Совети од експерт: Како до здрава вагинална флора?

Одговорите ги побаравме од лекар специјалист

Д-р Лидија Черепналковска, специјалистка по гинекологија и акушерство во „Промедика, Скопје, ни откри кои се најчестите вагинални инфекции, на кои симптоми треба да се внимава и како да се одржи оптимално вагиналното здравје…

1. Кои се најчестите вагинални инфекции со кои се соочувате при вашата работа?

Бројот на жени на кои им се дијагностицирани некаков вид урогенитални инфекции, за жал, постојано се зголемува. Најчести вагинални инфекции со кои се среќаваме при работата се трихомонас вагиналис или трихомонијаза, активирана кандидијаза, хламидија, како и бактериски вагинози од различно бактериско потекло, за кои се претпоставува дека се присутни кај повеќе од 50% од женската популација.

2. Што е вагинална флора и како треба да се одржува?

Вагиналната флора е најмногу составена од т.н. додерлајнови бацили (кои се многу слични на микроорганизмите во пробиотичките формули), кои имаат заштитна функција и ѝ овозможуваат на вагината самата да се одбрани од микроорганизми што се патогени и кои може да навлезат во телото и да предизвикаат инфекција. Во вагиналната флора најчесто се наоѓаат и кандидата и во многу мали количества гарднерелата, кои доколку се активираат, може да предизвикаат дразби на вагиналната слузница и многу непријатни симптоми. Вагиналната флора треба да се одржува со нормална хигиена, не премногу често, да не се мие со сапун, туку постојат интимни гелови што може да се аплицираат одвреме-навреме и вагинално да се промиваат, меѓутоа треба да бидат со пХ што нема да ја наруши природната пХ на вагината. Треба да се користат производи што имаат пХ слична со онаа на вагиналната флора, односно да не се користат гелови со пХ над 4,5. Препаратите со пХ над таа вредност можат да ја нарушат вагиналната флора.

3. Кои се најчестите симптоми на кои треба да внимава секоја жена?

Најчести симптоми на кои треба да внимава секоја жена се чувството на чешање, печење, жарење, воспалување, променета боја и мирис, како и густина на секретот и каква било друга иритација што може да биде поврзана со урогениталниот тракт. При појавувањето на овие симптоми, а особено доколку траат повеќе од ден или два и продолжуваат и прогресираат, потребно е да се посети гинеколог и да се изврши преглед.

4. Како треба да се третираат овие инфекции?

Во принцип, секогаш треба да се третира предизвикувачот, односно микроорганизмот што се наоѓа во телото и кој ја предизвикал инфекцијата. Најголем број микроорганизми имаат свои симптоми и тип секрет што гинекологот би требало да може да ги препознае или да упати на дополнителни микробиолошки испитувања, а потоа се дава препарат што е соодветен за третирање на тој вид патогени микроорганизми. Најчесто, за третман на овие инфекции се користат антибиотици и антимикотици.

5. Ваш совет за одржување оптимално вагинално здравје?

За одржување оптимално вагинално здравје, главниот совет што го имам за младите е користење кондом, затоа што тоа е единственото средство што може со сигурност да заштити од инфекции. За одржување на хигиената и здравата микрофлора, може да се користат и препарати што се најчесто достапни во аптеките, интимни гелови што при здрава флора е доволно да се користат еднаш неделно. Меѓутоа доколку е малку нарушена вагиналната флора, што исто така може да доведе до одредени симптоми на пецкање, чешање или непријатно чувство, може да се користат и препарати со пребиотици што немаат никакви негативни дејства, можат да ја вратат вагиналната флора во нормална состојба и да дојде до исчезнување на истите симптоми. Но, секако, при појава на овие симптоми најдобро е да се изврши и гинеколошки преглед.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.