Феродефицитна анемија: Зошто постојано сте уморни и кои се знаците дека ви недостига железо?

Феродефицитната анемија е најчестиот облик на анемија во светот и претставува значаен јавно-здравствен проблем што може да ги засегне луѓето од сите возрасни групи. Иако често започнува со навидум безопасни симптоми, нелекуваниот недостаток на железо може значително да влијае врз секојдневното функционирање и квалитетот на живот.

Феродефицитната анемија настанува поради недостаток на железо – есенцијален микроелемент неопходен за создавање хемоглобин. Хемоглобинот е протеин присутен во еритроцитите, чија основна функција е транспорт на кислородот до ткивата и органите.

Кога резервите на железо во организмот се намалуваат, телото не може да создава доволно хемоглобин, а со тоа се нарушува снабдувањето на клетките со кислород. Последиците може да се манифестираат со хроничен замор, слабост, намалена концентрација, забрзана работа на срцето и низа други симптоми.

Навременото препознавање на знаците, правилната дијагноза и соодветниот третман се од клучно значење за успешно справување со состојбата и подобрување на квалитетот на живот.

Кои се најчестите причини за недостаток на железо?

Феродефицитната анемија може да се појави поради различни причини. Најчести се:

  • недоволен внес на железо преку исхраната;
  • зголемени потреби за железо во периодот на раст, бременоста и доењето;
  • хронични крварења, вклучително и обилни менструални циклуси, гастроинтестинални крварења, хемороиди и често дарување крв;
  • намалена апсорпција на железото кај заболувања на желудникот и цревата, како што се целијачната болест, воспалителните заболувања на цревата и атрофичниот гастритис;
  • намалена апсорпција по одредени хируршки интервенции;
  • долготрајна употреба на одредени лекови што можат да предизвикаат гастроинтестинално крварење.

Особено внимателни треба да бидат жените во репродуктивниот период, бремените жени и доилките, децата и адолесцентите, постарите лица, како и луѓето со рестриктивен начин на исхрана.

Заморот не е единствениот симптом: Како да препознаете дека ви недостига железо?

Клиничката слика зависи од степенот на недостаток на железо, но и од брзината со која се развила анемијата. Во почетните фази симптомите може да бидат благи и често се припишуваат на стрес, недоволно спиење или забрзаното секојдневие.

Најчести знаци се:

  • хроничен замор и слабост;
  • намалена работна способност;
  • бледило на кожата и слузниците;
  • главоболка и вртоглавица;
  • тахикардија и чувство на забрзана работа на срцето;
  • отежнато дишење при физички напор;
  • намалена концентрација и раздразливост;
  • кршливи нокти;
  • опаѓање на косата;
  • воспаление на аглите на устата;
  • необична желба за јадење мраз, креда или земја, позната како пика синдром.

Токму затоа, долготрајниот замор не треба автоматски да се припишува на стрес или премор. Доколку симптомите се повторуваат или траат подолг период, потребна е консултација со лекар.

Како се поставува дијагнозата?

Дијагнозата се поставува врз основа на анамнеза, клинички преглед и лабораториски анализи.

Покрај комплетната крвна слика, за проценка на статусот на железо се значајни и параметрите како што се феритин, серумско железо, вкупниот капацитет за врзување на железо (TIBC) и сатурацијата на трансферин.

Важно е да се утврди не само дали постои недостаток на железо, туку и зошто настанал, особено кај возрасни лица. Самостојното земање препарати со железо без претходно утврдена причина не е препорачливо.

Исхраната има важна улога

Правилната и разновидна исхрана е важен дел од превенцијата и третманот на недостатокот на железо.

Железото во храната се јавува во две форми – хем и нехем железо.

Хем-железото се наоѓа во намирниците од животинско потекло, како што се црвеното месо, црниот дроб, рибата и живината. Организмот го апсорбира полесно и во поголем процент во споредба со нехем-железото.

Нехем-железото се наоѓа во мешунките, спанаќот, интегралните житарки, јаткастите плодови и семките. Неговата апсорпција е послаба и зависи од повеќе фактори.

Затоа, при консумирање намирници богати со нехем-железо, корисно е оброкот да се комбинира со храна богата со витамин Ц, како цитрусно овошје, пиперки и киви, бидејќи витаминот Ц ја подобрува апсорпцијата на нехем-железото.

Комбинирањето на различни извори на железо во исхраната може да придонесе за подобра искористливост на овој важен микроелемент.

Од друга страна, чајот, кафето и млечните производи можат да ја намалат апсорпцијата на железото. Затоа, особено кога се зема препарат со железо, се препорачува да не се консумираат истовремено, туку со соодветен временски интервал.

Кога се потребни додатоци со железо?

Додатоците во исхраната не се замена за разновидна и балансирана исхрана и не треба да се земаат без утврдена потреба.

Кога лабораториските анализи ќе покажат недостаток на железо и лекарот ќе процени дека е потребна суплементација, при изборот на препарат не е важна само количината на железо, туку и неговата биорасположливост, искористливост и гастроинтестинална подносливост.

Одредени форми на железо може да бидат подобро подносливи за дигестивниот систем, што е значајно за редовното земање на терапијата и нејзината ефикасност.

Затоа, изборот на препарат треба да се направи внимателно, во согласност со индивидуалните потреби и по совет од лекар или фармацевт.

Недостатокот на железо не треба да се игнорира

Феродефицитната анемија е најчестиот облик на анемија и состојба која, кога навреме ќе се препознае и правилно ќе се третира, во најголем број случаи може успешно да се надмине.

Клучот не е само во надополнувањето на железото, туку и во откривањето на причината поради која дошло до негов недостаток.

Навремената дијагноза, соодветната исхрана, правилниот избор на препарат со железо, придржувањето кон терапијата и стручниот совет од лекарот и фармацевтот се основа за успешно лекување, спречување на можни компликации и подобрување на квалитетот на живот.

Д-р Лиле Атанасоска Пејчиновска
ПЗУ „ВИВА“ – Скопје

Текст и фото: ПР

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе