ЗДРАВО СРЦЕ, ЗДРАВА ЈАС! Првата посета на кардиолог би требало да биде на 20-годишна возраст, дури и ако немате ризик-фактори

А и помладите од 20 би требало да посетат кардиолог доколку имаат прекумерна тежина или фамилијарна историја на срцеви болести

Дали воопшто некогаш и сте посетиле кардиолог? Негативниот одговор на ова прашање се правда со возраста, но американскиот Национален институт за кардиоваскуларно здравје сугерира дека првата посета на кардиолог би требало да биде на 20-годишна возраст, дури и ако немате ризик-фактори, а и помладите од 20 би требало да посетат кардиолог доколку имаат прекумерна тежина или фамилијарна историја на срцеви болести.

Срцевото здравје во голема мера зависи од животниот стил, се советува: редовна физичка активност, здрава храна и опуштање, но научниците ни откриваат и нови корисни (и штетни) навики што влијаат на нашето срце…

1 ПРЕКУМЕРНИ РАБОТНИ ЧАСОВИ

Прекувремената работа е за секоја пофалба од страна на вашиот работодавец, но многубројните истражувања покажуваат дека лицата што работат 55 часа неделно се изложени за 33% поголем ризик од мозочен удар и за 13% поголем ризик од кардиоваскуларни болести во споредба со лицата што работат по 35-40 часа неделно.

Долгите работни часови, очекувано, го зголемуваат нивото на стрес и ги намалуваат можностите за спроведување здрави навики во исхраната и физичка активност, што може да го зголеми ризикот за појава на срцеви проблеми. Не можете да ја оставите работата незавршена? Тогаш барем потрудете се да станете од работната маса и да прошетате низ просторијата на секој половина час. Направете пауза од неколку минути и медитирајте. Или излезете на пауза за ручек и изедете нешто хранливо на проверено место.

2 ПОСВОЈТЕ КУЧЕ!

Кучето е домашно милениче корисно за нашето ментално и физичко здравје. Канадските истражувачи ги анализирале резултатите од десет студии и, врз основа на нив, заклучиле дека сопствениците на кучиња се изложени дури на 31% понизок ризик од смрт предизвикана од кардиоваскуларни болести. Сопствениците на кучињата обично почесто шетаат, што генерално го зголемува степенот на физичка активност, а дружењето со кучињата ги намалува крвниот притисок и нивото на стрес и ублажува депресија. Исто така, животот со куче го намалува ризикот од прерана смрт од која било причина за 24%.

3 КОРИГИРАЈТЕ ЈА РУТИНАТА НА СПИЕЊЕ

Од шест до осум часа квалитетен сон е од клучно значење за срцето. Меѓутоа, ако одите на спиење и се будите во различно време, тогаш бенефициите отсуствуваат. Истражувањата покажуваат дека најголем ризик од срцев или мозочен удар, како и од смртен исход како последица на кардиоваскуларни заболувања, е кај оние што немаат утврдено рутина за спиење.

Од друга страна, ако си легнувате и се будите во приближно исто време и си обезбедувате квалитетен сон, ќе бидете поодморени, ќе јадете подобро и помалку и ќе имате повеќе енергија за физичките и менталните активности.

4 ЗАШТИТЕТЕ ГИ НЕПЦАТА

Корејските истражувачи минатата година објавија откритие дека луѓето што ги мијат забите три или повеќе пати на ден поретко имаат проблеми со срцеви аритмии (за 10%), како и дека се изложени на помал ризик (за 12%) од застој на срцевата работа. Заболувањето на непцата е воспалителен процес, а атријалната фибрилација (аритмија) често е последица на повисок степен на воспаление. Со миење се отстранува забниот камен, кој е најчест причинител на воспаленијата во устата.

5 КАНАЛИЗИРАЈТЕ ЈА ЛУТИНАТА

Дали ве обзема лутина додека гледате/слушате вести? Внимавајте: афектот може да ви го загрози животот. Ризикот од срцев и мозочен удар достигнува највисока точка два часа по излив на бес, тврдат научниците. Чувството на бес активира продукција на адреналин и кортизол, а последично и покачување на крвниот притисок, забрзување на пулсот, стеснување на крвните садови и згрутчување на крвта – што се фактори на ризик за срцев удар.

Следниот пат кога ќе почувствувате лутина, излезете во прошетка или почнете да чистите. Движењето го потпомага разградувањето на хормонот на стрес и обезбедува побрзо враќање во нормална состојба.

6 ПОМАЛКУ СЕДЕТЕ, ПОВЕЌЕ ДВИЖЕТЕ СЕ!

Од сите движења што ги изведуваме додека ги извршуваме секојдневните активности, клекнувањата се покажаа како најкорисни. Причина? Истражувањата покажаа дека честото клекнување го поттикнува лачењето на специфичниот ензим што ги разградува триглицеридите заради енергија. И гледањето телевизија и миењето на забите се одлична можност за изведување клекнувања!

7 УЖИВАЈТЕ ВО КУПКИТЕ

Јапонските научници забележаа дека лицата што уживаат во купки од три до четири пати неделно се изложени за 25% на помал ризик од појава на коронарни болести во однос на луѓето што го прават тоа поретко. Зошто? Затоа што престојот во топла вода го намалува крвниот притисок и може да ја подобри функцијата на крвните садови.

8 НОВ РИЗИК: КОВИД-19

Со порастот на заболени од новиот коронавирус се појавија наводи дека ковид-19 може да оштети и други органи покрај белите дробови. Две нови студии објавени во стручниот магазин „ЈАМА кардиологија“ обезбедуваат повеќе нови сознанија дека „оваа инфекција не е само респираторна туку мултисистемска“ – вели д-р Ниека Голдберг, медицински директор на програмата за женско срцево здравје во Њујорк.

Во рамките на студиите се сугерира дека ризикот по срцевото здравје од ковид-19 би можел да биде резултат на директна инфекција и на срцевиот мускул или индиректно резултат на воспалителните процеси што се резултат на инфекцијата во телото, како што се крвните згрутчувања, кои предизвикуваат опструкции на артериите. Најзагрижувачки е што симптомите што се однесуваат на оштетување на срцевиот мускул може комплетно да изостанат.

Во оваа фаза од пандемијата се собираат нови податоци што би го објасниле влијанието на ковид-19 врз здравјето на срцевиот мускул.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.