Diamond of Skopje – комплексен проект што ги поместува границите на урбаното живеење

СВЕТОТ ВО 2023-ТА

Голема гринфилд-инвестиција, која е многу значајна, како од аспект на влез на свеж капитал во земјата, така и од аспект на поттикнување на низа придружни економски активности.

Разговор со Куртхан Апајдин, главен извршен директор на „Лимак Скопје“, за Економист: Светот во 2023-та.

Градежните активности и инвестициите во изградба на нови капитални проекти, кои создаваат повисоки стандарди, е секогаш вистински потег во услови на криза и предизвици. Искуството на Групацијата Лимак од повеќе пазари во светот го потврдува тоа. Економската неизвесност која владее со светот скоро четири години, прво како резултат на здравствената криза, а сега и како резултат на енергетската криза, отвора нови предизвици, но во овие услови стабилноста и просперитетот може да се постигнат само со храбро реализирање на нови проекти со визија за иднината.

Овој концепт Лимак го применува во секојдневното работење, а доказ е напредокот на проектот Diamond of Skopje, чија изградба е во завршна фаза. Но во ниту еден момент, ниту во услови на карантин, ниту во услови на отежнат транспорт на стоки, услуги и зголемување на цените, не застана изградбата на овој мултифункционален комплекс во срцето на Скопје.

Лимак Скопје, како дел од групацијата Лимак, со голема гордост најавува дека влегува во завршна фаза од изградбата на комплексот Diamond of Skopje, и многу брзо сите негови содржини ќе бидат ставени во функција. Интересот за домување во комплексот, но и за сите други содржини, е огромен. Со Diamond of Skopje се создава нов симбол, не само на Скопје туку и на регионот. Овој комплекс одговара и на нови трендови на пазарот.

Покрај добра локација, купувачите сакаат квалитетни домови, кои чинат повеќе, но нудат заокружен концепт на модерно живеење. Овој тренд е многу актуелен и побарувачката на станови, кои се дел од поголем комплекс, кој нуди многу содржини, е сѐ поголем.

Доказ за тоа е огромниот интерес за купување станови и деловни простории во комплексот Diamond of Skopje.

Покрај хотелот, кој веќе работи и е симбол за современото луксузно хотелиерство, во 2023 година во кулите ќе се вселат првите станари, што е многу важно за нас, вели г. Апајдин

Во Македонија сте веќе неколку години и го водите тимот на Лимак Скопје, кој го гради  мултифункционалниот комплекс Diamond of Skopje. Кажете ни нешто повеќе за оваа инвестиција?

Diamond of Skopje е голема гринфилд-инвестиција и е многу значајна, како од аспект на влез на свеж капитал во земјата, така и од аспект на поттикнување на низа придружни економски активности. Вкупната инвестиција во изградбата и развојот на Diamond of Skopje изнесува над 250 милиони евра, со што се вбројуваме во рангот на поголемите инвестиции во земјата, па и во регионот. Освен тоа, проектот е важен и затоа што креираше повеќе од 1.200 нови работни места.

Со финализација на целиот проект, дополнително ќе бидат ангажирани 1.000 лица на повеќе различни позиции. Не помалку важен е ефектот врз помалите компании во земјата, кои се директно ангажирани како наши подизведувачи и партнери. Исто така, овој проект овозможува и трансфер на специфични знаења и искуства во градежништвото.

Лимак Скопје е дел од Групацијата Лимак, која има огромно искуство во областа на градежништвото, инфраструктурата, производството на цемент, производството на храна, хотелиерството и енергетиката. Групацијата има 60.000 вработени, а во моментот се реализираат проекти во 11 земји на три континенти.

Досега Лимак има реализирано над 100 проекти на глобалниот пазар чија вредност е проценета на 10 милијарди долари. Компанијата е рангирана на листата на Engineering News Records на најдобри градежни компании во светот, заземајќи го 50-то место од вкупно 250 глобални градежни компании. Сето ова искуство и знаење е имплементирано во нашиот проект во Скопје, а Diamond of Skopje се вбројува во глобалните уникатни проекти на Групацијата Лимак.

 Какви содржини нуди мултифункционалниот проект Diamond of Skopje?

