Како да го зачувате ДОБРИОТ СЛУХ

Многумина од нас по настинка често имаат воспаление на увото. Обично го лекуваме со капки од аптека, некој во увото става вата со камфор или, едноставно, трпиме додека помине… Од друга страна, кај постарите луѓе често се „затнува“ само едното уво, чувствуваат јадеж и имаат многу церумен (ушна маст). Сепак, најголем проблем е влошувањето на слухот, како и зуењето или шумот во ушите… Руските експерти советуваат како да ги лекувате ушите и да го подобрите слухот со помош на природни средства

ЗОШТО Е ОПАСНО ВОСПАЛЕНИЕТО НА УВОТО

Отитисот (воспаление на средното уво) е многу раширено заболување, како кај децата така и кај возрасните. Често се развива по грип, ангина, банална кивавица, а доколку е ослабен имунитетот – може да премине во хроничен облик. Во текот на акутниот отитис заболениот се жали на силна болка во увото, температура од 38 степени и повеќе, како и секрет од ушниот канал. Во повеќето случаи при интензивно лекување, некомплицираниот отитис поминува во рок од два до четири дена, со користење бактерицидни и противвоспалителни средства од арсеналот на народната медицина. Лекарите во таква ситуација, особено за деца, пропишуваат антибиотици. Понекогаш, покрај пробивањето на гнојот, во ушната мембрана се создаваат отвори, но тие обично брзо зараснуваат, па слухот не страда од тоа.

Хроничното воспаление на увото често доведува до слабеење на слухот, речиси до негово целосно губење. Во ретки случаи гнојните микроби може да пробијат во пределот на главата, предизвикувајќи сериозна компликација – воспаление на мозокот (менингитис), што може да има тешки последици, па дури и фатален исход. Затоа е најдобро прво да посетите ОРЛ-лекар за да ви одреди адекватно лекување.

ЛЕКОВИТИ ТАМПОНИ

Добар ефект во случај на воспаление на увото манифестира тампон од вата наквасен со тинктура од невен, божур и прополис, кој се става во ушната школка. Тампоните се менуваат еднаш-двапати дневно.

При гноен отитис и болки во увото можете да користите 70-процентна алкохолна тинктура од пупки од топола во сооднос 1 : 5 (погрижете се напролет да набавите пупки, за да не ги барате тогаш кога ќе ви затребаат!). Со тинктурата наквасете парчиња вата и ставете ги во ушниот канал (можете да ја комбинирате со тинктура од прополис). Курата трае 10–15 дена. Се смета дека процесот е саниран доколку ушната празнина е сува и еден месец по престанокот на лекувањето нема излачувања. Водете сметка ватата да не оди длабоко во увото за да можете лесно да ја извадите (тоа правете го с пинцета).

ГРЕЕЊЕ НА УВОТО СО ЧАД

Понекогаш во текот на настинката се јавува силна болка во едното или двете уши, а по смирувањето на воспалителниот процес се нарушува слухот. Во таков случај е индициран следниот народен метод на лекување: чист лист од хартија се мота во фишек и се држи хоризонтално, со мало навалување надолу. Потесниот дел се става во увото, а широкиот крај од фишекот се пали, внимавајќи чадот да се насочи кон увото. Кога ќе изгори речиси целиот фишек, со нежно протресување со раката се истресува остатокот од хартијата што изгорел. Болката, затнатоста и глувоста престануваат многу брзо. Само бидете претпазливи и внимавајте да не се изгорите!

БАЊА ЗА УВО

Добар лековит ефект манифестираат парни бањи со тревката коњска детелина (лат. Melilotus). Една дланка од тревката во стаклена тегла прелејте со зовриена вода, главата прекријте ја со волнена марама и увото држете го над теглата (внимателно, да не се изгорите) 10–15 минути. Процедурата се практикува пред спиење, а по неа во увото се става вата со една од понудените лековити смеси.

ДА ЈА ИЗЛЕЧИМЕ НАГЛУВОСТА

При појава на наглувост како последица на воспалителни процеси во увото се користи алкохолна тинктура од прополис со билно масло (најдобро со бадемово, оревово или масло од кајсија) во сооднос 1 : 4. Смесата добро се протресува, во неа се наквасуваат тупфери од газа и внимателно се ставаат во увото, па се менуваат на 24–36 часа. Ова е корисно во случај на акутно и хронично воспаление на средното уво, како и при старечка наглувост. Курата подразбира 12–15 процедури.                                                    

КАПКИ ПРОТИВ БОЛКА И ШУМ ВО УШИТЕ

Доколку ве вознемируваат болки и шум во ушите и слухот ви е ослабен, тогаш во ушниот канал можете да сипете капки направени по следените руски рецепти:

* Две лажици цветови и листови од врбовка (иван-чај) прелејте со 300 мл зовриена вода, оставете да отстои половина час и внимателно исцедете. Капнувајте во увото по четири-пет капки два-три пати на ден. Пијте по четвртина чаша од истиот одвар три-четири пати дневно.

