Варениот ориз може да стане погодна средина за размножување бактерии кои предизвикуваат труење со храна. Повторното загревање не гарантира дека ќе биде безбеден за јадење.
Варениот ориз не треба со часови да стои на собна температура, особено не цела ноќ. Причината е бактеријата Bacillus cereus, чии спори можат да преживеат вообичаено готвење.
Откако оризот ќе се свари и ќе остане на топло или на собна температура, спорите можат да се активираат, а бактериите да се размножуваат и да создаваат токсини кои предизвикуваат труење со храна. Некои од овие токсини се отпорни на високи температури, па повторното загревање не значи дека оризот повторно е безбеден.
Оризот може да изгледа сосема нормално, а сепак да биде опасен. Промените во мирисот, бојата или текстурата не се сигурен показател дека е безбеден за јадење. Затоа не треба да го пробувате за да проверите дали е исправен.
Како правилно да го чувате?
По готвењето, оризот треба да се излади што е можно побрзо, идеално во рок од еден час, а потоа да се стави во фрижидер или замрзнувач.
Наместо да го оставите во голем тенџере, поделете го во неколку помали и плитки садови. Така побрзо ќе се излади. Ако оризот останал цела ноќ на собна температура, најбезбедно е да го фрлите, а не да се обидувате да го спасите со загревање.
Правила за повторно загревање
Ако оризот бил правилно изладен и чуван во фрижидер, може повторно да се загрее. Важно е да биде жежок во целата количина, а не само на површината. При загревање во микробранова печка промешајте го за топлината рамномерно да се распореди. Не ја загревајте истата порција повеќе пати. Најдобро е однапред да ја одвоите количината што планирате да ја изедете.
Фото: Gemini_Generated_Image