Кој и колку смее: Внимателно со врелите бањи!

Еве зошто!

Повеќето луѓе уживаат во долго мирисливо бањање. Тоа е одличен начин да се опуштите по напорниот ден и често има лековито дејство на организмот. Меѓутоа, бидете внимателни доколку страдате од срцеви болести, јака настинка или каков било вид тумор.

БОЛЕСТИ НА СРЦЕТО

Кога станува збор за бањите, особено треба да бидат внимателни луѓето со болести на срцето, хипертензија, васкуларни заболувања, нарушувања на срцевиот ритам. Станува збор за тоа што под влијание на топлината крвните садови се шират и се забрзува крвотокот.

Во тоа постои плус: поинтензивно е лачењето на продуктите на метаболизмот, што ја олеснува работата на бубрезите и го чисти организмот.

Меѓутоа, при циркулацијата на крвта кон периферните ткива се намалува крвотокот на мозокот и на срцето, но и се снижува артерискиот притисок. Затоа кај луѓето со кардиоваскуларни заболувања (особено со исхемиска болест на срцето и со ангина пекторис) врелата бања може да биде причина за губење на памтењето и да предизвика опасни компликации: колапс, мозочен удар, инфаркт, тромбоза, па дури и ненадејна смрт.

Кој и колку смее? Болните на помлада возраст со невроциркулаторна дистонија, со органски оштетувања на срцето, како и оние со тенденција кон низок притисок или со притисок што нагло паѓа врела бања (37-38 степени) може да практикуваат по 15–20 минути, но пределот на срцето во никој случај не смее да биде покриен со вода. Потрудете се вентилацијата во бањата да биде квалитетна или, едноставно, оставете ја вратата отворена.

Немојте да се бањате кога сте сами дома. Опуштањето на сите групи мускули благотворно влијае на нервниот и кардиоваскуларниот систем. За подобар ефект, во водата можете да додадете сол за бањање или да користите етерични масла. Но доколку почувствувате макар и мало влошување на состојбата, веднаш излезете од водата.

Дури и бањите за нозе срцевите болни треба да ги практикуваат со внимание и особено да го контролираат притисокот. Доколку се појават шум во ушите, мрежа пред очите – веднаш прекинете ја процедурата, легнете и подигнете ги нозете.

! Бањата можете да ја практикувате 30–40 минути по јадење. Пред тоа истуширајте се. Бањата треба да биде загреана. Процедурата е најдобро да се спроведува навечер.

ВО СЛУЧАЈ НА НАСТИНКА

Бања може да се практикува само на почетокот на настинката, кога уште не се изразени воспалителните процеси и не е покачена температурата. Врелата вода, влажниот воздух и етеричните масла со антисептичко дејство (жалфија, бор, ела, чајно дрво) може да го спречат понатамошниот развој на болеста.

Растворете две-три капки од некое од наведените етерични масла во лажица млеко или вотка и сипете го во кадата.

Миење на кожата по процедурата не е неопходно, бидејќи корисните материи така остануваат на телото. По излегувањето од водата добро избришете се, облечете се и веднаш легнете во кревет. Корисно е да испиете шолја чај од нане или липа.

! Во случај на обилно течење од носот, затнатост на ушите, кашлица, гнојни наслаги на крајниците и покачена температура, врелите бањи се контраиндицирани! Засилениот крвоток влијае на брзо ширење на инфекциите во организмот и состојбата може нагло да се влоши.

БАЊИ И ЦИСТИТИС

Само доколку немате болки, спазма, грчеви во мочниот меур или траги од крв при мокрење, можете да практикувате топли седечки бањи. Во водата спуштете го само пределот на карлицата. Температурата не смее да надминува 37-38 степени и не задржувајте се подолго од десет минути.

Во водата можете да додадете многу малку раствор од хиперманган или одвар од лековити тревки – камилица, невен, жалфија.

За да се зголеми антиинфламаторното дејство на процедурата, по бањата легнете во кревет и испијте шолја врел билен чај или сок од брусница.

Седечки бањи не смее да се практикуваат во случај на кожни и гнојно-воспалителни болести во пределот на карлицата, потоа хемороиди, за време на бременост и менструација.

Корист во случај на циститис може да донесат врели бањи за нозете, бидејќи преку акупунктурните точки на стапалата можете да влијаете на состојбата на бабулето.

! Контраиндикации за сите видови топли процедури: тумори и наследна склоност на онколошки заболувања.

Текст: д-р Виктор Шелест

Фото: Pixabay, Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.