Позитивно стареење: Ваш еликсир на младоста сте самите вие

Сè е во ваши раце и – во вашата свест!

Сите сонуваме што е можно подолго да ги задржиме виталноста и младешкиот изглед. Имаме добри вести! Сè е во ваши раце и – во вашата свест!

Анкетите покажуваат дека дури 64% луѓе попрво би прифатиле значително пониска плата отколку да изгледаат десет години постаро, што многу зборува за генералниот став кон стареењето. Меѓутоа тоа што неминовно старееме не значи дека треба да биде видливо.

„Позитивно стареење“ е нов термин меѓу научниците, а означува настојување на една личност да се чувствува и да изгледа помладо одошто е, како и повеќе да внимава на здравјето. Ако заземеме таков став, можеме да избегнеме поголем дел од она што се смета за нуспојава на стареењето.

Младоста не треба да се дефинира со годините, туку со способностите. Да се биде млад значи да се биде здрав, да се изгледа привлечно, да се има енергија, сила и мотивација за разни активности. Сето ова може да биде карактеристика на 20-тите, 50-тите, па дури и на 70-тите години од животот! Еве ги нашите препораки!

Зачувајте го здравјето…

Мозок Со тек на годините, меморијата слабее. Според едно истражување, една од причините е фактот што нашиот ум ја губи способноста за одвојување на небитните од битните информации, па едноставно се преполнува.

Како да победите? Медитирајте! Длабоката релаксација помага во поттикнување на механизмот за филтрирање на информациите.

Срце Британските истражувања покажуваат дека крвниот притисок нагло почнува да расте по 40-тите години во животот.

Како да победите? Помалку консумирајте сол. Научниците сметаат дека жените во менопауза страдаат од покачен притисок зашто внесуваат многу сол во организмот.

Зглобови Истражувањата покажуваат дека зглобовите на просечна жена се десет години постари одошто би требало да бидат. Со годините се губи ’рскавицата меѓу зглобовите, како и хијалуронската течност што ги подмачкува.

Како да победите? Проверете го своето држење. Заради неправилно држење на телото зглобовите поднесуваат нерамномерен притисок, што го забрзува нивното стареење.

Дебело црево Од четвртата деценија од животот почнува да се забавува перисталтиката на цревата. Делумно поради тоа што хормоните ја намалуваат.

Како да победите? Јадете растителни влакна (овошје и зеленчук) и пијте доста вода. Тоа е одлична комбинација.

Желудник  За правилно варење на храната неопходни се ензимите, но нивното ниво опаѓа со годините. Истражувањата покажуваат дека количеството ензими што го разградуваат скробот се намалува за половина во зрелата доба.

Како да победите? Ако се појавува подуеност по секој оброк,  пробајте да земате дигестивни ензими во форма на диететски додаток.

Бели дробови Зголемувањето на телесната маса и лошото држење на телото ја поместуваат дијафрагмата. Затоа се редуцира кислородот што го вдишуваме, што го намалува капацитетот на белите дробови.

Како да победите? Бидете физички активни, правете вежби на дишење и настојувајте да стоите и да седите со исправен грб.

Текст: Т. Богунова

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.