* Иситнете три-четири јатки од ореви и исцедете го од нив маслото со помош на газа, па во тоа додајте две капки етерично масло од чајно дрво. Дневно во ушниот канал капнувајте по две-три капки, а потоа затнете го увото со сува вата. Можете да користите и готово оревово масло.

* Во случај на болен отитис за отстранување на воспалението, уништување на гнојни микроби и ублажување на болката можете да користите етерични масла од гераниум, ружа, пачули, лаванда, чубрика или темјан. Она што ќе го одберете помешајте го со основно масло од праска или бадем. Пет-шест капки од етеричното масло ставете на 10 мл основно масло, добро измешајте и загреано капнете го во увото – по две-три капки, два-три пати дневно.

* Ви препорачувам во домашната аптека секогаш да имате масло од кантарион и затоа треба да се направи во текот на летото. Еве како: свежи цветови од кантарион изгмечете во аван и наквасете ги со малку вотка. Потоа прелејте ги со рафинирано сончогледово или маслиново масло во сооднос 1 : 5 и оставете го тоа да отстои на сонце три недели. Потоа исцедете го маслениот слој. Правилно приготвеното масло од кантарион има боја на гнила вишна. Тоа не лекува само отитис туку и изгореници, воспаление на кожата и смрзнатици, а одлично се покажува и за санирање лузни. Во случај на воспаление на увото, во ушната школка капнувајте по три-четири капки два-три пати дневно. Силно бактерицидно и противвоспалително дејство има и тинктурата од кантарион, со која можете да наквасите тупфери од вата и да ги ставите во болното уво.

* Во ушниот канал двапати дневно капнувајте по три до пет капки топол одвар од иситнет лавров лист (на шолја зовриена вода сипете лажица ливчиња, оставете да отстои во термос три часа, па исцедете).

* Природниот мед исто така има изразено антимикробно и противвоспалително дејство, а наедно и одлично дезинфицира. Растворајте го во превриена топла вода три-четири минути и капнувајте во болното уво два-три пати дневно.

ПЕЧЕН КРОМИД „ГО СУШИ“ УВОТО

Доколку имате впечаток дека од увото постојано нешто ви тече, како да има многу течност внатре, и притоа ви се влошува слухот, ве советувам да постапите вака: во главица кромид исечете квадратен отвор, издлабете го и проширете го. Во тоа вдлабнување сипете лажиче семе од ким сомелен во мелница за кафе и прекријте го со коцката извадена од луковицата. Печете го во рерна половина час. Додека е врела главицата кромид, исцедете го сокот. Двапати дневно капнувајте по три до пет капки сок во увото и затнувајте го со вата. Тоа го отстранува воспалението и го подобрува слухот.

ШТО ДА ПРАВИТЕ СО ЦЕРУМЕНСКИТЕ ЧЕПОВИ

Колку почесто се обидувате со помош на клечка, шнола, стапчиња и други средства што ви се при рака да го отстраните ушниот церумен, толку повеќе тој ќе се создава. Ушниот секрет служи како заштита од туѓи тела, прашина и ситни инсекти. Затоа ушите чистете ги најчесто двапати месечно, не пикајќи го стапчето подлабоко од еден сантиметар. Во спротивно, жлездите со двократна енергија ќе почнат да лачат церумен, тој ќе се пресува и со текот на времето ќе се создаде церуменски чеп. А доколку во увото стигне дури и мало количество вода или пот, церуменот набабрува, увото се затнува, се јавува шум и се влошува слухот, така што вашиот сопствен глас почнува да одекнува. Чепот може и да врши притисок на ушната мембрана и на ѕидовите на надворешниот ушен канал, предизвикувајќи главоболка, кашлица, мачнина…

Доколку чепот не е премногу дебел, и сами можете да се обидете да го отстраните. За тоа е потребно најмалку од три до пет дена да капнувате во увото топло билно масло (бадемово, од праска, од кајсија или сончогледово) – по пет-шест капки двапати дневно. Церуменскиот чеп постепено ќе омекнува и ќе исчезне. Доколку, пак, церуменскиот чеп е премногу густ и тврд, ќе мора да посетите ОРЛ-лекар. Ако сте склони на создавање церуменски чепови, двапати месечно во ушите можете да капнувате по пет-шест капки тропроцентен хидроген од аптека или бадемово масло и да лежите на спротивната страна околу 15 минути. Потоа со вата внимателно исчистете го ушниот канал.

Извор: Руски доктор

Фото: Guliver/Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.