Нашиот проект е дефинитивно уникатен проект по својот обем, но и по градежната техника и експертиза, кои се применуваат во неговата изградба. Пазарот тоа го препознава и интересот за купување на дом или деловен простор во Diamond of Skopje е голем. Тоа делумно се должи на добрата локација, во централното градско подрачје, но е резултат и на софистицираните градежни и архитектонски решенија, кои испишуваат нови страници во урбаната историја на градот.

Нема дилема дека Diamond of Skopje, со своите содржини, ќе ја дефинира иднината на домувањето, деловното работење, шопингот и дружењето и ќе стане модерно обележје на Скопје и новата атрактивна дестинација за сите жители и посетители. Комплексот е спој од уникатни концептуални решенија што ќе дадат нов белег на урбаниот начин на живот. За ова што го кажувам потврда е и Limak Skopje Luxury Hotel, луксузен хотел со пет ѕвезди, кој е првиот од посебните елементи од Diamond of Skopje што веќе работи.

Овој хотел со својата уникатност и стил на работа, со спа-центарот Chiva, удобните сали за состаноци и настани, како и елегантниот ресторан, за многу кратко време стана прв избор за организација на многу деловни настани и случувања во Скопје, како и за хотелски услуги.

Во првите месеци од следната година ќе заврши изградбата на трговскиот центар со вкупна површина за изнајмување од 48.000 квадратни метри. Се финализираат и договорите со познати брендови кои ќе бидат застапени во Diamond Mall. Ќе понудиме многу изненадувања и можности, со што овој трговски центар ќе биде еден од најпрестижните во градот, но и во регионот.

Вистински новитет и освежување ќе биде „Гурманската авенија“ или делот за уживање во храна и пијалаци, која со својот уникатен архитектонски изглед ќе биде омилено место за дружење, како и зоната за забава, која ќе се простира на 7.000 м² и ќе понуди разновидни содржини за сите возрасти. И овој објект го градиме согласно највисоките стандарди за енергетска ефикасност и заштита на животната средина.

Трговскиот центар ќе има надворешна фасада што осигурува највисоко ниво на изолација и енергетска заштеда, стаклен покрив за максимално искористување на дневната светлина и врвна топлинска и УВ-изолација. Користиме исклучиво ЛЕД-осветлување и најнапредна технологија за системот за греење, ладење и вентилација, со што обезбедуваме значителна заштеда на енергија.

Каков е интересот за живеење во овој комплекс?

Голем е интересот за домување во комплексот Diamond of Skopje. Можеби ќе звучи нескромно, но пазарот го препозна врвниот квалитет што го нудиме. Во Diamond of Skopje има четири станбени кули, од кои две се изградени, а изградбата на останатите две е во тек. Во моментот се продаваат становите од третата и четвртата кула, за кои, како и за претходните две кули, има голем интерес. Комплексот располага со 772 станови со различна површина, почнувајќи од 42, па сѐ до 105 квадратни метри.

Во изградбата на становите се употребуваат врвни одржливи градежни материјали со одличен квалитет. Притоа, водиме сметка за енергетската ефикасност и еколошките аспекти на целиот објект. Дополнителна заштеда на енергија во становите се обезбедува со висока топлинска и УВ-изолација, поради употребата на високо квалитетни алуминиумски рамки и двослојно калено и ламинирано стакло за вратите и прозорците.

Во изработката на надворешната фасада се користи камена волна, фибер-цементни плочи и целосна стаклена фасада само во аглите на фасадата, со што се овозможува врвна топлинска изолација и висока енергетска ефикасност. Идните станари ќе имаат и голема приватност која ја обезбедуваме преку квалитетна звучна изолација.

Становите се опремени со модерни кујни, вклучувајќи и вградени апарати за домаќинството како што се плотна и фурна за готвење и аспиратор, и ентериер во бањата, при што се користени елементи кои заштедуваат вода и електрична енергија.

Дополнителен адут на Diamond of Skopje е уникатниот Д–плус концепт, кој го сочинуваат соодветно опремени простории за видео игри, за караоке, за забави и музика, приватно кино, како и простории за пилатес. Овие содржини се наменети за сопствениците на станови во нашиот комплекс. Купувачите се заинтересирани за палета на можности во близина на својот дом со што ќе ги задоволат сите свои потреби.

