Како да се лекува кандидијаза на хранопроводот?

Одговараат В.Н. Вишнев, фитотерапевт, и М.А. Шевјаков, гастроентеролог

Пред неколку месеци ми дијагностицираа кандидијаза на хранопроводот. Пред тоа минав низ детални прегледи, сега ја земам пропишаната терапија, но ми се чини дека здравствената состојба само се влошува. Сакам да пробам билен лек, бидејќи е очигледно дека овие од аптека не се ефикасни во мојот случај. Кои растенија може да ми помогнат?

Микозите на органите на дигестивниот тракт може да бидат предизвикани од разни микроскопски габи, сепак, кандидијазата несомнено зазема водечко место во однос на фреквенцијата на лезиите на дигестивниот тракт.

За време на дијагнозата и лекувањето на кандидијазата на хранопроводот, во некои случаи се среќаваме со одредени тешкотии.

Имено, габите од родот Candida се многу распространети во животната средина – во почвата, во водата за пиење, во храната, на кожата и слузокожата на луѓето и на животните. Така, контактот на „отворените системи“ (кожа и слузокожа) на луѓето со овие габи може да се опише како честа појава. За луѓето, овие микроорганизми се сметаат за условно патогени, бидејќи тие предизвикуваат болест само во случај на ослабување на антимикоточната заштита на организмот.

Неоштетената слузокожа на дигестивниот тракт и состојбата на слузта се од голема важност. Водечка улога во заштитата од патогените габи имаат фагоцитите во крвта.

Кој е во ризична група

Кандидијаза на дигестивниот тракт почесто се открива кај деца, постари лица, бремени жени и заболени од сида. Може да се развие за време на онколошки заболувања, алергиски и автоимуни заболувања.

Ризичната група вклучува дијабетичари и лица со ендокрини проблеми, како што се хипотироидизам или дебелина, како и хронични пациенти што подолго време земале хормонални и антибактериски препарати. Зачестеноста на кандидата кај здравите луѓе достигнува 25% во усната празнина, а 80% во цревата.

Кандидијаза на хранопроводот се јавува во 1-2% од случаите, кај пациенти со дијабетес тип 1 во 5-10% од случаите, а кај пациенти со сида во 15-30% од случаите. Факторите на ризик вклучуваат изгореници, дивертикулоза (проширувања на слузокожата на дебелото црево, слично на вреќа), полипи во хранопроводот итн.

Дијагностика и лекување

Типични проблеми во случај на кандидијаза се тешко и болно голтање (тоа доведува до нарушувања во исхраната и значително намалување на квалитетот на животот), како и непријатност во градите. Сепак, постои и асимптоматски тек на болеста, што ја комплицира дијагнозата. Затоа се прави ендоскопско испитување на хранопроводот со биопсија на ткиво, а златниот стандард за дијагностицирање е откривање на габата Candida.

Кандидијазата на хранопроводот, дури и скриена, е опасна поради нејзините компликации – стеснување на хранопроводот, крвавење, пукање на ѕидот на хранопроводот и ширење на габичната инфекција на други органи.

Лекувањето на кандидијазата на хранопроводот е невозможно без употреба на антигабични лекови. Целта на лекувањето е да се отстранат симптомите и клиничките и лабораториските знаци на болеста, како и да се спречи повторување. Терапијата нема да биде успешна ако не се придржувате до одредени ограничувања во исхраната. Диетата ќе ја пропише лекар, но во текот на целиот третман мора да го ограничите внесувањето јаглехидрати.

Билен чај против кандидијаза

 Во комплексното лекување се користат лековити билки со антимикотичен ефект. Во нив спаѓаат: бергенија (лат. Bergenia crassifolia), лист од бреза, василиј (лат. Thalictrum), лист од орев, кладонија (лат. Cladonia), иван-чај, исландски лишај (лат. Cetraria islandica), мајчина душица, плодови од сремза (лат. Prunus padus), оман (лат. Inula) и други. Можете да ги користите одвоено или во различни комбинации.

Овој билен чај мора да се пие редовно. Измешајте еден дел од корен од бергенија, лист од орев, лист од бреза и плодови од сремза и три дела мајчина душица, кладонија, иван-чај и исландски лишај. Истурете две лажици од смесата во еден литар вода.

Покријте и варете на тивок оган 25 минути, а потоа оставете го да стои уште 50 минути. Земајте по половина чаша четири-пет пати на ден, без оглед на оброците. Третманот трае еден-два месеца, па дури и подолго.

Текст: „Руски доктор“

Фото: Pexels

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.