Ве облева пот во текот на ноќта? Дознајте за каков здравствен проблем можеби станува збор

Прекумерното потење (хиперхидроза) обично се поврзува со нарушувања на тироидната жлезда. Но тоа може да биде последица и на други проблеми, како инфекции во организмот, менопауза, ниско ниво на шеќер, стресни ситуации…

Прекумерното потење може да се појави на која било возраст. Влажните дланки ве принудуваат да избегнувате ракување, влажното лице и глава со потоци пот не можете да ги скриете од љубопитните погледи, мократа облека има непријатен мирис…

СУШТИНАТА Е ВО НЕРВИТЕ

Во обид да се дознае причината за проблемот, во повеќето случаи прво се прави преглед на тироидната жлезда. Поради тоа нарушувањето на  тироидната жлезда и асоцира на прекумерно потење.

Меѓутоа, ако сѐ е во ред со тироидната жлезда, тогаш зошто се потиме? Работата на потните жлезди и целиот процес на терморегулација се под команда на вегетативниот нервен систем, поточно неговиот симпатички дел. Неговата главна улога е да ги мобилизира ресурсите на телото при стресна ситуација, односно да предизвика одговор „бори се или бегај“.

Потењето на главата и лицето се контролира со симпатичките нервни јазли на нивото на вратот. Рацете и пазувите се јазли на градниот дел од грбот, а нозете се јазли на лумбалниот дел.

Често може да се забележи дека зголеменото потење се јавува при помал физички напор, како и при емоционални ситуации, т.е. стрес. Зошто се случува тоа? Токму поради нарушување на една од основните функции на вегетативниот нервен систем – адаптација на променети услови. Зголеменото ноќно потење исто така може да укаже дека имате зголемена работа на симпатичкиот дел на нервниот систем.

Тешко е да се издвои само една причина што ја нарушува работата на симпатичкиот дел од вегетативниот нервен систем. Тоа може да биде стрес од различна природа: психоемоционален, физички, болести, операции, лекови, труење… Сепак, важно е да се знае дека во секој од овие случаи е можно да се обнови работата на вегетативниот нервен систем.

КАКО СЕ ЛЕКУВА

Кога станува збор за официјалната медицина, во лекувањето на прекумерното потење како ефикасна се покажала употребата на комбинирана ласерска терапија. Брановите (зрачењето) со различни должини, црвени и инфрацрвени, имаат различно корисно дејство, предизвикувајќи соодветна реакција во нервните центри.

Искусни вегетолози даваат инјекции во мускулите на грбот. Притоа, тие користат специјален раствор на база на новокаин или лидокаин во висока разреденост, кој помага од аналгетскиот ефект да се дојде до ефект на соодветна обновувачка реакција на вегетативните нервни центри. Но тоа може да го направат само специјалисти, следејќи ги индикациите и строго внимавајќи на дозите.

Оздравувањето ќе дојде постепено, но ќе дојде. Имено, нервниот систем е доста отпорен на разни оптоварувања, па бидејќи не може целосно да се разболи „прекуноќ“, по истиот принцип се случува и обратниот процес – оздравувањето.

Заклучокот е дека не смеете да го игнорирате обилното потење. Тоа е сигнал дека во некој од системите нешто не оди по вообичаениот тек, па затоа треба да се проверат сите потенцијални причини за нарушувањето.

НОЌНО ПОТЕЊЕ

Обилното потење се јавува поради задушливост, стрес, зголемен физички напор, предозирање со инсулин и земање одредени лекови. Слично е и при труење (на пример, со печурки). Причина за хиперхидрозата може да биде и скриена инфекција, која кога ќе влезе во човечкиот организам, ја зголемува телесната температура и на тој начин предизвикува потење.

Ноќното потење е симптом на многу ендокрини, кардиоваскуларни и невролошки проблеми, болести на зглобовите итн. Затоа, за да се постави точна дијагноза, треба да се направат детални анализи.

Што да се преземе? Најпрвин треба да се провери динамиката на потењето (дали е постојано или периодично), дали е тоа поврзано со некој настан и дали има ендокринолошки заболувања кај блиски роднини. Исто така се утврдува и типот на хиперхидроза: локално (потење под мишките, дланките, стапалата) или генерално (потење на целото тело).

Со оглед на тоа што ноќното потење не мора да се однесува само на ендокринолошки заболувања, неопходна е и консултација со други специјалисти: кардиолози, невропатолози, онколози, ревматолози.

Што е друго важно:

* не носете синтетичка облека

* избегнувајте топла, зачинета, мрсна и лута храна

* поретко пијте кафе

* практикувајте контрастно туширање

* во спалната соба мора постојано да влегува свеж воздух

ТЕКСТ: БОЈАНА СТОЈМЕНОВИЌ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.