УНИЦЕФ: 11 работи што мора да ги знаете за коронавирусот – заштитете се себеси, семејството и децата!

Треба да знаете!

Можеме заедно да го сопреме коронавирусот!

1. Што е новиот коронавирус?

Новиот коронавирус (CoV) е нов сој на Корона вируси, наречен Коронавирусна болест 2019 (COVID-19). CO значи корона, VI е за вирус и D за болест.

COVID-19 е нов вирус поврзан со истото семејство вируси, како што се тешкиот акутен респираторен синдром (САРС) и некои видови грипови.

2. Како се пренесува вирусот COVID-19?

Преку директен контакт со респираторни капки од заразено лице (настануваат при кашлање и кивање) и со допирање површини што се контаминирани со вирусот. COVID-19 е вирус што може да преживее на површина неколку часа, но едноставни дезинфекциски средства можат да го убијат.

3. Кои се симптоми на коронавирус?

Симптомите може да бидат покачена температура, кашлица и недостиг на воздух. Во потешки случаи, инфекцијата може да предизвика воспаление на белите дробови или отежнато дишење. Поретко, болеста може да биде фатална.

Овие симптоми се слични на симптомите на грип или настинка, кои се многу почести од COVID-19. Затоа, тестирањето е неопходно за да се утврди дали некој навистина има коронавирус.

Клучните мерки за превенција се исти: зачестено миење раце и хигиена на дишење (покријте ја устата со лакт или марамче при кашлање или кивање, а потоа марамчето фрлете го во корпа за отпадоци). Постои и вакцина против грип, па затоа важно е да го следите календарот за вакцинирање за себе и за децата.

4. Како да одбегнеме ризик од инфекција?

Ова се четирите основни мерки на претпазливост што можете да ги преземете вие и вашето семејство за да ја одбегнете инфекцијата:

  • Често мијте ги рацете со сапун и вода или бришете ги со влажни марамици на база на алкохол.
  • Покривајте ги устата и носот со свиткан лакт или марамче, употребувајте марамче кога кашлате или кивате, а потоа искористеното марамче фрлете го во затворена корпа за отпадоци.
  • Одбегнувајте близок контакт со сите што имаат симптоми на настинка или грип.
  • Одете на доктор доколку имате покачена температура, кашлате или отежнато дишете.

5. Дали треба да носите медицинска маска?

Употреба на медицински маски се советува доколку имате респираторни симптоми (кашлица, кивање), првенствено за да ги заштитите другите. Ако немате никакви симптоми, нема потреба да носите маска. Доколку носите маска, важно е правилно да ја користите и вадите за да може ефикасно да ве заштити и за да одбегнете зголемен ризик од пренесување на вирусот.

Употребата на маска сама по себе не е доволна за спречување на инфекцијата и мора да се комбинира со често миење раце, покривање на устата при кашлање и кивање, одбегнување близок контакт со кој било што има симптоми на настинка или грип.

6. Дали COVID-19 влијае врз децата?

Ова е нов вирус и се’ уште не се знае доволно за тоа како влијае врз децата и трудниците. Се знае дека возможно е луѓе од која било возраст да се заразат од вирусот, но досега имало релативно малку пријавени случаи на COVID-19 кај деца. Вирусот е смртоносен во ретки случаи, засега главно кај повозрасни луѓе со хронични болести.

7. Што да правите ако вашето дете има симптоми на COVID-19?

Побарајте лекарска помош, но имајте на ум дека е сезона на грип на Северната хемисфера. Симптомите на COVID-19, како кашлица или грозница, може да бидат слични на симптомите на грип или настинка кои се многу почести. Продолжете да одржувате редовна хигиена на рацете и дишните патишта. Како и кај другите респираторни инфекции, како грипот, на самиот почеток побарајте медицинска помош, доколку вие или вашето дете имате некој од симптомите. Одбегнувајте одење на јавни места (на работа, на училиште, користење јавен превоз) за да го спречите ширењето на другите.

8. Што да правите ако член на семејството покаже симптоми?

Доколку вие или вашето дете имате температура, кашлате или отежнато дишете, треба што побрзо да побарате медицинска помош. Навреме известете го вашиот лекар доколку сте патувале во подрачје заразено со COVID-19 или ако сте биле во близок контакт со некој што патувал во овие подрачја и има респираторни симптоми.

9. Дали вашето дете треба да остане дома?

Доколку вашето дете има симптоми, најпрво побарајте медицинска помош и следете ги упатствата на лекарот. Како и кај другите респираторни инфекции, како грипот, вашето дете треба одмора дома се’ додека има симптоми и да одбегнува одење на јавни места за да ги заштитите другите од ширење на инфекцијата.

Доколку не се објавени совети за јавно здравје, други релевантни предупредувања или официјални совети што се однесуваат на одење на настава, а вашето дете не покажува симптоми како што се грозница или кашлица, најдобро е вашето дете да оди на училиште. Наместо да ги држите децата надвор од училиште, научете ги како правилно да одржуваат хигиена на раце и дишење на училиште и на други места. Тоа вклучува редовно миење раце, покривање на устата при кашлање и кивање со свиткан лакт или марамче, кое потоа по употреба треба да се фрли во затворена корпа за отпадоци, да не се допираат очите, устата и носот.

10. Можат ли трудниците да го пренесат коронавирусот на неродените деца?

Во овој момент нема доволно докази што би потврдиле дали вирусот се пренесува од мајката на бебето за време на бременоста. Ова се истражува моментално. Трудниците би требало да се придржуваат до соодветните мерки на претпазливост за да се заштитат од изложеност на вирусот и веднаш да побараат лекарска помош доколку им се појават симптоми, како покачена температура, кашлица или отежнато дишење.

11. Дали е безбедно мајката да дои доколку е заразена со коронавирус?

Сите мајки во ризичните области кои имаат симптоми како зголемена температура, кашлица или отежнато дишење, треба веднаш да побараат лекарска помош и да ги следат упатствата на лекарот. Земајќи ги предвид предностите на доењето и безначајната улога на мајчиното млеко во пренесувањето други респираторни вируси, мајката може да продолжи да дои, применувајќи ги сите неопходни мерки на претпазливост.

За симптоматичните мајки кои се доволно добри за доење, тоа значи задолжително носење маски во близина на детето, за време на хранењето, миење раце пред и по контакт со детето (вклучувајќи го и хранењето) и чистење/дезинфекција на контаминираните површини. Ова би требало да се применува во сите случаи кога некој со потврден или можен COVID-19 комуницира со други, вклучувајќи ги и децата.

Ако мајката е премногу болна, би требало да се го испушта млекото и да му го дава на детето со чиста шолја или лажичка, притоа применувајќи ги мерките за заштита од инфекцијата.

Сакате да дознаете повеќе за симптомите на овој вирус? Прочитајте ги овие исповеди на луѓе што прележале коронавирус!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.