Како да им го зајакнеме имунитетот на децата за новата учебна година?

Дознајте од доцент д-р Снежана Палчевска Коцевска, педијатар-неонатолог.

Почетокот на новата учебна година секогаш буди страв кај родителите како ќе се изборат со инфекциите карактеристични за овој период од годината, пред сè со вирозите кои се најчести предизвикувачи на инфекции кај децата.

Најважен начин да се превенираат инфекции е да ги подржиме имуниот систем на децата и здравите бактерии за кои има сè повеќе докази дека помагаат во отпорноста. Остануваат општите мерки за заштита од инфекции, како што се добрата хигиена на рацете и на површините.

Здравата храна е основа за здрав живот.  Наједноставен начин за исхрана на детето е секогаш сме во можност да приготвуваме свежа храна, да се трудиме таа да е во сите бои и со сите намирници.

ПРОБИОТИЦИ И ПРЕБИОТИЦИ – ЧУВАРИ НА ЦРЕВОТО

Нашето црево изобилува со бактерии, некои од нив се добри, корисни бактерии, некои бактерии се патогени и предизвикуваат болести. Многубројни научни студии го потврдија позитивното влијание на пробиотиците во промовирање на здравјето кај децата.

Исто така, треба да се внимава храната да содржи доволна количина пребиотици –  растителни влакна што го стимулираат растот на добрите цревни бактерии. Најмногу ги има во зеленчукот, лукот, кромидот, во житарките и во медот.

ДАЛИ ДЕЦАТА ТРЕБА ДА ПИЈАТ СУПЛЕМЕНТИ?

Основната препорака е, секако, да се трудиме децата да јадат здрава храна и на тој начин да ги внесат сите потребни макро и микронутритиенти, сите групи намирници. Но тоа секогаш не е лесно. Постојат деца што се пребирливи и, покрај целокупното настојување да јадат здрава храна, некогаш успеваме да им дадеме само мала количина од некои намирници.

Исто така, кога организмот се бори со некој микроорганизам, секако дека и потребите од „добрите бактерии“ и одредени витамини сe поголеми. Во тие случаи, секако се препорачува да додадеме суплементи.

Типичен пример е витаминот Д. Многу поздраво е витаминот Д да се создава во организмот под дејство на изложеноста на сончевите зраци. Но во исто време, поради ризиците од големиот УВ-индекс и штетните дејства на сончевите зраци, ја редуцираме изложеноста на сонце кога е тоа најинтензивно, ја мачкаме кожата со средства со заштитен фактор.

Исто е со намалената експозиција во текот на есента, кога децата се во затворени простории или во зима кога сончевите периоди се ретки. Иако храната обезбедува одредена количина витамин Д, сепак, не ги задоволува дневните потреби од овој витамин.

Улогата на витаминот Д како имуномодулатор и имуностимулатор е одамна позната. Во текот на пандемијата на ковид-19, направени се многубројни студии за деца и за возрасни, кои ја потврдија потребата од редовна примена на витамин Д во текот на акутни инфекции. Ова се однесува на сите вирусни инфекции кај децата.

Студиите за витамин Д и вирусни инфекции реферираат најдобри резултати кога витаминот Д се користи во соодветни дози во текот на вирусните инфекции и кога се користи заедно со пробиотиците. Ова е уште една индикација за употребата на витаминот Д во комбинација со пробиотик, бидејќи на тој начин се намалуваат интензитетот на симптомите и времетраењето на инфекцијата.

Пробиотиците помагаат да се одржи здравата рамнотежа во цревото, со доминација на добрите, здрави бактерии, но исто така им помагаат и на имунитетот, менталното здравје и борбата со алергиите.

 ШТО, ОСВЕН ХРАНАТА, ВЛИЈАЕ НА ИМУНИТЕТОТ НА ДЕЦАТА?

Здравје не е само отсуство на болест. Здравје се здравите животни навики. Петте основни постулати за здравје кај децата се правилната исхрана, навиката да се пие доволно вода, да се има редовна физичката активност, да се престојува во природа, и да се има добар сон, кој е есенцијален за добро здравје.

Здравата средина во домот, која изобилува со љубов и обезбедува поддршка, ги штити децата од стресот, кој е главен фактор за опаѓање на имунитетот.

Сите овие фактори заедно – храната, суплементите, здравите животни навики и љубовта што им ја даваме – ги прават децата здрави и среќни, силни и отпорни.

 

Доцент д-р Снежана Палчевска Коцевска, педијатар-неонатолог
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.