Исто така, иако е сместен во строгиот центар во градот, Diamond of Skopje ќе има и голема зелена површина. Комплексот ќе има втора по големина зелена површина во градот, од околу 11.000 квадратни метри, која ќе овозможи простор за одмор, спорт и рекреација и безбедно детско игралиште во непосредна близина на домот.

Diamond of Skopje не е само уникатен по своите содржини, туку и по подземната сообраќајница, која ќе овозможи сообраќајот во овој дел од градот да се одвива непречено. Кажете ни нешто повеќе за овој дел од проектот?

Од перспектива на инженер, највпечатливиот дел од проектот се наоѓа под земја, а така велам поради инженерските техники што се применети. Тие претставуваат новитет не само во земјава, туку и во целиот регион. Затоа, морам да признам дека ова е еден од највозбудливите проекти на кои сум работел.

Подземната сообраќајница, која е дел од комплексот, е во завршна фаза. Се работи за улица во должина од 800 метри, која поминува под објектите што го сочинуваат Diamond of Skopje, на длабочина од 13 метри. Подземната сообраќајница е широка 37 метри, а обезбедува движење по две сообраќајни ленти во две насоки.

Покрај тоа, оваа сообраќајница има можност за натамошен развој на јавниот превоз во градот, бидејќи вклучува и простор за две трамвајски ленти. Сообраќајницата е сложен градежен проект, за која се изградени можеби едни од најдолгите потпорни ѕидови во земјава, а темелната плоча е со дебелина од два метри, со длабоки темелни столбови. Веднаш штом се направат надворешните сообраќајни приклучоци, со што ќе се поврзе подземната сообраќајница со околната патна инфраструктура, таа ќе може да се користи.

Би сакал да потенцирам еден друг аспект. Имено, токму подземната сообраќајницата е потврда не само за уникатноста на нашиот проект туку и за неговото значење за градот. Diamond of Skopje ќе биде нова додадена вредност на градот. Веќе кажав дека Diamond of Skopje е еден од најимпресивните проекти на кои сум работел. Јас и нашиот посветен и силен тим со нетрпение го очекуваме денот кога целиот проект ќе биде функционален, со кулите, трговскиот центар, подземната сообраќајница, а тоа ќе биде многу скоро.

Подземната сообраќајница, која е дел од комплексот, е во завршна фаза. Се работи за улица во должина од 800 метри, која поминува под објектите што го сочинуваат Diamond of Skopje, на длабочина од 13 метри

Кои се вашите планови за 2023 година и дали по завршувањето на овој проект Лимак Скопје планира да инвестира во друг проект во земјата?

Целиот тим на Лимак Скопје е фокусиран на заокружување на сите активности околу изградбата на Diamond of Skopje. Идната година е исклучително значајна за нас бидејќи, покрај хотелот, кој веќе работи и е симбол за современото луксузно хотелиерство, во 2023 година во кулите ќе се вселат првите станари, што за нас е многу важно. Ќе го отвориме и трговскиот центар Diamond Mall, кој со новите содржини ќе претставува вистинска атракција. Остануваме фокусирани и на поврзување на подземната сообраќајница.

Засега сме фокусирани на финализирање на овој проект. Секако, ние сме заинтересирани за нови проекти и не е исклучена можноста да инвестираме во проект кој ќе оцениме дека има потенцијал да биде од големо значење од економски и инфраструктурен аспект. Групацијата Лимак има огромно искуство во сложени инфраструктурни проекти.

Би го споменал најдолгиот висечки мост на светот Чанак Кале 1915 во Турција, кој беше официјално отворен за сообраќај во  март годинава. Групацијата Лимак беше дел од конзорциумот на градежни компании што го реализираше овој комплексен проект.

Во портфолиото на Лимак се и светски познати мега-проекти, како новиот аеродром во Истанбул, меѓународниот аеродром во Кувајт, хидроцентралата Јусуфели, која откако ќе биде завршена ќе биде трета по големина брана во светот, како и многу други. Оттука, можно е да се вклучиме и во други проекти во иднина, доколку процениме дека се доволно интересни за нас.

Текст: Економист: Светот во 2-23-та

Фото: Приватна архива

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.