Спиењето покрај мобилниот телефон може да влијае врз квалитетот на сонот, а сината светлина е главната причина за тоа
Мобилниот телефон е последното нешто што го погледнувате пред спиење и првото нешто што го земате во рака штом отворите очи?
Ако потврдно кимнавте со главата, не сте единствени. Во ерата постојана поврзаност, телефонот ѝ стана додаток на раката, па не е ни чудно што многумина буквално си легнуваат во кревет со него. Иако мобилниот нема да ве „озрачи“ до болест, експертите предупредуваат дека може сериозно да го наруши она најважното, а тоа е квалитетниот сон.
Да тргнеме од најголемиот проблем: зрачењето. Радиофреквентните бранови што ги емитуваат мобилните телефони спаѓаат во нејонизирачки зрачења, што значи дека не ја оштетуваат ДНК-та како рендгенските зраци. Големите здравствени институции наведуваат дека нема докази дека спиењето покрај мобилниот телефон го зголемува ризикот од рак. Па така, слободно можете да го отфрлите митото дека мобилниот ќе ви го „испржи“ мозокот.
Тоа не значи дека спиењето со мобилниот телефон не остава последици
Најголемиот проблем, всушност, е сината светлина. Екраните емитираат светлина која го потиснува лачењето на мелатонин, хормон задолжен за успивање. Кога пред спиење „скролате“ на социјалните мрежи, гледате видеа или одговарате на пораки, вашиот мозок добива информација дека е ден, а не ноќ. Наместо да се опушти, тој дополнително се стимулира. Резултатот? Ви треба подолго време за да спиете, сонот ви е плиток, а утредента се будите изморени.
И приказната не завршува тука. Дури и ако заспиете, мобилниот може да ве разбуди. Една вибрација, знак за известување или блесок од екранот среде ноќ можат да ја прекинат фазата на длабок сон.
Таквата фрагментација на сонот ги намалува неговиот квалитет и траење, а долгорочно го зголемува ризикот од покачен притисок, дебелеење, дијабетес и проблеми со концентрацијата.
Тука е и психолошкиот фактор. Кога телефонот е веднаш до перницата, потсвесно остануваме „на штрек“. Чувството дека мора да бидеме достапни го отнува комплетното опуштање. Многумина признаваат дека штом се разбудат среде ноќ, автоматски го проверуваат екранот. Тој маѓепсан круг предизвикува немир и го покачува нивото на стрес.
Затоа, експертите предлагаат едноставни, но ефикасни чекори. Држете го мобилниот телефон на растојание од барем еден метар од креветот, а идеално би било навечер воопшто да не биде во спалната соба. Воведете „дигитален полициски час“ и поминете го последниот час пред спиење без екрани. Наместо да „скролате“, одберете книга, топла бања, лесна музика или кратко истегнување.
Ако алармот ви служи како изговор дека телефонот мора да ви биде покрај главата, размислете за класичен будилник. Можеби звучи старомодно, но квалитетниот сон никогаш не излегува од мода.
На крајот од денот, пораките, мејловите и известувањата можат да почекаат. Вашиот сон не може. А добриот сон значи подобра концентрација, повеќе енергија и постабилно расположение уште наредниот ден. Можеби време е вечерва, макар за проба, да го оставите мобилниот телефон малку подалеку од перницата.
ФОТО: Unsplash