Како до успешно менаџирање на дијабетесот кај децата?

Дознајте од „прва рака“

Правилната исхрана и редовна физичка активност во комбинација со модерната технологија денес придонесуваат за огромно подобрување на квалитетот на животот кај децата и возрасните кои живеат со одредени здраавствени состојби.

Такво заболување е дијабетесот, за кој зборуваме во овој текст, особено за типот 1, кој најчесто се појавува кај деца, тинејџери и млади луѓе.

Да се живее со дијабетес значи дисциплинирано да се следат напаствијата дадени од докторот, пред се за начинот на живот кои вклучуваат три важни алки за успешно водење на дијабетесот: исхрана – физичка активност – самоконтрола / терапија е т.н. свето тројство за сите деца кои боледуваат од дијабетес и, секако за нивните родители, кои неминовно секојдневно се вклучени во сите активности на децата, бидејќи дијабетесот мора постојано да биде контролиран и добро менаџиран.

Кога редовно се води сметка детето да не прескокнува оброци, да јаде разновидна храна, да практикува секојдневни прошетки, пешачења или друга физичка активност соодветна за возраста, тогаш секоја препишана терапија од страна на докторот дава значително подобри резултати.

Здравјето влегува преку устата

Препораките за исхрана кај деца со дијабетес се всушност препораки за консумирање здрава храна поволна за сите деца и возрасни, односно, за целото семејство, која вклучува три оброци дневно и ужинки помеѓу; Секојдневно значителено јадење овошје, зеленчук, житарки, пиење доволно течности и внимавање да не се консумира брза, нездрава храна.

Задолжителните препораки од лекарите говорат дека секој оброк кај децата треба да ги содржи трите главни групи на нахранливи состојки, да биде избалансиран според потребата и потрошувачката на енергија, да се користат најразновидни типови на храна со оглед дека во еден тип не се содржат сите хранливи материи што се потребни за задоволување на нутритивните потреби кај децата и адолесцентите“, истакнува проф. д-р Елена Шукарова Ангеловска, педијатар ендокринолог на Универзитетската клиника за детски болести, и додава дека прифатен модел за здрав начин на исхрана е т.н. Plate Model Method, кој обезбедува надоместување на основните нутритивни потреби и потребата за енергија и раст кај децата – ½ од чинијата треба да биде зеленчук, ¼ протеини (месо, јајца), а ¼ јаглехидрати (леб, компир, ориз).

Децата со дијабетес голем дел од времето го поминуваат секако во училиште. За да се задржи дисциплината при секој оброк и ужинка, неретко во соработка со претставиците на училишната кујна се модифицира вообичаениот оброк со вметнување на посоодветна храна, како на пр. лепче од црно брашно, овошје наместо блага кифла, вклучувајќи ја можноста детето за ужинка да си носи оброк од дома.

Целта е детето со дијабетес да конзумира оброк заедно со другите деца и да не се чувствува одвоено. Се забележува дека здравиот начин на исхрана вклучува големи количини на зеленчук, а во помали и овошје кои ги имаат сите потребни витамини за зајакнување на имунитетот, особено во „сезоните на грип и настинки“ како што ги нарекуваме есента и пролетта.

Сите досегашни истражувања потврдуваат дека контролирањето на дијабетесот постојано се подобрува доколку се придава особено внимание на правилната исхрана и на индивидуализиран пристап на едукација за исхрана кај децата и нивните родители.

Оваа едукација, која воедно се состои и во воспоставување на подобри навики во исхраната и пратење на внесот на храна кај детето, е успешна само како резултат на однос полн со доверба меѓу докторот, детето и неговите родители, и е неопходна за олеснување на промените на навиките во исхраната во текот на детството и адолесценцијата.

Физичка активност како неопходна навика од мали нозе

Редовно практикување на физичка активност кај децата од рана возраст вродува со здрава навика која ќе биде од огромно позитивно значење и во понатамошниот живот со дијабетес.

Физичката активност директно влијае врз одржување на подобра состојба на кардиоваскуларниот систем, подобрување на општото здравје, како и одржување на оптимална телесна тежина и затоа, многу важна препорака за родителите е да влијаат врз децата да бидат што е можно повеќе физички активни, редовно со нив да одат на прошетки, да пешачат, да возат велосипед, и да ги мотивираат да учествуваат во училишните спортови.

Според проф. д-р Шукарова Ангеловска, јачината и траењето на физичката активност е иста како и за здравата популација, а се советува физичката активност да биде со претходно договорени препораки.

Досегашните студии покажуваат дека нема потреба од значајно менување на диететскиот режим, туку само надокнадување на енергијата потрошена со активноста.

Jаглехидратните оброци треба да бидат оптимално распоредени во тек на денот, со тоа што е потребно поголемо внимание непосредно пред и по физичката активност.

Аеробните или кардио вежби како што се умерено трчање, возење велосипед, пливање, пешачење, како и сите тимски спортови кои можат да се практикуваат во училиште – кошарка, одбојка, фудбал, ракомет. се препорачуваат.

Пожелно е децата да се стекнат со оваа навика уште пред да дојдат во оние години кога ќе поминуваат се повеќе време во клупа на училиште или дома над книга или компјутер, или едноставно пред да им се разбуди интересот за игрици и паметни телефони.

Самоконтролата како интегрален дел од менаџирањето на дијабетесот тип 1

Секојдневното повеќекратно мерење на параметрите на шеќер во крвта кај децата, младите и сите луѓе кои боледуваат од дијабетес е од животно значење.

Се препорачува употреба на алатките на самоконтролата која секојдневно треба да се спроведува во секојдневниот живот со цел да се постигне максимална ефикасност и безбедност на инсулинската терапија, а истовремено да се превенира појавата на компликации од болеста“, вели Шукарова Ангеловска, и потенцира дека, доколку детето има планирано оброк во училиште, треба пред тоа да измери гликемија за да може да ја адаптира дозата на инсулин.

Исто така, препорачливо е мерење и пред часот по физичко воспитување, како и во секој момент кога има чувство на хипогликемија.

Употребата на мерачи односно глукометри за континуирано следење на гликемијата го олеснуваат овој процес.

За изминатава година и половина,  која сите ја живееме под зголемен стрес поради пандемијата од COVID-19, им се препорачува на сите млади да го проверуваат нивото на гликемија почесто од вообичаено, да ги следат и запишуваат вредностите.

Пандемијата го смени начинот на живот за децата со дијабетес, ги ограничи нивните активности и дружење.  И покрај тоа што голем дел од времето го поминуваат дома, треба да им се обезбеди некаква физичка активност во склоп на домот, како и дружење преку платформите за комуникација (Zoom) сепак, контролата на состојбата со дијабетот треба да биде континуирана“, додава Шукарова Ангеловска.

Придобивките од дигитализацијата во современото живеење веќе дават резултати кои значително го олеснуваат овој сегмент од живеењето со „слаткиот сопатник“, при што се дојде и до развивање на мерач-глукометар со далечинско следење на гликемијата од страна на родителите и на лекарите. На овој начин се обезбедува брза реакција при многу високи, а особено при многу ниски гликемии.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.