Светски ден на срцето: Како да го негуваме кардиоваскуларното здравје

На 29 септември се одбележува Светскиот ден на срцето, ширум светот, со цел постојано да се подигнува свеста за зачестеноста на кардио-васкуларните заболувања, за сите потенцијални ризици и исходи кои овие заболувања ги носат со себе, и секако за соодветна грижа и заштита на кардиоваскуларното здравје

Во оваа пригода, иницијативата Здравјето приоритет – аларм за свест разговараше со кардиолог примариус асс. д-р Емилија Лазарова Трајковска, спец. интернист субспец. кардиолог од Универзитетската Клиника за кардиологија во Скопје за превенција од кардиоваскуларните заболувања, за факторите на ризик, како и за предизвиците за зачувувањето на здравјето во добата на овој 21-ви век во кој живееме.

Грижата за здраво срце започнува со разбирање на здравствените ризици кои можеме да ги следиме, контролираме и третираме.

Кардиоваскуларните болести се првата причина за смрт во светот. Според Светската Федерација за Срце, годишно над 18,5 милиони луѓе умираат токму од причини поврзани со овие здравствени проблеми. Затоа не е чудно што јавноста е исклучително заинтересирана за превенција од овие болести. Кои се Вашите клучни совети, како можеме да ја подобриме грижата за нашиот кардиоваскуларен систем?

Д-р Емилија Лазарова Трајковска

Ќе се обидам да го сублимирам мојот одговор во неколку главни совети кои треба задолжително да се следат, особено од страна на повозрасната популација:

  • спијте редовно 7-8 часа
  • практикувајте редовна физичка активност (најмалку 30 мин. дневно)
  • контролирајте ја и одржувајте соодветна телесна тежина
  • јадете разумно: внесувајте храна  со помалку транс-масти, намалете сол во исхрана,  консумирајте полнозрнести житарици, многу овошје и зеленчук, маслиново масло (медитерански начин на исхрана).
  • не пушете цигари
  • консумирајте алкохол само во умерени количини или целосно избегнувајте го.
  • важно е да се земат предвид психолошките фактори и да научите да се справувате со стресни ситуации (користете методи за релаксација, јога и сл.)
  • одржувајте ги препорачаните вредности на крвниот притисок (< 140/90 mm Hg, идеално до 130/80 mm Hg)
  • превенирајте појава на дијабетес, а доколку постои, одржувајте ја контролата на гликозата во крвта (HbA1c < 7,0%)
  • контролирајте ги мастите во крв, посебно  ЛДЛ-холестеролот  (ЛДЛ <1,8ммол/л), по препорака на вашиот доктор
  • побарајте од вашиот доктор да ви го процени 10 годишниот ризик од несакани кардио-васкуларни збиднувања (SCORE).

 

Што Ви вели искуството, кои се најголемите фактори на ризик за кардиоваскуларните болести?

Според моето искуство во домен на кардиоваскуларното здравје, најважни фактори на ризик, покрај генетските предиспозиции, се пушењето, вишокот телесна тежина, зголемениот крвен притисок и маснотии во крвта, потоа дијабетесот особено ако е нерегулиран, и изложеноста на хроничен стрес. Освен наследниот фактор, останатите ризик фактори можат да се модифицираат, односно со нивно навремено идентификување и  лекување, ризикот за несакани кардио-васкуларни настани се намалува.

Светската федерација за срце (World Heart Federation) објави дека причините за дури 25% од смртните случаи на кардиоваскуларни пациенти во светот се директно поврани со загадувањето на животната средина или воздухот. Кај нас ова е особено голем проблем во зимските месеци. Како Вие како експерт гледате на овој предизвик во 21 век?

Тоа секако е еден од најголемите предизвици на денешнината кој треба упорно и систематски да се решава на глобално ниво, и секако на локално, во наши рамки. Хроничното загадување на воздухот и постојаната изложеност на луѓето во зимските месеци е страотен ризик фактор за појава на кардиоваскуларни заболувања и зголемена стапка на смртност.

Штетното влијание се  манифестира преку директно оштетување на ендотелот на крвните садови и предизвикување на хронична инфламација, што е причина за формирање  и напредување на атеросклеротичните плаки на крвните садови.

Аерозагадувањето и ПМ честичките не го афектираат само кардиоваскуларниот систем, туку и респираторниот, и придонесуваат за појава на хронични белодробни заболувања, рак на белите дробови и малигни тумори во некои други области.

Во овие месеци силно препорачувам луѓето да ги сведат минимум своите активности на отворено т.е. својата директна изложеност на загаден воздух, а на отворено да носат маски со хепа-филтер кој не ги пропушта ПМ честичките. Ова не се однесува само на оние со кардиоваскуларни и респираторни проблеми или на повозрасната популација, туку на сите луѓе, со особен акцент и на малите деца.

Колку модерната технологија може да им помогне на кардиоваскуларните пациенти во следењето на нивната состојба или на сите останати во раното откривање на првите симптоми и одлуката навреме да побараат совет и помош од стручни лица?

Современата технологија во форма на современа медицинска опрема во последните децении доведе до попрецизна дијагностика на различни патолошки состојби поврзани со срцето и крвните садови. Од друга страна, иновативните технолошки можности значително ги подобруваат модалитетите на лекување на овие пациенти.

Современата технологија овозможува широка достапност на различни апликации кои имаат за цел да промовираат здравје и здрав начин на живот (на пр. бројачи на чекори, потрошувачка на калории, упатства за здрава исхрана итн.). Конечно, не треба да се заборави влијанието на медиумите и широката интернет дистрибуција на  информации за здрав начин на живот и превенција од кардиоваскуларни заболувања.

Секоја година на 29-ти септември се одбележува Светскиот ден на срцето. Годинешната глобална кампања се одвива под мотото „користи го срцето“ за да ги поттикне луѓето да мислат на различен и подобар начин, да донесуваат мудри и храбри одлуки при грижата за кардио-васкуларното и севкупното здравје кај себе и кај другите.

Затоа бидете мудри, сакајте го своето срце и одете на редовни годишни превентивни кардиолошки прегледи, ако сте маж над 40 година и жена над 50 година.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.