Студениот воздух како фактор на ризик за луѓето што се занимаваат со спорт на отворено – трчање

„Да немавме зима, пролетта немаше да биде толку пријатна; ако понекогаш не вкусуваме проблеми, добросостојбата нема да биде толку добредојдена.“

Студениот зимски воздух може да биде фактор на ризик за постарите лица со бронхијална астма, но и за помладите, релативно здрави луѓе што се занимаваат со спорт на отворено – трчање.

Бронхијална астма е многу честа болест, која се влошува во зима, па астматичарите често се јавуваат во брза помош. Дефиницијата за оваа болест подразбира хронично воспаление на дишните патишта и преосетливост на различни влијанија, и внатрешни и надворешни, особено на студениот воздух што се вдишува. Имено, тогаш доаѓа до стеснување на дишните патишта, кашлање, чкрипење во градите, отежнато дишење и задушување. Тегобите најчесто се јавуваат во раните утрински часови.

Причините можат да бидат од генетичко потекло, потоа нездрав начин на живот, пушење, загадување на воздухот, глобалното затоплување, климатските промени, алергени дома и во природа, чести инфекции на дишните органи, дебелина, намалена физичка активност, постојан престој дома а ретки излегувања во природа.

Дали астматичарите зиме треба да излегуваат од дома?

Одговорот е ДА, доколку се во стабилна состојба. Колку што се важни советите за правилно облекување, исто толку е важно да се заштитиме од влегување на студен воздух во дишните патишта. Носењето шал што ги штити устата и носот и притоа го загрева вдишениот студен воздух е една од важните превентивни мерки. Се покажа дека маските, кои сега се носат поради ковид и други вирусни и бактериски инфекции, функционираат и во загревањето на вдишениот воздух.

Во последните две децении има сè поголемо поместување на алергиската астма кон помладите групи на население, што добива дури и епидемиски размери. Релативно здравите помлади луѓе уживаат во зимските спортови и трчањето во природа.

Што треба да прават младите што превентивно трчаат во зима? Бидејќи влажноста во природата е помала во зима, душникот дехидрира и мора да се навлажнува од нашите клетки. За да го спречите тоа, треба да понесете термос со потопла вода и повремено да пиете голтки за да го решите проблемот со дехидрација.

Разлики меѓу луѓето секогаш има, но едно е сигурно: за да се подготвите за пролетта, што помалку престојувајте дома, а што повеќе време поминувајте во природа, велат истражувачите, а јас целосно се согласувам со нив.

Пишува: Андреј Золотарев, нутриционист, „Руски доктор“

Фото: Pexels

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.