Галеничиња: Како влијаат врз човечката психа?
Секој што погалил мачка или куче знае добро дека чувството е прекрасно и дека моментално го подобрува расположението, го намалува стресот и ве прави психички силни. Еве зошто е толку моќна врската меѓу човекот и животните
Домашните галеничиња, особено мачките, се извор на радост и универзален лек за осаменост. Тоа особено стана јасно откако коронавирусот почна да се распространува, па социјалните контакти ни се минимални. А изгледа дека сите што пред пандемијата сакале да имаат домашно галениче, сега конечно имаат.
Статистиката покажува рекорден број вдомени животни оваа година. И тоа не треба да изненадува – докажано е дека домашните галеничиња ни даваат чувство на поврзаност, а експертите велат дека животните нè прават физички и емоционално посилни на овие три суштински важни начина:
Нè смируваат
Докажано е дека животните се „исцелители“, 10-минутно галење куче го намалува стресот – докажано! Голем број истражувања покажаа дека интеракцијата со животните го намалува крвниот притисок и го регулира нивото на стрес-хормоните во организмот.
Дружењето со домашни галеници, исто така, го намалува чувството на анксиозност и депресија. Самото присуство на животното може да ги зголеми позитивните вибрации кај сопственикот, како и да придонесе почесто да се смее.
Се врзуваат за нас
Само еден поглед на крзнената муцка е доволен да нè облее љубов, а таа љубов на прв поглед ни е вроден инстинкт. Научната теорија за поврзаноста укажува на тоа дека емотивната врска меѓу живите суштества е еволутивен услов за опстанок.
Емоциите што произлегуваат од контактот со животните се објаснување за потребата што ја чувствуваме кон нив. Како што продолжува пандемијата, така и домашните галеничиња ќе играат можеби и клучна улога како друштво и поддршка, велат психолозите.
Нè мотивираат
Прошетка, трчање или возење велосипед во друштво на куче е одличен облик на физичка активност, но нивното друштво не е единственото што ни доаѓа од нив и ни дава енергија. Самото нивно присуство и желбата да се задоволат нивните потреби се одличен мотиватор да бидеме активни и да излеземе надвор.
Кучињата нè поттикнуваат да бидеме активни и да одржуваме дневна рутина, што е особено важно во месеците со намалени социјални контакти и без вообичаената структура на животот.
Фото: Getty Images, Unsplash