Гихтот може да се победи: Еве како!

Потребно е да се промени исхраната, да се пијат одвари за исфрлање на солите од организмот и да се ставаат облоги од билки што имаат изразено аналгетско и противвоспалително дејство. Ви ги предлагаме следните комбинации од тревки…

Како што е познато, гихтот е хронична болест, поврзана со насобирањето кристали од мочната киселина (урати) во зглобовите и другите органи, кое клинички се манифестира со повратен акутен артритис и создавање гихтни јазли (тофуси).

Коригирајте ја својата исхрана

Од гихт најчесто боледуваат мажи постари од 40 години. Особено оние што сакаат мрсна храна и црно вино.

Како последица на вродениот или стекнатиот недостиг од ензимот што го регулира процесот на употреба на пуринот, кристалите на мочната киселина почнуваат да се насобираат како во зглобовите, доведувајќи до развој на акутно воспаление, така и во бубрезите, што во 15–20 отсто случаи придонесува за појава на камен во бубрегот.

Бидејќи факторот на исхрана е еден од водечките во случај на гихт, пред сѐ треба да се придржувате до диета, постојано или во подолги кури.

Тревки ќе ви помогнат да ги исфрлите солите

Исто така треба редовно да користите лековити билки што придонесуваат за излачување на мочната киселина и пуринските бази од организмот. Во тоа помагаат троскот (лат. Polygonum aviculare), килавица (лат. Herniaria), коприва, ледум (лат. Ledum), бедреница (лат. Pimponella saxifraga), брусница, мечкино грозје (лат. Arctostaphylos uva-ursi), цветови од разделниче и др.

Од овие лековити билки обично се прави одвар: лажица иситнета суровина прелејте со половина литар вода. Варете на тивок оган во поклопен сад 15 минути. Оставете да отстои 30 минути. Пијте по половина чаша четири пати дневно, независно од јадењето. Курата трае месец-два, па и повеќе.

Многу често во случај на гихт страдаат и бубрезите, бидејќи во нив може да се таложат уратни камења и да предизвикаат појава на камен во бубрегот. Затоа овие лековити билки исто така се корисни и за превентива од настанување како и за комплексно лекување на камен во бубрегот.

Против воспаление и болка

При гихт често се воспалуваат и отекуваат зглобовите, движењата стануваат отежнати и болни. За намалување на болката и воспалението треба да се искористат лековити билки што имаат изразено аналгетско и противвоспалително дејство – кора и листови од ива, трева сурутарка (лат. Filipendula ulmaria), млади фиданки од јасика (лат. Populus tremula), цветови од бозел.

Од овие лековити билки најчесто се прави одвар: една лажица иситнета суровина прелејте со половина литар вода. Тревките, листовите и цветовите варете ги 15 минути, додека кората е неопходно да се вари половина час во поклопен сад на тивок оган.

Оставете да отстои 60 минути. Пијте по половина чаша три-четири пати дневно по јадење, во кури од две-три недели.

Компреси во случај на влошување

Препорачливо е да се применуваат и облоги од лековити билки што имаат изразено аналгетско и противвоспалително дејство. Така, на пример, од кора од јасика или топола се прави одвар за компреса на следниот начин: четири-пет лажици иситнета суровина прелејте со половина литар вода.

Варете на тивок оган во поклопен сад 30 минути. Оставете да отстои половина час. Топлите облоги ставајте ги на зглобовите двапати дневно и држете ги 30–40 минути.

Рецепт за билен чај

Во домашни услови можете да го приготвите следниот билен чај. Помешајте по две мери троскот, кора од ива и исландски лишај (лат. Cetraria islandica), по една мера брусница и иван-чај, 0,2 мери ноктец (лат. Melilotus). Една лажица од мешавината прелејте со половина литар вода. Варете на тивок оган во поклопен сад 25 минути. Оставете да отстои 50 минути. Пијте по половина чаша четири-пет пати дневно, независно од јадењето, во кури по два-три, па и повеќе месеци.

Составот на овој билен чај периодично треба да се менува. Така, наместо кора од ива, можете да искористите млада кора од јасика или топола, корен од зајче трн (лат. Ononis) или барски петолист (лат. Comarum), а наместо брусница мечкино грозје, килавица, иванско цвеќе (лат. Galium), златица (лат. Solitago), коприва, листови од бреза.

Текст: Владимир Николаевич Вишњев, лекар и фитотерапевт

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.