Настинка или ковид-19? Еве како да ги разликуваме симптомите

Во почетокот на епидемијата на коронавирусот во болниците ги примаа сите сомнителни на ковид-19. Доколку не се тешко болни, сега таквите пациенти остануваат дома. Меѓутоа, моментално коронавирусот се преплетува со респираторните инфекции, па луѓето не знаат како да постапат. Кога е задолжително да се посети лекар? На нашите прашања одговара познатиот руски епидемиолог Вадим Покровски.

Интернистите на преглед велат дека многу пациенти имаат само психоза, па кај себе „забележуваат“ симптоми на коронавирус таму каде што нема. Како да ја процениме сами својата состојба – кога ни е потребен лекар?

Еден од првите симптоми што мора да ве натера на внимателност е задишеноста, кога чувствувате недостиг од воздух. Но тоа е и еден од основните симптоми на хистерична реакција. Уште еден симптом на ковид-19 е губењето на сетилата за мирис и за вкус. Меѓутоа, многу луѓе ги откриваат кај себе овие симптоми дури и доколку се здрави. Затоа, за почеток е потребно да се смирите, за да ја процените реално својата состојба.

Јасно е дека не би требало да се преоптоварува брзата помош со „лажни“ повици. Но, од друга страна, ова заболување е подло, може нагло да се влоши. Кои симптоми би морале да нѐ натераат веднаш да го свртиме бројот на брза помош?

Доколку се појавиле силна кашлица, висока температура, симптоми на интоксикација – скршеност и болка во зглобовите, тоа е повод да посетите лекар. Ако е температурата повисока од 38–38,5 степени, а притоа продолжува да расте, тоа е неповолен знак. Потребна е лекарска помош.

Постои можност да се плати тестирање на ковид-19. Има ли тоа смисла или не?

Доколку тоа ве смири и не ви е жал да платите за својот мир – секако, направете го тоа. Многумина сакаат да се уверат дека не се заразени, планирајќи на пример патување низ земјата или во странство. Иако, додека не заврши комплетно епидемијата, поисправно би било да ги почитувате препораките и да не патувате.

Ако сме настинати а ги нема наведените симптоми на коронавирусот, како да се лекуваме?

Прво, би требало да се пијат многу течности, бидејќи при секоја вирусна инфекција доаѓа до интоксикација, а изобилството од течности помага тие токсини да се отстранат од организмот. Чај со лимон, коктел од брусница и рибизли, варена шипка – сето тоа е добро.

Пациентите што прележале ковид-19 без симптоми велат дека рендгенот и кај нив покажувал промени на белите дробови. Дали е опасно тоа? Можеби е потребно сите настинати луѓе да ги проверат белите дробови?

Факт е, навистина постојат такви случаи. Но во случај на обични респираторни инфекции исто така доаѓа до нарушувања на функциите на белите дробови. Едноставно, порано рендген не е правен во почетен стадиум на акутна респираторна инфекција. Од друга страна, претераната дијагностика исто така е лоша.

Треба, пред сѐ, да се ориентирате спрема своето субјективно чувство. Доколку се чувствувате добро, зашто да правите рендген? Тоа е вишок доза на зрачење. Но ако ви се влоши состојбата, снимањето е неопходно за да се открие и запре оштетувањето на белите дробови.

Што да прави човек што бил болен но не знае дали тоа било банална настинка или имал корона?

Треба да ги следи препораките за пациентите што го прележале коронавирусот.

Многу повеќе информации и новитети за тоа како да се изборите со пандемијата можете да прочитате во специјализираното списание за долговечноста и здравјето „Руски доктор“.

Текст: Руски доктор

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.