Доколку постојано сонувате лоши соништа, задолжително одете на доктор: Еве зошто!

Совети на експерти

Повозрасните луѓе, на кои им е дијагностицирана Паркинсонова болест, може да се соочат со ноќни мори неколку години пред да се појават првите карактеристични симптоми на оваа болест

Лошите соништа и ноќните мори може да бидат првиот знак на предупредување за развој на Паркинсонова болест, велат истражувачите од Универзитетот во Бирмингем. Ново истражување, објавено во магазинот eClinicalMedicine, покажало дека кај групата возрасни мажи што често сонувале лоши соништа, постоела двојно поголема веројатност подоцна да бидат дијагностицирани со Паркинсонова болест, за разлика од оние што спиеле мирно.

Лошите соништа никогаш не биле истражувани како индикатор за болест

Претходни истражувања покажале дека луѓето со Паркинсонова болест почесто доживуваат ноќни мори и лоши соништа за разлика од возрасните во општата популација, но користењето ноќни мори како индикатор за ризик од Паркинсонова болест претходно не било земено предвид.

„Иако е многу корисно рано да се дијагностицира Паркинсонова болест, постојат многу малку индикатори за ризик и многу од нив изискуваат скапи болнички тестови или се многу чести и неспецифични, како што е дијабетес. Јасно е дека треба да се спроведат понатамошни истражувања во оваа област, но идентификувањето на значењето на лошите соништа и ноќните мори може да укаже на тоа дека поединците кои доживуваат промени во своите соништа на постара возраст, без никаква очигледна причина, би требало да побараат совет од лекар“, нагласил доктор Абидеми Отаику од Центарот за здравје на човечкиот мозок на Универзитетот во Бирмингем.

Постојат двојно поголеми шанси да се развие болеста кога се појавуваат лоши соништа

Истражувачкиот тим користел податоци од големи истражувања спроведени во САД, кои содржеле податоци во период од 12 години за 3.818 постари мажи кои живееле сами. На почетокот од истражувањето, мажите пополниле низа прашалници, од кои еден вклучувал прашања за квалитетот на сонот. Учесниците што пријавиле лоши соништа најмалку еднаш неделно, биле следени до крајот на истражувањето за да се види дали постои поголема веројатност да им биде дијагностицирана Паркинсонова болест.

Во текот на следењето, бил дијагностициран 91 случај на Паркинсонова болест. Истражувачите откриле дека учесниците кои често сонувале лоши соништа имале двојно поголеми шанси да ја развијат болеста, во споредба со оние што спиеле мирно. Повеќето дијагнози биле поставени во првите 5 години од истражувањето. Учесниците со чести лоши соништа во текот на овој период имале повеќе од три пати поголеми шанси да развијат Паркинсонова болест.

Соништата можат да откријат важни информации за структурата и функцијата на нашиот мозок

Резултатите од истражувањето укажуваат дека повозрасните луѓе на кои еден ден ќе им биде дијагностицирана Паркинсонова болест, веројатно ќе почнат да доживуваат ноќни мори неколку години пред да развијат карактеристични симптоми на болеста, како што се треперење, вкочанетост и забавено движење. Истражувањето исто така покажува дека нашите соништа можат да откријат важни информации за структурата и функцијата на нашиот мозок и дека може да се покажат како важен фактор за истражување на невронауката.

Тивки симптоми на Паркинсонова болест што не смеете да ги игнорирате: Овие 9 промени можат да укажуваат на заболување на мозокот!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.