Спречете артритис со правилен избор на намирници

Дебелината може да биде причинител за појава на артритис, па стручните лица предлагаат како да го спречите развојот на оваа болест со помош на правилна исхрана

Основно правило до кое треба да се придржуваат заболените од артритис е одржување на идеалната телесна тежина за да не ги оптоваруваат болните зглобови на рацете и на нозете.

Артритисот, особено на колена, грб и на колкови, најчесто се појавува кај дебели лица бидејќи прекумерната телесна тежина предизвикува дегенеративни промени на зглобовите на карлицата, ‘рбетниот столб и на стапалата.

Откако линијата ќе се доведе во ред, исчезнува и опасноста од појава на непријатните болки. Поради артритисот доаѓа до нарушување на распоредот и на рамнотежата на калциумот во организмот, бидејќи тој се собира главно во оштетените зглобови наместо рамномерно да се распореди од крвта во сите делови на телото.

Со текот на времето, калциумот зацврстува до таа мера што ги деформира коските. Имајќи предвид дека тој процес е придружен со силни болки, препорачливо е консумирање белковини од пилешка ‘рскавица, како и масло од риба и од лен бидејќи се одлични антиоксиданти.

Народната и современата медицина сметаат дека маслото од риба, односно незаситените омега-3 и омега-6 масни киселини можат да ги намалат симптомите на ревматоиден артритис. Од друга страна, најважна житарка за ревматичарите е елдата, бидејќи ги регулира крвниот притисок и маснотиите во крвта, ја подобрува работата на бубрезите, а ги зајакнува и меморијата и концентрацијата.

Недостиг на селен влијае за формирање слободни радикали, кои можат да предизвикаат болки и отоци, па експертите советуваат консумирање намирници богати со оваа состојка – домати, лук, прокељ, зрна, туна…

Витаминот Б3 придонесува за поголема подвижност на зглобовите, па затоа потребно е да се јаде риба, посно месо, грашок и млечни производи, а мешунки, пченка, пилешко, авокадо и зелен листен зеленчук, кои се богати со витамин Б6, ќе ги намалат болките и ќе ја обноват еластичноста на рамениците, лактите и на колената.

Сокот од домати изобилува со минерали кои им се потребни на коските и на ‘рскавиците, а можат да помогнат и сокот од моркови, рдокви, како и расолница од кисела зелка.

Важно е да се истакне дека лицата со оваа дијагноза би требало да избегнуваат рафинирани намирници, како што се бел шеќер, производи од бело брашно, конзервирана храна со додатоци на хемиски конзерванси, слатки, газирани пијалаци и алкохол.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.