За многу сопственици на кучиња и мачки ова прашање воопшто не постои – миленикот е член на семејството и неговото место е таму каде што е и сопственикот. Но, кога станува збор за квалитетот на сонот, науката нуди аргументи и за и против спиењето со миленичето.
Клучното прашање не е дали е „правилно“, туку како тоа влијае на вашиот сон и здравје.
Кога љубовта кон миленикот го нарушува сонот
Марија никогаш не се двоумеше – нејзиното куче отсекогаш спиеше во нејзиниот кревет. За неа тоа беше најнормална работа на светот.
Но ситуацијата се промени кога нејзиниот нов партнер првпат преспа кај неа.
Ноќта беше сè – освен мирна. Кучето постојано влегуваше и излегуваше од собата, скокаше на креветот, се симнуваше, ‘ржеше и ја будеше сопственичката. Среде ноќ Марија сфати што се случува – љубомора.
За некои луѓе ваквата сцена е незамислива. Самата помисла на влакна, шепи и постојани движења во текот на ноќта им изгледа како рецепт за лош сон.
Но други тврдат дека токму присуството на миленикот им помага подобро да се одморат.
Зошто некои луѓе подобро спијат со миленик
Чувство на сигурност и помалку анксиозност
Присуството на миленикот може да има силен смирувачки ефект. Топлината на телото, ритмичното дишење или предењето на мачката може да го намали нивото на стрес и да го олесни заспивањето.
Кај некои луѓе се стимулира и ослободување на окситоцин – хормон поврзан со чувството на блискост, доверба и сигурност.
Рутина и емоционална стабилност
Миленичињата сакаат рутина – а истото важи и за добриот сон. Одењето во кревет во исто време, вечерното галење и предвидливиот ритам можат да создадат подобра хигиена на спиењето.
Топлина и удобност
Во студени ноќи, кучето или мачката може да бидат изненадувачки добра „греалка“. За многумина тоа создава чувство на дополнителна удобност.
Посилна емоционална врска
Спиењето со миленикот може да ја зајакне врската меѓу човекот и животното. Кај луѓето кои живеат сами, ова често има силен позитивен ефект врз менталното здравје.
Кога миленикот го нарушува сонот
Чести прекини на сонот
Иако можеби полесно заспивате, сонот може да биде плиток. Милениците се движат, ја менуваат положбата, ги лижат шепите или скокаат од креветот.
Овие движења често се случуваат токму за време на РЕМ-фазата, која е најважна за квалитетен одмор.
Многу сопственици дури и не се свесни колку често се будат поради миленикот.
Алергии и хигиена
Влакната, првутот, поленот и нечистотијата што миленикот ги внесува во постелнината може да ги влошат алергиите, астмата или проблемите со кожата.
Дури и редовното капење на миленикот не ги отстранува сите алергени.
Проблеми со границите
Кај некои животни спиењето во кревет може да го засили територијалното однесување или љубомората, особено кај кучињата.
Тоа понекогаш го отежнува поставувањето граници и може да ја промени динамиката на односот меѓу сопственикот и миленикот.
Потенцијални здравствени ризици
Иако ретки, постојат ризици од пренос на паразити или бактерии, особено ако миленикот често престојува надвор. Ризикот е поголем ако во креветот спијат деца, постари лица или луѓе со ослабен имунитет.
Заклучок: Нема едноставен одговор
Спиењето со миленикот може да биде извор на утеха, сигурност и емоционална блискост, но истовремено може да стане и причина за хроничен замор.
Затоа, најважното прашање не е што е „правилно“, туку како тоа влијае на вашиот сон.
Ако се будите одморни, немате алергии и миленикот не ви го нарушува сонот – заедничкиот кревет можеби носи повеќе придобивки отколку штета.
Но ако утрата ве дочекуваат со замор, можеби е време миленикот да добие свое удобно место за ноќен одмор.
Подготвила: Лидија Ќулибрк
Фото: Freepik