Познат кардиохирург навел 4 работи што треба да ги одбегнувате по 40. година за да го зачувате здравјето
Овие клучни информации ги споделил доктор Џереми Лондон од Џорџија во видео на ТикТок. Докторот, кој има повеќе од 25 години клиничко искуство како сертифициран кардиоваскуларен хирург, собрал повеќе од 2,6 милиони прегледи на своето вирално видео. Излегло дека првите две работи што е препорачливо да се одбегнуваат по 40. година, всушност, се однесуваат на сите возрасти.
Доктор Лондон предложил сите да се откажат од алкохолот и цигарите
„Ако навистина сакате да живеете долго, ограничете го или исфрлете го алкохолот“, објаснува тој на почетокот од видеото.
„Тој е токсичен за секоја клетка во телото“, продолжил.
Хирургот признал дека на некои луѓе може да им е тешко да исфрлат алкохолот и дека тоа е личен избор.
„Само бидете промислени“, предложил тој.
Слични ставови споделил и во врска со пушењето и користењето електронски цигари (вејп).
„Мислам дека никој не би спорел дека тоа е лошо за вас. Го зголемува ризикот од рак на белите дробови, срцев удар и мозочен удар. Немојте да користите вејпови, немојте да пушите“, рекол тој.
Одбегнувајте да го заменувате сонот за други активности
Ова е третата ставка на неговата листа на работи што треба да ги одбегнувате откако ќе наполните 40 години.
„Немојте да го менувате сонот за други активности“, предупредил тој, признавајќи дека тоа е нешто со што и самиот се бори.
Но докторот нагласил дека одморот е нешто на коешто луѓето навистина мораат да му дадат приоритет, особено со текот на годините.
„Одморот е многу важен во текот на целиот живот, но особено е важен како што старееме“, објаснил тој.
Одбегнувајте токсични луѓе
Последно, но не и најмалку важно, доктор Лондон апелирал до следбениците повозрасни од 40 години да одбегнуваат токсични луѓе.
„Фокусирајте се и негувајте ги односите со луѓето кои ви значат и кои ги сакате, бидејќи на крајот, тоа е она што навистина вреди“, споделил тој.
@drjeremylondon Avoid these things (before) and after you turn 40 years old #doctor #surgeon #lifehacks #longevity #fypシ ♬ original sound – Dr. Jeremy London, MD
Во коментарите многумина се согласиле со докторот, повторувајќи ги неговите совети.
„Откажувањето од алкохолот се чини тешко на почетокот, бидејќи многу е вкоренето во културата, но вреди да се исфрли/намали. Се подобруваат сонот, телото, кожата изгледа подобро. Нема мамурлак. Подобрување во секој поглед“, напишал еден човек.
Друг се надоврзал:
„Најмногу ми се допаѓа последната точка. Луѓето не сфаќаат колку штетна може да биде токсичната врска за здравјето.“
„Најважната точка за луѓето во САД е сонот. Луѓето се преоптоварени, а никој не го сфаќа тоа сериозно“, напишал некој друг.
Еден коментатор додал:
„Јас и мојот сопруг не пиеме, бидејќи едноставно не чувствуваме потреба или желба за тоа. Нашата кожа изгледа прекрасно.“