ТРОМБОЗА: Важно е да се избегнат компликации!

Зошто се формираат тромби?

Еден човек до вчера живееше, се смееше, комуницираше со своите блиски, планираше за иднината, кога одеднаш… ненадејно умре.

Тромбоемболизам. Поедноставно кажано, се откинал тромб и го блокирал крвниот сад. Она што е најалармантно е што никој не е безбеден од ваква страшна дијагноза. Зошто се формираат тромби во човечкото тело и како да се сведе на минимум веројатноста за нивно формирање, го прашавме главниот васкуларен хирург на руската Федерална медицинско-биолошка агенција на северозападот Алексеј В. Светљиков.

Алексеј Владимирович, практично сите знаат дека во васкуларниот систем може да се формираат тромби. Кои се причините за нивното појавување и кој е во ризичната група?

Ќе започнеме од тоа дека постојано се појавуваат тромби. Тоа е нормална одбранбена реакција на организмот. Секое, дури и микроскопско оштетување на крвните садови бара регенеративна „операција“: тромб се формира за да се спречи понатамошна загуба на крв. Постојат два типа тромбоза: артериска и венска. Притоа, и двете се еднакво опасни, бидејќи можат да предизвикаат сериозни компликации, до инвалидитет или смрт.

Пред повеќе од еден век, германскиот научник Рудолф Вирхов како главни причини за формирање тромби ги наведе оштетувањето на ендотелот (внатрешниот слој на крвните садови), нарушувањето на процесот на коагулација на крвта и забавувањето на крвотокот. Тоа е т.н. Вирхофова тријада.

Односно, во ризичната група се наоѓаат пациенти по хируршки операции и повреди, жени за време на бременост и по породување, оние што долго време лежат во кревет или земаат хормонални контрацептиви. Голема веројатност за формирање тромби е забележана и кај пушачите, бидејќи се зголемува нивната вискозност на крвта и се стеснуваат крвните садови.

Оваа листа вклучува и лица со анатомски специфичности, на пр. со Меј-Турнеров синдром (состојба кога доаѓа до притисок на илијачната вена од блиската артерија), пациенти со срцеви заболувања или болести на периферните крвни садови.

Како неповолни фактори лекарите исто така ги вклучуваат и алкохолизмот, зависноста од дрога, животот со малку движења, прекумерната тежина и онколошките и наследни болести како тромбофлебитис.

Во ризичната група се сметководителите, менаџерите, програмерите, касиерите и генерално сите чија работа на некој начин е поврзана со долготрајно седење.

Се разбира, како да не ја споменеме инфекцијата со коронавирус! Денес често среќаваме пациенти со артериска или венска тромбоза што се појавила веднаш по закрепнувањето од ковид-19. Притоа, многу луѓе имаат т.н тотална тромбоза, која бара итна хируршка интервенција.

Обрнете внимание на вознемирувачките симптоми!

Дали може однапред да дознаеме за нашата склоност кон тромбоза? На кои симптоми треба да се обрне внимание?

Треба да се разбере дека венската тромбоза и артериската тромбоза се разликуваат по нивните симптоми.

Исто така, тромбозата на венскиот систем може да ги оштети и површинските и внатрешните вени.

За тромбозата на површинските вени се карактеристични болка во областа на вената зафатена од тромбот, здебелување и црвенило на кожата по должината на вената и оток во таа област. Исто така, можно е и влошување на општото субјективно чувство: слабост, треска, зголемување на телесната температура.

Тврда грутка на ногата

! Ако на ногата одненадеж се појави воспалена тврда грутка, не смеете да одложувате, веднаш треба да одите на лекар! Меѓу симптомите за паника е болка што ве спречува да стоите на погодената нога. На присуство на тромб во белите дробови може да укажуваат проблеми со дишењето (на лицето дишењето му станува тешко), како и болка во градите и горниот дел од грбот.

Главниот симптом на тромбозата на внатрешните вени е силно изразено отекување на екстремитетите (стапалата, глуждовите, бутовите, понекогаш и на целата нога). Кожата на погодената нога може да биде бледа и наместа сина, а температурата на тој екстремитет е за 1,5-2°C повисока во споредба со здравата нога. Па, сепак, во некои случаи, тромбозата на внатрешните вени во почетокот може да биде без симптоми, поради што пациентите бараат медицинска помош дури кога болеста е веќе напредната.

Дури и ако успеете да го избегнете тоа, кај приближно 50% од пациентите по внатрешна венска тромбоза се јавува посттромбоемболичен синдром, дури и ако земаат антикоагуланти. Кај 15% од пациентите неговиот тек е особено тежок, со силно отекување на екстремитетите и хронична болка, а кај 3-4% од нив се развиваат венски чирови (отворени рани).

За жал, приближно една третина од пациентите ја губат својата способност за работа во рок од десет години по откривањето на тромбозата. Ако се земе предвид дека венската тромбоза најмногу се јавува кај активни луѓе на возраст од 20 до 50 години, тогаш добиваме многу тажна слика. Затоа сакам да нагласам: ако се сомневате на појава на болест, веднаш треба да се консултирате со лекар. Навременото лекување е пресудно за намалување на веројатноста за тешки последици.

Дали навременото лекување подразбира земање лекови што го спречуваат формирањето тромби?

Не само тоа. Понекогаш кај пациентот може одеднаш да се појават неколку сериозни фактори што предизвикуваат тромбоза на внатрешните вени. Затоа, заедно со антикоагулантна терапија, пациентот може да има потреба од хируршка интервенција. Работата е во тоа што антикоагулантите не го отстрануваат тромбот од луменот на крвните садови, туку нивното земање само го блокира процесот на формирање нови згрутчувања.

Најперспективен начин за отстранување тромб денес се ендоваскуларните минимално инвазивни методи, кога операцијата се изведува под локална анестезија, без засеци, преку мали пункции во крвните садови. По ваквите операции, пациентите може да бидат отпуштени од болница веќе меѓу вториот и четвртиот ден по операцијата.

Во ендоваскуларните методи спаѓа тромболиза, кога катетерот се доведува директно до тромбот и преку него се воведува посебен лек. Во рок од два до три дена по интервенцијата, тромбот може да се распадне. Сепак, таквата операција не е индицирана за секого, бидејќи има голем број контраиндикации.

Алтернативен метод за ендоваскуларно отстранување тромб е механичка ротациска тромбектомија (извлекување на тромбот со специјален инструмент преку мал засек одозгора). Оваа технологија моментално е најпопуларна, бидејќи нема сериозни несакани компликации и овозможува висок успех на лекувањето.

Како дополнување на споменатите пристапи, во некои случаи, за да се отстрани основната причина за тромбозата, принудени сме да прибегнеме кон друга процедура – вградување венски стент.

Текст: Руски доктор

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.