Како да ја заштитиме кожата и да ги препознаеме навреме ризиците разговаравме со д-р Софија Гугова, дерматолог во ЈЗУ Општа болница – Гевгелија.
Ракот на кожата е најчестата форма на рак во светот и приоритетен глобален јавно-здравствен проблем. Во нашата земја, кожните карциноми се исто така во алармантен пораст, што е во согласност со светските трендови. Тие претставуваат единствени карциноми што може да се откријат со голо око и на тој начин да се дијагностицираат во рана фаза на развој.
Ракот на кожа настанува со неконтролиран раст и размножување на клетките на кожата. Секој човек има невуси на кожата и тие се дел од нормалното растење и стареење на организмот. Сепак, понекогаш тие може да претставуваат знак за посериозно оштетување на кожата.
ФАКТОРИ НА РИЗИК
Ризикот за развој на рак на кожа често се наследува. Генетските фактори на ризик, како што се бојата на кожата и присуството на рак на кожа во семејството, не можат да се променат. Сите индивидуи кои знаат за случаи на заболени од рак на кожа во своето семејство и имаат тип кожа што носи поголем ризик за развој на истиот треба да преземат мерки на претпазливост и еднаш годишно да одат на преглед кај дерматолог.
Многу важен фактор на ризик за развој на рак на кожа е изложеноста на сончева светлина и УВ-зраци од други вештачки извори како солариуми (најважен фактор кој може да се спречи).
Светските климатски промени и промените во животниот стил на луѓето влијаат на сè позачестената појава на ракот на кожата. Истенчувањето на озонската обвивка и поголемата популарност на намерното сончање доведува до прекумерна изложеност на ултравиолетово зрачење.
Темниот тен е само знак на оштетување на кожата што има силна меморија за изложеноста на ултравиолетовото зрачење во текот на животот. Со текот на годините акумулираните оштетувања на клетките не можат да бидат поправени и по неколку или повеќе години може да доведат до развој на рак на кожа.
Зголемен ризик за добивање рак на кожата имаат луѓе: кои имаат фамилијарна историја на рак на кожа, со светла кожа или се предиспонирани да изгорат на сонце, со изгореници во текот на детството, кои престојуваат на сонце долго време (професија или хоби), кои се изложени на интензивно сонце во краток временски периоди (на одмор), кои користат солариуми, кои имаат повеќе од 50 бенки.
Епидермални преканцерози се класифицираат во:
- Соларни (актинични) кератози
- Кутан рог (Cornu cutaneum)
- Ширечко пигментни актинични кератози
- Лихеноидни АК
- Бовеноидни АК
- SCCIS (бовенова болест)
- Арсенични кератози
- Катрански кератози
- Кератози кај хроничен радијациски дерматитис

ЗА НАЈЧЕСТИТЕ НЕМЕЛАНИНСКИ КАРЦИНОМИ НА КОЖА
Сквамоцелуларниот или SCC на кожата е малиген тумор на кератиноцитите, кои потекнуваат од епидермисот. Обично потекнува од преканцерозите, кои ги спомнавме погоре. Во зависност од својата диференцијација се менува и неговата агресивност. Се јавува кај постарата популација, над 55 годишна возраст, но во одредени делови на светот се јавува и во 20-тите и 30-тите години од животот (Австралија, Нов Зеланд, Калифорнија).
Кои било изолирани кератотични или еродирани папули или плаки кои перзистираат повеќе од еден месец, се карцином додека не се потврди спротивното. Исто треба, да се смета за карцином и нодус кој евалуирал во плака, како и хронично еродирана промена на долната усна или на пенисот, како и на границата на хроничниот венски улкус или радијациски дерматитис.
Типови:
високодиференциран – со знаци на кератинизација, цврсти на палпација
и слабо диференцирани – без знаци на кератинизација, изгледаат месесто, меки на палпација.
Базоцелуларен или BCC e најчест карцином кај луѓето. Предизвикан од УВЗ, кај фототипови I и II, анамнеза за интензивно сончање во младоста ја прави кожата поподложна на BCC. BCC e локално инвазивен, агресивен, деструктивен, но со бавен раст, ограничена тенденција за метастази (буквално нема).
Дистрибуција: >90 % се јавува на лице, очни агли, назолабијални бразди, уши, капилициум…
Кутаниот меланом е најмалигниот малиген тумор на кожата. Потекнува од меланинска трансформација на меланоцитите на дермо-епидермалната јункција или од невомеланоцити од диспластични меланоцитни невуси или КНМН, кој станал инвазивен.
Класификација на меланомот:
- De novo меланом и негови типови се:
Меланома ин ситу
Лентиго малиген меланом
Површинскоширечки меланом
Нодуларен меланом
Акрален лентигинозен меланом
Меланом на мукози
Дезмопластичен меланом
- Меланом кој потекнува од прекурзори и негови типови се:
Меланом што потекнува од конгенитални невуси
Меланом што потекнува од обични невуси (веќе постоечки)
Етиологија и патогенеза: Епидемиолошките студии ја демонстрираат улогата на генетската предиспозиција и изложувањето на сонце во развојот на меланомот. Главните гени одговорни за развој на меланомот се наоѓаат на 9п21 хромозом. 40% од членовите на фамилиите склони кон меланом имаат мутации на инхибиторот на циклин зависната киназа 2А и неколку фамилии имаат циклин зависна киназа 4.
Епидемиолошките студии има убедливи докази дека сончевото зрачење е главна причина за појава на меланом.
Фактори на ризик се: генетски фактори, тип кожа (I/II), фамилијарна анамнеза за диспластични невуси, лична анаменза за меланом, изгореници во детството и повремени горења при сончање, број > 50 и големина > 5 мм, конгенитални невуси, број на диспластични невуси > 5, дисплатичен меланоцитен невус синдром.
ШЕСТ ЗНАЦИ ЗА МЕЛАНОМ – ПРАВИЛО ABCDE
A – asimetry – едната половина се разликува од другата
В – border – рабовите се неправилни назабени
С – color – повеќе нијанси на кафена, сина, сива, црвена и бела
D – diameter – поголема промена од 0,6мм (ugly duckling знак на грдо пајче)
Е – evolution, elevation, enlargement

ВАЖНО!
За дијагноза, златен стандард е дермоскопијата.
Единствена терапија за меланом е рана хируршка ексцизија.
Прогноза: може да биде или одлична или смртна, во зависност од тоа кога е дијагностициран, дали и кога се јавиле регионални или далечни метастази.
Затоа раната дијагноза, деталната анамнеза за ризиците од меланом, скринингот на група на пациенти со зголемен ризик и детален преглед на цело тело.
Основно и најважно е пациентите да ја познаваат сопствената кожа. Се советуваат редовни самопрегледи на кожата на целото тело, за што е потребно едно големо огледало, мало рачно огледало и добро осветлена просторија. Пациентите треба да научат како да го изведуваат самопрегледот и да внимаваат на деловите од телото како грбот, задната страна на надлактиците и надколениците, косматиот дел на главата, ноктите, гениталиите, дланките, стапалата, усната празнина.
Еуромелнома е европска иницијатива насочена кој превенција и рана детекција и едукација за карциномите на кожа. Оваа организација е почната од дерматолози кои организираат бесплатни дерматолошки, поточно дермоскопски прегледи, најчесто во мај заради подигање на свеста за опасноста од сончевото зрачење, едуцира како да се препознаваат сомнителни промени и поттикнува самопрегледи.
Текст: Убавина и здравје