ХОРМОНСКИ ПРИРАЧНИК: Откријте кои важни улоги ги играат во вашиот живот естрогенот и прогестеронот

Женското здравје

Фантастично, нели? Хормоните исто така го поддржуваат вашето тело на други начини, кои немаат врска со раѓањето.

Ниедна жена нема кажано „среќна сум што сум во хормонска нерамнотежа“ кога сака да соопшти дека е опуштена и задоволна.

Тоа е затоа што естрогенот и прогестеронот имаат лоша репутација, земајќи предвид дека нивната флуктуација стои зад голем број проблеми – акни, болки за време на менструацијата, несоница поврзана со менопаузата се само дел од нив.

Тие, исто така, влијаат и врз растот на туморот на дојка, јајници или ендометриум.

Меѓутоа, ако сте насочени само кон хормоналните проблеми, не ја гледате пошироката слика.

Постои нешто извонредно, нешто што предизвикува страхопочит кон овие сложени хемиски материи што циркулираат низ нашите тела.

Женските хормони не само што ни помагаат да забремениме и да ја одржиме бременоста туку придонесуваат и за нормално функционирање на остатокот од нашето тело, вклучувајќи ги коските, крвотокот и вагината.

Нашата „машина“ за создавање на хормоните стартува во пубертетот, кога мешавината од сигнали од нашиот нервен систем и оние од нашето опкружување испраќа порака до хипоталамусот, кој е со големина на грашок и се наоѓа точно на врвот на хипофизата, дека е време „да почне забавата“.

Како одговор, хипоталамусот почнува да испраќа во хипофизата хемиска материја, хормон што го ослободува гонадотропинот.

Хипофизата, пак, ослободува два хормона: фоликуло-стимулирачки хормон (FSH), кој го поттикнува растот на фоликулите, односно на малите вреќички исполнети со течност во кои се наоѓаат јајце-клетките, додека лутеинизирачкиот хормон (LH) ја стартува овулацијата, т.е. ослободувањето на зрелата јајце-клетка од една фоликула.

Кога FSH и LH ќе стигнат во јајниците, почнуваат да излачуваат естроген и прогестерон, претворајќи го телото на девојчето во тело на жена, со гради, срамни влакна и менструален циклус.

Приближно 40 години од првиот менструален циклус до последниот, секој месец ве очекува ист тек на настаните. Првиот ден од циклусот, естрогенот почнува да расте, а јајце-клетките да се развиваат.

Една расте побрзо од другите и околу 13-от ден таа јајце-клетка се ослободува во јајцеводот, каде што може, но не мора, да се спои со сперматозоиди.

Во меѓувреме, преостанатиот дел од фоликулата се претвора во жолто тело, кое произведува естроген и прогестерон за подготовка на слузницата на матката за потенцијална имплантација на оплодената јајце-клетка.

Ако јајце-клетката не е оплодена, нивото на естрогенот и прогестеронот опаѓа, а слузницата на вашата матка почнува да се лупи и почнува менструацијата.

Доколку дојде до имплантација, прогестеронот останува на највисоко ниво, за да ја одржува слузницата на матката здрава додека дојде време за породување.

По породувањето, опаѓањето на естрогенот и прогестеронот помага за придвижување на лактацијата.

Стимулацијата на мајчиното млеко ја врши трет хормон – пролактин, кој исто така ја потиснува овулацијата, па помала е веројатноста, но не е невозможно, жената да забремени додека дои.

Фантастично, нели? Хормоните исто така го поддржуваат вашето тело на други начини, кои немаат врска со раѓањето.

Пред менопаузата, естрогенот го заштитува мозокот од когнитивно паѓање, деменција и паркинсонизам (збир на невролошки состојби што предизвикуваат проблеми со движењето).

Освен тоа, естрогенот ги релаксира крвните садови, го снижува притисокот, го поддржува здравиот холестерол во телото и ја забавува разградбата на коските, одржувајќи ги цврсти.

Помага и во зголемувањето на сексуалната желба и ја одржува вагиналната слузница влажна и кисела, па помалку е осетлива на лошите бактерии што предизвикуваат уринарни инфекции и вагинитис.

Опаѓање на естрогенот и на прогестеронот што се јавува со менопаузата доведува до тоа заштитата што ја даваат тие да почнува да слабее. Тие хормонски промени може да доведат до валунзи, ноќно потење и вагинална сувост.

За жените што се борат со интензивни симптоми на менопауза, хормонската терапија, која може да содржи само естроген или естроген и прогестерон, доведува до вистинско олеснување. Исто така, постои одредена заштита и за вашите коски и срце кога хормонската терапија се зема во 50-тите години или во текот на десетте години од почетокот на менопаузата.

Докторите со години беа мошне резервирани кога станува збор за примена на хормонската терапија, поради резултатите од истражувањето спроведено пред повеќе од 20 години, а кое востанови поврзаност меѓу хормонската терапија и ракот на дојка.

Поновите истражувања покажаа дека кај повеќето жени што страдаат од симптомите на менопауза, а кои почнуваат со хормонска терапија пред 60-та година, има поголеми придобивки од неа одошто штета.

Ако сте заинтересирани, консултирајте се со својот гинеколог за предностите и недостатоците на хормонската терапија.

А еве уште добри вести. И покрај лошите работи што ги слушаме за менопаузата, тука се и предностите што ги носи опаѓањето на хормоните.

Ако имате миоми или ендометриоза, тие обично исчезнуваат со почетокот на менопаузата. Исто така, и мигрените стануваат поретки.

Голем број жени чувствуваат олеснување поради престанувањето на менструацијата и грижата за контрацепција. За многумина менопаузата преставува преминување во животна фаза во која има помалку грижи.

Текст: Бојана Сојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.