Дознајте од прва рака: Колку време трае имунитетот на ковид-19 по прележување на болеста?

И дали секој развива имунитет по прележување на коронавирусот?

Одговара д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за Имунобиологија

Пандемијата на коронавирусот и понатаму го тресе светот. Расте бројот на заболени, за жал, расте и бројот на починати.

Растат и стравот и анксиозноста и кај оние што го прележале вирусот, и тие не се чувствуваат безбедно, особено последниов месец, во кој сè почесто слушаме и читаме дека постојат луѓе што повторно заболеле од ковид-19 и покрај тоа што го прележале пред неколку месеци.

Оттука се наметнува прашањето: дали сите што прележале ковид-19 развиваат имунитет и колку време трае тој имунитет, односно, колку време сме безбедни од повторна инфекција со патогенот, кој, за жал, предизвикува уште поизразени симптоми на болеста.

Одговорот го добивме од д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за Имунобиологија, кој токму на оваа тема зборуваше во утринската програма на ТВ Сител – „Ја сакам Македонија“.

Иако сè уште немаме конечна бројка колку трае имунитетот на ковид-19, сè поевидентно е дека имунитет има, и тој имунитет трае најмалку шест месеци“, открива д-р Петличковски, додавајќи дека имунитетот варира од човек до човек, односно, не е кај секого ист. „Тоа значи дека човек што ќе прележи ковид-19 во оваа сезона нема или има минимални шанси повторно да ја прележи истата болест сезонава“, вели директорот.

Ова сознание е резултат на досегашното искуство со вирусот, кој предизвика пандемија во март годинава и кое трае шест месеци, но д-р Петличковски истакнува дека постои можност заштитата на организмот од прележувањето на болеста да биде и подолга од половина година.

За вакви респираторни инфекции се очекува имунитетот да трае и до една година, но тоа сè уште не е потврдено, па затоа во моментов велиме дека најмалку од шест до седум месеци имунитетот останува“, вели д-р Петличковски.

„Концентрацијата на антителата во организмот е најголема 4-6 недели по појавата на првите симптоми на болеста. Тоа е и идеално време за дарување крвна плазма. По тој период бројот на Игг-антителата постепено опаѓа. Колкав ќе биде нивниот број најмногу зависи од текот на болеста. Генерално, луѓето што имале потежок тек на болеста создаваат повеќе антитела. Разлика има и меѓу возрасните групи. Децата создаваат помалку антитела на болеста, додека, пак, возрасните создаваат повеќе“, вели директорот на Институтот за Имунобиологија.

Во однос на мерките за спречување на заразата и ширењето на коронавирусот, препорачани од СЗО – носење заштитна маска, одржување физичка дистанца и употреба на средства за дезинфкеција, д-р Петличковски советува да продолжат да се применуваат дури и од страна на лицата што прележале ковид-19.

Земајќи предвид дека сè уште не располагаме со сознание за стопроцентна сигурност дека инфекцијата нема да се повтори кај тие што ја прележале, препораките за заштита продолжуваат да важат за сите.“

За тоа до кога заболениот од ковид-19 останува инфективен за околината и кога е најдобро да се направи серолошко тестирање за да се утврди степенот на имунитетот на болеста, погледнете во следниот видеоприлог.

Видео: Јутјуб

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.