АКТЕРКА СО МИЛО ЛИЦЕ Рејчел Вајс: „Бурмата ја носам со гордост, јас сум среќна и зафатена жена“

Во Холивуд денес не може да се најде толку блажено и милостиво лице како што е лицето на Рејчел Вајс.

Филмовите „Мумија“ и „Враќањето на мумијата“ не ми се на списокот на моите омилени, но сепак ги гледав и едноставно се заљубив во ликот на симпатичната и смотана библиотекарка Евелин, која ја глумеше Рејчел Вајс, особено во нејзиниот шармантен и невин поглед.

Поминаа дваесет години, Рејчел толкуваше голем број улоги, од кои најдобро ја запознавме низ остварувањата „Агора“, „Идентитетот на Борн“, „Волшебникот од Оз“ и „360“, во кој глумеше со маестралниот Ентони Хопкинс, а доби „оскар“ за споредна улога во филмот „Грижливиот градинар“.

Во холивудската трка: најподготвена досега

Почетоците на Рејчел се врзани за моделството, и тоа кога имала само 14 години. Глумата следувала подоцна, дури откако ги почнала студиите по англиски јазик на Кембриџ. Актерката има зад себе и забележани театарски претстави, а првата награда што ја доби, во дамнешната 1994 година, е врзана токму за штиците што живот значат.

Уште за време на студиите била радикална феминистка, па и денес со задоволство ги коментира настаните врзани за движењето #metoo, а лезбејските сцени во „Миленичката“ не се првите во кои имавме можност да ја видиме оваа сестрана актерка.

Сепак, токму кога заврши со снимањето на „Миленичката“, зборувајќи за стареењето во Холивуд, се надоврза на таа улога – тврдејќи дека не би можела да ја толкува во 30-тите години од животот и дека дури сега тргнува во нови предизвици во својата кариера.

Таа рече дека во Холивуд често се чувствува како атлетичарка, а во таа трка денес најмногу се гледа телото, како алат што, поради подмладувањето, се полни со ботокс, што, според неа, нема долгорочна смисла.

Кога станува збор за денешните актерки и нивните филмски улоги, Рејчел, зборувајќи за нив, се осврна на златната доба на Холивуд, кога сценаријата ги пишувале мажи, а жените седеле во првите редови.

Подоцна, смета Рејчел, очигледно се исплашиле, а било потребно само некој да ги „протурка“.

Брак: тајно срамежливо и сентиментално

Својот брак со Даниел Крег го држи далеку од очите на јавноста. Двојката се познава од своите 20-ти години, а тајно се венча во 2011 година, по врска од шест месеци.

Пријателството меѓу Рејчел и Даниел преминало во љубов за време на работењето на заеднички проект – на снимањето на психолошкиот трилер „Куќа од соништата“ во 2010 година. На нивната венчавка присуствувале само четири лица, вклучувајќи ги и Крејговата 22-годишна ќерка Ела и синот на Рејчел, Хенри, кој тогаш имал само пет години.

Не верував дека ќе се омажам повторно. Немав таква амбиција. Токму спротивното. Никогаш не се идентификував со романтичните комедии. А потоа се случи ненадејно, за среќа, на зрела возраст, откри во едно интервју.

На прашањето на новинарите во колкава мера ја сменил бракот, Рејчел одговори дека тоа што го гледа јавноста не се разликува од она што е зад затворени врати. Се сменило тоа што во сите пригоди ја носи бурмата:

Ја носам со гордост. Како среќна и зафатена жена.

Со сопругот учествува во општествено ангажирани проекти. Минатата година имаа говор на гала-вечер што собира личности од јавниот живот – лидери од областа на вмрежувањето, ментори за колеџи, донатори, партнери и други.

Рејчел во последно време експериментира речиси на сите планови – барајќи интересни проекти со исто толку интересни приказни и актери. Всушност, бара „бум“ – кој ќе поттикне лавина прашања, а тие, пак, ја нервираат.

Како, на пример, прашањето „како може жена да толкува таква улога“… Ние би рекле – одлично!

Подготвила: Милица Савиќ

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.