воопшто не се митарат, а крзното треба да им се четка секојдневно. Ножињата треба да се мијат по секое шетање и цели да се пребришат. Се потстрижуваат на 3-4 месеци. Потешки се за одржување во зима и наесен, кога времето е влажно и лесно се намокруваат.“

Енергични придружници

„Јоркшир териерите бараат многу внимание од сопственикот, па затоа најдобро е да се чуваат по две. Имаат жесток и гласен карактер, сакаат да си ја чуваат територијата и воопшто не се плашат да се ‘покажат’ пред големи кучиња. Бидејќи се енергични, може да ви бидат суперпридружник за авантури и прошетки во секое време.“

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Барате домашен миленик? Ако го чувате правилно, папагалчето може да биде вашиот доживотен компањон!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.