Зошто отекуваат прстите: 7 најчести причини

Отечените прсти не треба да се игнорираат, бидејќи можат да бидат симптом на сериозен здравствен проблем.

Зошто ми отекуваат прстите? Дали треба да бидам загрижена? Најверојатно не. Прстите отекуваат од многу причини, од кои многу се безопасни. Меѓутоа, во некои случаи, отокот може да биде симптом на сериозно нарушување на здравјето. Еве некои од најчестите причини за отечени прсти и кога треба да посетите лекар.

1. Надвор е премногу топло
Топлината предизвикува проширување на крвните садови (вазодилатација), кои стануваат пропустливи, па дел од нивната течност може да истече во меките ткива и да предизвика оток. Во овој случај, вежбајте, мрдајте со прстите и измијте се со ладна вода. Доколку забележите дека ви се отечени само прстите на рацете, а не и прстите на нозете, и ако се болни, тоа може да биде знак дека не е само топлината виновна и дека треба да се консултирате со лекар.

2. Премногу сол
Солените грицки, мрсната и пржената храна може да предизвикаат отекување на прстите. Здравото тело одржува постојана рамнотежа меѓу сол и вода. Кога консумирате дополнителен натриум, телото компензира со задржување на повеќе вода, па се јавува оток. Вообичаено, малиот оток предизвикан од солена храна поминува сам по себе во рок од еден ден, но може да трае подолго во зависност од тоа колку сол сте внеле. Ако го ограничите внесот на сол и отокот не исчезне, посетете лекар.

3. Може да имате остеоартритис или ревматоиден артритис
Ако зглобовите на прстите ви се отечени, особено наутро, можеби е виновен остеоартритисот. Во овој случај, зглобовите не се само отечени, туку и болни и вкочанети. Ревматоидниот артритис (РА), исто така, може да предизвика оток и воспаление на зглобовите на прстите.

4. Одредени лекови предизвикуваат оток
Некои лекови може да предизвикаат отекување на прстите и на рацете. Тоа може да бидат лекови за крвен притисок, ОТЦ лекови против болки, лекови за дијабетес, стероиди и апчиња за контрацепција.

5. Синдром на карпален тунел

Кога нервот што оди од подлактицата до дланката е притиснат во зглобот на раката, тогаш се развива синдром на карпален тунел. Состојбата ги погодува жените шест пати почесто (до трипати) од мажите. Предизвикувачи може да бидат: повторена траума или повреди на зглобот, стрес на работа, неактивна тироидна жлезда и ревматоиден артритис. Синдромот на карпален тунел може да предизвика оток на прстите и обично е придружен со болка, печење, пецкање или вкочанетост во рацете.

6. Проблем со бубрезите
Ако бубрезите не успеат да го отстранат вишокот течност, телото ќе го задржи, што може да доведе до отекување на прстите. Едемот може да влијае на кој било дел од телото, но отокот обично се јавува на рацете, стапалата, глуждовите и долниот дел на нозете. Бубрезите, исто така, помагаат во регулирањето на електролитите во телото, така што секој вид бубрежна болест или бубрежен проблем може да влијае на овој процес. Хипертензијата и дијабетес тип 1 и тип 2 се некои од состојбите кои можат да ги предизвикаат овие проблеми со бубрезите.

7. Блокада во лимфниот систем
Лимфедемот е ретка болест која се јавува кога лимфната течност (која ги отстранува отпадот, бактериите и вирусите од телото) не циркулира како што треба. Во овој случај, отокот се јавува на нозете и рацете, а не само на прстите. Лимфедемот е поврзан со операција или зрачење во третманот на рак на дојка. Во ретки случаи, лимфедемот може да биде предизвикан и од абнормален раст во близина на лимфните јазли, што може да доведе до блокирање на течноста.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.