Грациозни, своеглави и неодоливи: Дознајте како правилно да се грижите за единствените мачки!

Домашни миленици

Дали мачките навистина се толку независни?

Грациозни, своеглави и неодоливи! Мачките се одличен избор за домашен миленик доколку живеете во стан, но колку и да се независни, човечката грижа и внимание им се неопходни. Нешто повеќе за нив ни раскажа Ана Топшиова, која чува не само една туку три мачки!

Ана ги нашла сите три мачки напуштени надвор. Џои го нашла под терасата, кога имал само десет дена, со дел од папочната врвца сѐ уште на него. Сестрите Џиџи и Сани ги вдомила подоцна, откако ги нашла оставени на паркинг. За среќа, немала проблем да ги привикне мачињата едни на други. „Џои е дружељубив, а сестрите бараа заштита. Првите неколку месеци цицаа од Џои (ова беше пресмешно, бидејќи е мачор, а се однесуваше како доилка). Единствената хармонија што не успеавме да ја постигнеме е онаа што ни треба кога ќе почнат да се бркаат во четири часот наутро“, раскажува Ана. Па, што треба да знаете доколку размислувате да вдомите мачка?

Дали навистина се толку независни?

Ана не се согласува дека салонските мачки се независни –Џои и ден-денес е врзан за неа и покрај тоа што има друштво. Сепак, нивната дива природа е нешто што не може да се негира: „Дури и најпитомата мачка има дивост во себе! Имаат потреба од игра, галење, од нега и правилна исхрана. Најмногу од сѐ, имаат потреба од слобода и простор. Ако немаат пристап до надворешниот свет, важно е да бидат стимулирани да го користат и развиваат својот инстинкт преку разновидни игри“, советува Ана.

Згоди и незгоди…

Знаеме каков хаос може да предизвика една мачка, а камоли три! Ана ни откри како се справува со нив кога се немирни: „Никогаш нема да ги заборавам деновите кога Џои ги буткаше од тераса другите две мачки чисто од забава! Првиот пат моравме да викаме пожарна служба, а потоа мојот партнер научи да оди по плексиглас. Најчесто, доволно е да им се обратам со сериозен тон и разбираат дека ја преминале границата. Порано мислев дека викањето ќе помогне, но сфатив дека функционираат како нас луѓето – ако ми браниш, ќе го правам тоа уште повеќе.“

Интелигентни и топли миленици

За да изградите прекрасна врска со мачките, најважно е да им дадете слобода и доверба. „Треба сериозно да размислите дали сакате и имате време да се нафатите на една долготрајна одговорност. Мачките се интелигентни и топли животни и ќе ви дадат огромна љубов и заштита. Нивно е да бидат свои и диви, а наше е да ги љубиме како такви“, порачува Ана.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Пргава, полна со енергија и просто неодолива: Еве зошто шкотскиот фолд е идеален домашен миленик!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.