Се искачувал на вулкан, а потоа во стапалото му пронашле ларви што се хранат со човечко ткиво

Докторка предупредува како да се заштитите – можат да предизвикаат и слепило.

Додека се искачувал на активен вулкан во Гватемала, младиот Џејк Добс несвесно „понел“ нешто што не можел ниту да го замисли – ларви кои почнале да живеат во неговото стапало.

Од сите опасности со кои се соочуваат љубителите на авантурите на егзотичните дестинации, најопасни се оние што не можеме да ги видиме и на кои воопшто не помислуваме.

Колку незнаењето може да биде ризично, на своја кожа почувствувал младиот авантурист Џејк Добс, кој вели дека го доживеал својот најголем кошмар.

Додека се искачувал на вулкан во Гватемала од кој активно се издигал чад, Џејк веројатно се чувствувал како да е на врвот на светот. Но, по враќањето забележал необична промена на стапалото и веднаш побарал лекарска помош.

Лекарите тогаш му соопштиле шокантна дијагноза – во неговото стапало се развиле ларви.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jake Youngblood Dobbs (@jakeyngblood)

Зошто ларвите можат да живеат во човечката кожа?

Оваа состојба медицински се нарекува мијаза. Како што објаснува докторката Дана Фигура, мијазата е паразитска инфекција на кожата и слузниците предизвикана од ларви на одредени видови муви.

Најчесто се јавува во тропските предели, кога човек ќе биде каснат од комарец што на себе носи јајца од овие муви. Јајцата се мали, лепливи, со жолтеникава или кремава боја и цврсто се прикачуваат на домаќинот.

Топлината на човечката кожа им овозможува на ларвите да се изведат, да навлезат во кожата и таму да продолжат да се развиваат.

Особено опасно е ако се наоѓаат во близина на окото или увото, бидејќи се хранат со околното ткиво. Во такви случаи можат да предизвикаат сериозни оштетувања, па дури и губење на видот или слухот.

Симптоми

Симптомите лесно можат да се занемарат.

На местото каде што ларвата навлегла во кожата се појавуваат воспалени јазли кои наликуваат на чиреви. Тие не треба да се стискаат, бидејќи при притисок од раната може да истече секрет.

Промените најчесто се проследени со чешање, иритација и болка.

Доколку ларвата навлезе во носот, може да се појават крвавење и локално воспаление.

Можни се и секундарни инфекции, при што може да се развијат апсцеси и целулитис. Поретко се јавуваат потешки компликации, како воспаление на мозочните обвивки, воспаление на слузниците или воспаление на ждрелото.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dr. Dana Figura, DPM (@footdocdana)

Како се лекува мијазата?

Како што објаснува докторката Фигура, во случајот на Џејк ларвата останала во стапалото, па била извршена едноставна хируршка интервенција.

Местото каде што навлегла ларвата се премачкува со вазелин за да ѝ се оневозможи пристап до воздух. Кога ќе излезе на површината, внимателно се отстранува со пинцета, а по потреба се применува антибиотска терапија.

Доколку инфекцијата се јави во пределот на окото, увото или носот, неопходен е преглед и третман од соодветен специјалист.

Ако патувате во области каде што има многу комарци, докторката советува задолжително да користите средство против инсекти и никогаш да не одите боси.

Доколку забележите чир што изгледа како да се поместува, не обидувајте се сами да го стискате или отстранувате, туку веднаш побарајте лекарска помош.

Фото и видео: Инстаграм

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе