Седечката салса е едноставна, практична и ефективна вежба, која може да ги ублажи болките во долниот дел на грбот
Болката во долниот дел на грбот е водечка причина за инвалидитет на глобално ниво и погодува околу 619 милиони луѓе. Честопати е поврзана со прекумерна тежина, пушење или семејна историја на проблеми со ‘рбетот, но и со седентарниот начин на живот. Со оглед на тоа што долниот дел на грбот има ограничена подвижност, болката може да предизвика грчење на мускулите и дополнително да ја влоши состојбата. Седечката салса нуди едноставно решение за активација на овој дел од телото, дури и додека седите.
„Работев со спинални хирурзи и ако погледнете каде луѓето имаат најмногу проблеми со грбот, тоа се долните два диска помеѓу пршлените“, објаснил доктор Крис Макарти, вонреден професор по физиотерапија на Универзитетот Манчестер Метрополитен.
Тој додал:
„Тоа е навистина крут дел од грбот и многу е тешко да се придвижи, особено кога локалните мускули се во грч поради болка или се затегнати поради недоволна употреба.“
Седечката салса е едноставна вежба која вклучува ротација на карлицата додека седите. Седнете исправено, спојте ги нозете и наизменично придвижувајте го едното колено напред, а другото назад, додека рамениците стојат мирно. Ова движење симулира нишање на карлицата, кое природно се случува при одењето. Според пилот-истражувањето на доктор Макарти, доколку ја изведувате оваа вежба по 1 минута на секои 30 минути, ќе почувствувате опуштање на мускулите и болката ќе се намали.
Канцелариските работници, повозрасните лица и луѓето со намалена подвижност по операција може да имаат најголема корист од седечката салса.
„Ако канцелариските работници имаат работа и не сакаат да станат и да се истегнат, наместо тоа, на секој половина час можат да уживаат во малку седечка салса, една-две минути“, советува доктор Макарти.
Исто така, оваа вежба е идеална за постари лица со ограничена подвижност, бидејќи помага во одржувањето на силата и флексибилноста.
„Знаеме дека многу постари луѓе не се физички активни“, истакнал Џагдип Деси, консултант геријатар и претседател на Британското геријатриско друштво и додал:
„Ако не сте во можност правилно да се движите, вежбите со седење се добар начин за зголемување на силата. Но ако сте, тогаш постојат толку многу работи што можете да ги правите.“
Седечката салса е едноставна, практична и ефективна вежба, која може да ви помогне да ги ублажите болките во долниот дел на грбот. Без разлика дали работите во канцеларија, дали сте повозрасно лице или имате намалена подвижност, оваа техника може да стане дел од вашата секојдневна рутина за здравјето на грбот.
ФОТО: Sasun Bughdaryan / Unsplash