Емоционално прегорување: Кога одморот не помага…

Не е онака како што изгледа

Спрема емоционалното прегорување би требало да се однесуваме многу посериозно…

Неодамна Светската здравствена организација синдромот емоционално прегорување го воведе во меѓународната класификација на болести.

За што станува збор? За тоа дека она „само си се уморил, земи ден-два одмора“ – не помага. Спрема емоционалното прегорување би требало да се однесуваме многу посериозно…

КАКО СЕ МАНИФЕСТИРА

Постојан умор, чести главоболки и мускулни болки, потење, слаб апетит и нарушување на спиењето. Расте притисокот и почнуваат болки во пределот на срцето. Покрај тоа, се јавува и чувство на осаменост, рамнодушност спрема сѐ и неможност да се концентрираме.

Слабата исхрана во тој период се компензира со алкохол, цигари или лекови. Се губи заинтересираноста за сѐ што е ново, станува поедноставно да се работи по вообичаените шаблони.

Во животот се „вселуваат“ досада, тага, апатија, нема заинтересираност за околината, колегите, семејството, се прекинуваат старите контакти. Значи, во прашање е исцрпеност на ресурсите на сите фронтови.

КАДЕ Е ИЗЛЕЗОТ

Некои сметаат дека е доволно да се оди на одмор и сѐ ќе помине. Сепак не е така: лековитиот ефект од одморот трае само две-три недели, а потоа сѐ се враќа во почетната состојба. Значи, што да правите?

На работа: Правилно планирајте го работниот ден, немојте да преземате повеќе обврски отколку што сте способни да завршите и не започнувајте нови работи на крајот на работниот ден.

Паузата за ручек немојте да ја користите само за земање храна туку и за одмор: прошетајте на свеж воздух. Промената на амбиентот благотворно ќе се одрази на вашата психичка состојба.

Дома: Исклучете сѐ што ве потсетува на работа, немојте да ја проверувате електронската пошта и не читајте вести. Најважно е да се исклучите од работната атмосфера.

Потрудете се да се опуштите и максимално задлабочете се во областа што ви е интересна (спорт, хоби, градинарство). Најдобро би било таа попладневна занимација да е сосема спротивна од работата.

Многу е важно на спиење да одите навреме. Идеално е тоа да биде до 23 часот, а сонот мора да трае најмалку осум часа. Благодарение само на оваа „мера“, по две-три недели вашето субјективно чувство ќе биде многу подобро.

И понатаму ништо не помага? Обратете му се на професионален психолог. На стоматолог одите кога ве боли заб, нели? Кај кардиолог за срцето… Емоционалната исцрпеност воопшто не е помала закана по здравјето.

Текст: Валентина Терешко, лекарка во Центарот за хигиена, епидемиологија и јавно здравје, Минск

Извор: Руски доктор

Фото: Pixabay.com, Getty Images

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.